http://www.dnevnik.com.mk/?ItemID=A6EFCD4C3A63CC4DBBBAA069A0F4EE7A
За мечот со Либија ќе има и четворица дебитанти
Настапот на македонската фудбалска репрезентација на последниот контролен натпревар за годинава, во Трипили на 22 декември, против домашната селекција на Либија ќе биде шанса за повеќемина дебитанти да се наметнат кај селекторот Мирсад Јонуз. На списокот, кој селекторот Јонуз треба да го обелодени денеска, покрај стандардните интернационалци ќе се најдат и четворица дебитанти кои настапуваат во странство: Златко Таневски (Лех- Полска), Горан Тодорчев (Осиек- Хрватска), Менсур Куртиши (Магна - Австрија) и Ристе Наумов (Славија -Чешка).
- Конечниот список ќе го комплетираме во текот на денот, откако ќе ги направиме последните консултации со сите кандидати кои викендов имаа клубски обврски. Овој натпревар ќе биде можност за повеќемина кандидати кои имаат забележителни настапи во континуитет за своите екипи да добијат шанса да се наметнат и во државниот дрес, вели Јонуз.
Бранителите Таневски и Тодорчев беа репрезентативци во тимот до 21 година во времето кога Јонуз го предводеше овој тим, а претходно во оваа селекција државниот дрес го облекуваше и напаѓачот Наумов.
Покрај новите „странци“ не е исклучена можноста бројот на дебитантите да биде зголемен и меѓу домашните кандидати каде место на последните натпревари си обезбедија: Даниел Мојсов, Бесарт Ибраими, Глигор Глигоров, Душан Савиќ, Кристијан Наумовски.