И најголемата сала е претесна за Тоше
„Со хуманост до светлината“ - концерт во чест на Проески што се одржа завчера во преполната сала „Борис Трајковски“
Катерина Шекеровска
Воздишки, солзи, трепет и чувство на празнина останаа по концертот во чест на Тоше Проески. Околу 10.000 обожавателите завчеравечер во спортската сала „Борис Трајковски“, ден порано дојдоа да му го честитаат 29. роденден и да бидат дел од хуманитарниот концерт „Со хуманост до светлината“ што се одржа во спомен на македонската пејачка легенда.
Физички отсутен, но духовно присутен во сите срца и мисли на илјадниците обожаватели во салата, а со посредство на ТВ-камерите и во домовите на над 25 милиони гледачи, Тоше Проески беше насекаде околу нас - преку авторските композиции, специфичните текстови, слики, видеопораки...
Албумот со авторска музика „Тоше и пријателите - Још увијек сањам да смо заједно“ што беше промовиран непосредно пред концертот ги обедини најголемите ѕвезди од регионот: Аки Ракимовски, Борис Новковиќ, Нина Бадриќ, Тони Цетински, Јелена Томашевиќ, Бојан Маровиќ, Калиопи и Елена Ристеска, кои својата концертна промоција ја имаа токму пред публиката во салата „Борис Трајковски“. А пред и официјално да започне нивната изведба, публиката ги разнежнија звуците и стиховите од песната што Тоше ја подготвувал за Хрватски радиски фестивал и ја отпеал во студиото на Мирослав Рус, насловната нумера од новиот албум „Још увијек сањам да смо заједно“. Неговиот глас, изведба, спот за песната уште еднаш не' потсетија на суровата реалност и сознанието за загубата на непроценлив вокал кому му претстоеше светската слава. „Не постои мајка на светот што не би посакала да има син како Тоше“, го цитираше Игор Џамбазов еден од водителите, првиот гостин - Аки Ракимовски, кој пееше „Касно је за све“, посветувајќи ја песната „За мојот Тоше, за мојата Македонија“. Испратен со аплаузи, концертот продолжи со настапот на Калиопи и песната „Засекогаш“, а на сцената подоцна се појавија и Борис Новковиќ, Бојан Маровиќ, Јелена Томашевиќ, Нина Бадриќ... Во меѓувреме, на видеобим се пуштаа снимки од Тоше во манастирот „Св. Преображение“, се прочита пораката од Мирослав Рус, беа промовирани и видеоспотовите за темите од англискиот албум „Guilty“ и „Forever in a Day“, а водителите (покрај Џамбазов ги видовме и Далибор Петко (Хрватска), Милан Калиниќ (Србија) и Дражен Бауковиќ (Црна Гора) читаа извадоци од книгите на жалост што ги запишувале обожавателите на неговото вечно почивалиште на Гумење во Крушево. „Сите се тешиме со песна, но утеха нема. Ми недостасува Тоше, ми недостасува физички да го гушнам“, емотивно додаде Тони Цетински, кој ја пееше нумерата „Заједно“. „Те сакаме и ќе те сакаме“, емотивно изјави Елена Ристеска, една од гостинките на албумот, по која следуваше настапот на децата од музичкиот кабинет од ОУ „Никола Карев“ од Крушево, меѓу кои и внукот на Тоше, Кристијан Ристески, кои во инструментална верзија ја исполнија автобиографската тема на Тоше „Цреша“. Тоа беше еден од особените моменти на концертот во кој публиката наизуст ги пееше стиховите...
Покрај гостите на албумот „Тоше и пријателите“, на завчерашниот концерт по 24 години отсуство се појави и Оливер Мандиќ, една од најголемите бивши ЈУ-ѕвезди, кој специјално му посвети песна на Тоше - „Пробуди се на час“. Тој настапи во придружба на Гаро и браќата Тавитјан, со Беби Дол како придружен вокал и со Жељко Митровиќ, сопственик на ТВ Пинк, на бас гитара. Концертот заврши со доделување плакети за хуманост на сите учесници од страна на организаторот, меѓународната фондацијата „Тоше Проески“ и изведбата на песните „Игри без граници“ и „Тајно моја“ во придружба на околу 10.000 грла присутни во салата.
Со одржувањето на вториот едноподруго хуманитарен концерт се исполни уште една желба на Тоше - електрификација на манастирот во Крушево „Св. Преображение“, како и почеток на изградбата на 33-метарскиот крст во близина на црковниот храм.
Борис Новковиќ: Живот по животот
„Кога ја добив песната на Тоше, беше во форма на скица, идеја и некако успеав да ја приведам до крај, а се надевам дека ја најдов вистинската трага. Му дадов љубовно- духовна смисла на текстот, во него се зборува за некој живот по животот, нешто што сите не' интересира. Чувствувам позитивна трема и блага одговорност дали песната ќе и' се допадне на публиката“.
