ХАШКИОТ ТРИБУНАЛ ЌЕ РАСПРАВА ЗА ЖАЛБАТА НА ТАРЧУЛОВСКИ
Јохан денеска ќе ја докажува невиноста
Јохан Тарчуловски заедно со неговиот адвокатски тим денеска пред судот во Хаг ќе ги образложува 15-те точки од жалбата со која се бара негово ослободување од 12-годишната казна затвор. Адвокатскиот тим на Тарчуловски, предводен од Американецот Ален Дершовиц, смета дека ќе успее да докаже дека Јохан е невин и тој да добие ослободителна пресуда, иако казната изречена од Трибуналот е висока. Пресудата е обжалена по повеќе основи и целта е да се докаже дека трите лица кои загинаа во селото Љуботен при полициската акција во конфликтот во 2001 година, всушност биле припадници на ОНА. Дершовиц смета дека првиот и главен аргумент, кој треба да биде потенциран пред Трибуналот, е дека тој нема јурисдикција врз овој случај.