Со лажен идентитет, измами стотици Македонци: Кој е Денис Чоковиќ?
Кој е Денис Чоковиќ? Човекот кој се претставува како сопственик на фирмата „Нахил“
има лажен идентитет, дознава Канал 5. МВР на Република Српска преку Интерпол истражува кој е овој човек.
-Ова лице, односно сопственикот на таа фирма,
искористил фалсификат документи за издавање на лични документи. Така да во меѓувреме е извршено поништување на неговите лични документи, а сега сме во фаза тие да се истакнат на нашата веб страна за да се истакне дека се работи за лажен, присвоен или украден идентитет, изјави за Канал 5, Гојко Васиќ, директор на полицијата на Република Српска.
Босанската полиција откри дека
пасошот и личната карта му се фалсификат. Наводно
му биле издадени во Црна Гора, а со нив ги отворил фирмите во Бања Лука во Босна и во Скопје. Босанското обвинителство отвори истрага.
-Против Н.Н. лице кое се претставува како Чоковиќ Денис, поради кривично дело фалсификување на документи, измама и стопански злоупотреби. Предметот е во фаза на истрага, вели Мира Милетиќ, портпарол на Обвинителството на Бања Лука.
И додека и во Македонија полицијата му поднесе кривична пријава за измама, Денис Чоковиќ или лицето кое така се претставува, и натаму тврди дека за се има одговор и оти работниците ќе заминат на работа во Катар.
-Тоа не е вистина. Јас доаѓам за петнаесет дена таму, па ќе се увериме во поинаква вистина, изјави човекот кој се претставува како Денис Чоковиќ.
Убедлив е во своите лаги и луѓето упорно му веруваат во неговата добро смислена измама.
-Ние сто посто одиме. На 25 одиме за Катар. А вие за Нова Година ќе ми бидете таму гостинка, изјави Благој Гајдов, еден од измамените граѓани.
Идентитетот му е лажен, а сега се отвора и приказната за валидноста на фирмата Нахил. Чоковиќ со фалсификувани документи отвори канцеларии во Бања Лука и во Скопје и измами над 650 луѓе. Им зеде од 200 до 400 евра, а тие останаа и без пари и без работа.
Трагата на парите засега води во две банки, каде Чоковиќ отворил сметки. Рајфајзен и Фолкс Банката. Сметката во Фолкс деновиве му е блокирана. Канал 5 веќе еден месец ја истражува оваа приказна од која секојдневно се откриваат нови детаљи, кои како да се сценарио од криминалистички филм. Отишол дотаму да земе нов идентитет само за да дојде до пари.
Маја Јовановска
http://kanal5.com.mk/default.aspx?mId=37&eventId=66266