НА СВЕТСКИОТ ДЕН НА ТОЛЕРАНЦИЈАТА
Невладините ќе ја бранат геј-популацијата Маршот за поддршка на правата на геј-популацијата во земјава ќе се одржи на 16 ноември, Светскиот ден на толеранцијата на Обединетите нации, а ќе го организира Хелсиншкиот комитет за човекови права. Граѓаните што ги поддржуваат човековите права на маргинализираните групи ќе поминат низ центарот на Скопје, потврди организаторот. Маршот за граѓанската поддршка на Светскиот ден на толеранцијата се очекува да го поддржи и Ерван Фуере, амбасадор на Европската унија во земјава. - МАССО ќе биде дел од манифестацијата за поддршката за уживање и заштита на правата на геј-популацијата, како манифестација на толеранцијата и на зрелоста за почитување на правата на човекот, без дискриминација на сите основи - вели Кочо Андоновски, претседател на граѓанската организација на хомосексуалната ориентација. Граѓанскиот сектор предупредува дека на собири од овој тип можни се насилни реакции од страна на екстремни конзервативни групи. - Одговорност на власта, освен чувањето на редот и мирот на маршот, ќе биде и превенцијата од насилство. Преку широка медиумска акција за промовирање на правата на геј-популацијата треба да се побара почитување на нивните права, но и прифаќање на различноста - вели Жарко Трајановски, претседател на невладината „ХОПС - опција за здрав живот“. Припадниците на геј-популацијата кои ќе учествуваат на маршот на Светскиот ден на толеранцијата очекуваат да бидат на удар на традиционалистите. - Вкоренетата хетеропатријархална матрица на однесување кон оваа популација, што ги отсликува конзервативните сфаќањата и постојните традиционални вредности, заедно со стереотипите и предрасудите, се израз на дел од медиумите што го мобилизираат говорот на омразата - укажува Славчо Димитров, младиот истражувач од Институтот „Евро Балкан“. Во МАССО се оптимисти дека насилството ќе биде избегнато ако се дејствува навреме. - На Македонија не смее да и се повтори искуството од Белград. Очекуваме граѓаните да покажат свест дека треба да се почитуваат човековите права на сите заедници еднакво - заклучува Андоновски.
Говорот на омразата се уште постои
Дел од медиумите во земјава се уште го пренесуваат, го негуваат и говорат со јазикот на омразата, покажале резултатите на истражувањето што го спровела ХОПС со поддршка на ОБСЕ.
- Медиумите, особено електронските, забораваат на превентивната улога и предизвикуваат омраза, а некогаш и директно повикуваат на омраза – констатира Жарко Трајановски.
Тримесечниот надзор на повеќе медиуми забележал говор на омраза во 42 написи и прилози, претежно насочена кон луѓето со хомосексуална ориентација, кон сексуалните работници, заболените од ХИВ и други маргинализирани заедници.
ИЗВОР.