Оливер Мандиќ: Се чувствувам очајно
„Балканот изгуби пејач, кој сигурно би направил светска кариера, особено што е роден во една држава во која живее најмузикалната нација на Балканот. Ја следев неговата работа, без разлика на тоа што 24 години не се занимавав со музика. И во текот на моите 56 години Тоше е нешто што го доживеав како најубаво суштество на светот, а да не зборуваме за неговото пеење. Токму затоа по трагичниот настан, за да ги испочитувам своите чувства и да ја утврдам вистинитоста, морав да го направам овој чин и да му посветам песна. Единствено ми е жал што не го запознав и што морав на овој начин да го испочитувам. Песната, текстот се нешто што тешко се издржува. Марина Туцаковиќ (н.з. текстописец на „Пробуди се на час“), исто така, загуби син и сето тоа се собра заедно со мојата желба да му оддадам чест и љубов на Тоше. Се чувствувам очајно затоа што го нема Тоше“.
Песната на Тоше Guilty доби најмодерен спот на Балканот
Видео-спотот за песната Guilty од албумот на Тоше Проески издаден на англиски јазик, е изработен со најнова ХД технологија, најмодерна видео-изработка кoја се користи во Холивудските продукции Motion capture и Motion tracking. Слични снимања се видени во филмовите на Space Jam и Jurassic Park.
Спотот го изработи продукцијата Урбан Звук која е позната по соработка со светски брендови и топ-изведувачи како што се Шакира и Бијонсe.
Работен е во Њујорк, Виена и Загреб, а финансиски го поддржа ЕВН Македонија. Овој високо професионален спот достоинствено ќе го презентира ликот и делото на Тоше Проески.
Промоцијата на спотот ќе биде на концертот на 24. Јануари 2010 година.
http://www.youtube.com/watch?v=1wP4fG1I-jw&feature=related
Песната „Још увек сањам да смо заједно“ е, ни помалку ни повеќе, воена тајна, скриен адут на новиот двоен албум со авторски песни на Тоше Проески, вели нејзиниот автор Мирослав Рус во интервју за хрватската ТВ Нова
Всушност, таа е последната песна што ја сними нашата најголема ѕвезда пред трагедијата кај Нова Градишка. Тоа е единствената песна од двојниот албум што не е негова авторска и единствената на која повторно ќе се слушне неговиот глас.
Освен оваа песна, првото цеде од двојниот албум ќе содржи песни за кои музиката е ја напиша Тоше, а кои ги доработија неговите соработници. Текстовите се дело на Мирослав Рус, Марина Туцаковиќ, Борис Новковиќ, Јелена Трифуновиќ, Снежана Поповиќ и Соња Буљан, додека аранжманите ги потпишуваат Никша Братош, Тихомир Прерадовиќ, Дарко Јурановиќ, Д’ Нок, Миро Буљан и Алек Алексов. Ги изведуваат пејачи со кои Тоше соработувал, со кои планирал да сними дует или на кои им ветил дека ќе им напише песна - Калиопи, Тони Цетински, Нина Бадриќ, Аки Рахимовски, Бојан Маровиќ (наместо најавениот Хари Варешановиќ), Борис Новковиќ, Елена Ристеска и Јелена Томашевиќ. Второто цеде, пак, ги содржи инструменталните верзии на истите песни.
- Имаше и солзи и тага додека ги снимавме песните - додава Рус.
Во истото интервју зборува и Љиљана Петровиќ, менаџерката на Тоше, која вели дека и нејзе, и на Славен Ристески, зетот на Тоше и претставник од семејството што учествува во работата на проектот, им било многу тешко и им требало многу време за да се осмелат да го преслушаат материјалот што македонската ѕвезда го остави зад себе. Таа открива дека во компјутерот на пејачот има уште осумдесетина песни, работени пред две, три, пет години, и кои допрва треба да бидат доработувани и објавувани.
- Мислам дека семејството сето тоа добро ќе го распореди за да им даде доволно на луѓето и да го одржи имиџот на Тоше на врвен уметник - вели Петровиќ, која вели дека времето го поминува на својата плантажа со лаванда, занимавајќи се со производство на етерични масла.
Новите песните својата премиера ќе ја имаат на 24 јануари на концертот во негова чест, насловен „Со хуманост до светлината“, на кој ќе се собираат средства за осветлување на манастирот „Свето Преображение“ во Крушево. Билетите по цена од 250 денари веќе се во продажба. Албумот ќе се најде во продажба од денот на роденденот на Тоше, 25 јануари.