Иванов ги повика Македонците од Албанија да се обединат
Единство за поголем број, соработка за остварување на стратешките цели. Претседателот Ѓорге Иванов, во Тирана ги собра на заедничка маса, сите здруженија и политички претставници на македонското малцинство, со една единствена порака.
До остварување на комплетните права за едно малцинство, најзначајно е неговото единство и заеднички настап пред државните институции во Албанија. Само на тој начин, македонското малцинство ќе ги постигне своите стратешки цели, но и развој на регионите во кои живeат.
- За нас е важно доаѓањето на претседателот на Македонија и тоа што почна да се зборува отворено и јавно со премиерот и претседателот на Албанија за проблемите на овдешните Македонци, кои тука се признати само во Мала Преспа, во општина Пустец, а секој што е надвор од ова место не се води како Македонец и не ужива права. Се надеваме дека со овие билатерални средби, конечно ќе се реши тој проблем и Македонците во Голо Брдо и Гора да бидат признати како Македонци од официјалните власти во Албанија и да ги имаат правата на Македонците во Мала Преспа, изјави по средбата Едмонд Темелко, претседател на МАЕИ и градоначалник на Пустец.
Подигањето на претседателско ниво на разговорите, за Македонците е значаен момент.
Гледаат охрабрување во изјавата на Претседателот, Бамир Топи по средбата со Иванов, дека тој гарантира оти никој нема да ги спречи македонците непречено да се изјаснат на претстојниот попис.
- Претседателот Топи првпат се произнесе за пописот во Албанија и тоа го сметаме како охрабрување за сите малцинства. Тие тоа го коментираат позитивно зашто Топи ги осуди ултранационалистите кои секојдневно протестираат и не сакаат да има попис со етничка графа во формуларот, не само за Македонци, туку и за други малцинства, и се плашат Албанија да не излезе мултиетничка држава, рече Васил Стерјовски од Македонската Алијанса.
Главен проблем сега е регионот Голо Брдо и Гора. Реализацијата на граничниот премин со Македонија, ќе го олесни сегашниот мизерен живот на тамошните жители.
- Условите се многу тешки зашто немаме инфраструктура во делот на Голо Брдо и затоа македонското население оттаму се има преселено во градовите низ Албанија. Затоа најважен сега ни е граничниот премин Џепиште – Требишта, со кој сите маки во тој регион ќе завршат, рече Едмонд Османи, потпретседател на МАЕИ и одговорен за огранокот на партијата во Голо Брдо.
Дводневната посета на Иванов на Албанија, резултираше со уште една гаранција на албанските власти. Македонскиот лекторат на тиранскиот универзитет, ќе прерасне во катедра за македонски јазик.
- Тоа ќе биде од интерес за Македонците и за зачувувањето на јазикот како најважна одлика на нивниот идентитет. Лекторатот постои 15 години и во моментов има 73 студенти кои изучуваат македонски јазик како изборен предмет - изјави Валентина Нестор – лектор по македонски на Универзитетот во Тирана
.
Македонската алијанса за европска иднина е единствениот политички субјект на македонците во Албанија. Доколку македонското малцинство не остане компактно, постои голема можност, на претстојните локални избори во мај, да се прокоцка шансата за освојување на уште едно градоначалничко место во Голо брдо.