Mnogu odgovori za Tito i Makedonija ke gi najdete podolu:
Бог да бие кодошите!
Ефтим Гашев
Со распаѓањето на комунистичкиот бастион и владеењето на диктатурата на пролетаријатот во Европа, вклучително и Р. Македонија, ние се уште доцниме нецели две децении со донесувањето на законот за лустрацијата, односно актот за духовно и политичко прочистување. Конечно, срамежливо се решивме да ја предложиме помеката варијанта со закон за определување дополнителен услов за вршење јавна функција. Во контекст со овој предлог-закон далеку сме од вистинската лустрација, која експлицитно ни ја препорача Парламентарното собрание на Европа со резолуциите 1.096 и 1.481, упатувајќи не на јавно осудување на комунистичкиот тоталитарен режим и злосторствата сторени од истиот. Со минорниот предлог-закон за т.н. лустрација се оневозможуваат тајните информатори во вршење јавни државни и политички функции, а се забошотуваат злосторствата вршени во претходниот режим, како и засолнување на одговорните раководители на органите на државната безбедност и високите партиско-државни функционери. Незамислива е лустрација без донесување закон за целосна политичка, правна, судска и материјална сатисфакција (не рехабилитација) на лицата прогонувани, судени со затвор и со присилна работа и ликвидирани со и без судска процедура од идеолошки и македонски национални причини. Се залагам за порадикален приод кон оваа материја, за отворање на Големото политичко- идеолошко досие на Македонија за лустрацискиот период, со тоа што предлагам: Собранието да формира висока државна анкетна комисија за испитување и откривање на злосторствата сторени за време на комунистичкото владеење по Втората светска војна во РМ, давајќи одговор пред македонската и пошироката јавност на прашањата:
1. Зошто југословенските и македонските комунисти не ги прифатија ставот и пораките на 5-от и 6-от конгрес на Коминтерната од 1924 и 1928 година упатени до југокомунистите да се борат за распаѓање на вештачката монархофашистичката Југославија и создадат самостојни јужнославјански држави. Посебно Коминтерна експлицитно инсистира, на ВМРО (обединета) да и се даде целосна поткрепа за создавање обединета самостојна и суверена македонска држава?
2. Зошто Главниот штаб на македонските партизански единици есента 1943 под влијание и притисок на „губернаторот“ од Белград, Светозар Вукмановиќ-Темпо, го донесе антимакедонскиот фатален манифест, со кој на народот нелегитимно му се натури југословенската опција како „историско“ решавање на македонското прашање?
3. Кој ги прогонува и ликвидира групата интелектуалци на АНОК поради своите исправни забелешки кон Манифестот, со исклучок на Киро Глигоров, кој јаничарски ја прифати југословенската опција?
4. Зошто Иницијативниот одбор за свикување на АСНОМ во летото 1944 не реагираше на информацијата за резултатите од водените разговори помеѓу Јосип Броз и македонската делегација (Методија Андонов-Ченто, Кирил Петрушевски и Мане Чучков) во Вис, за статусот на обединета Македонија во состав на Нова Југославија?
5. Зошто македонското воено-политичко раководство во навечерието на АСНОМ во конфликтот: Темпо-Ченто- Бато, се стави на страната на Видоје Смиљаниќ-Бато?
6. Зошто и со кој акт Македонија низ „мала врата“ и без референдум е втурната во Федеративна Југославија, без за тоа да се потпише меѓудржавен договор за условите на асоцирањето?
7. Зошто македонското политичко и воено раководство на НОБ не реагираше летото 1944 год., кога Тито од Вис во Македонија ги испрати и наметна за основоположник и раководител на македонската ОЗН-а, УДБ-а, Црногорецот, Мијат Вулетиќ, а за началник на Главниот штаб на македонските воени единици, српскиот генерал Павле Илиќ-Вељко?
8. Зошто за време на Втората светска војна, кога трите дела од Македонија беа окупирани од фашистичка Бугарија, македонската НОБ не се обедини, туку сите тие дејствуваа одделно во состав на Југославија, Бугарија, Грција и Албанија?
9. Нека се демистифицира темата - Методија Шаторов-Шарло.
10. Зошто АСНОМ на Првото заседание од 2 август 1944 г. не донесе решение за прогласување на Република Македонија како федерална единка во состав на Федеративна Југославија, ниту решение за создавање независна и суверена македонска држава?
11. Со чија согласност веднаш по ослободувањето е обезглавена македонската војска со српско-црногорски офицерски кадар и претопена во ЈА?
12. Зошто македонската ОЗН-а (УДБ-а), првите години по формирањето (септември 1944) е раководена од српско-црногорски кадри: Мијат Вулетиќ, Иван Мишковиќ, Сава Јоксимовиќ... ?
13. Кој и зошто ги ликвидира македонските национални дејци: Павел Шатев, Панко Брашнаров, Кочо Рацин, Методија-Ченто, Богоја Фотев, Петре Пирузе, контроверзниот Венко Марковски, Владо Полежина и др. ?
14. Кој и зошто ги застрела бремената партизанка Ленче Стојчевска, измамената љубовница на политкомесарот на Главниот штаб, Цветко Узуновски-Абас, и офицерката на ОЗН-а Панде Чесноска?
15. Кој реши и кој го изврши масакрот врз македонските граѓани без судска процедура по Втората светска војна во Велес, Куманово, Ресен?
16. Кој реши сурово да се прогонува идејата на вистинската македонска ВМРО (не ванчовистичката) и нејзините приврзаници.
17. Кој го испрати дваесет и петилјадниот 15-ти македонски корпус на Сремски фронт во почетокот на јануари 1945 год. за залудно да загинат две илјади македонски војници и три илјади ранети?
18. Целосно да се обелодени мистеријата за бунтот на Македонската артилериска бригада во Скопје и Штип од јануари 1945 год.?
19. Зошто НРМ се откажа од воените репарации од НР Бугарија за жртвите и штетите сторени за време на воената окупација на Македонија во Втората светска војна?
20. По чија иницијатива на Второто заседание на АСНОМ на 30 декември 1944 год. во Скопје се донесе Решението за формирање суд за судење на „дејанија против македонската национална чест!?“
21. Зошто македонското државно, политичко и воено раководство дозволи Врховниот штаб на Југославија, во Македонија на 8 декември 1944 година нелегитимно да спроведе воена мобилизација на 60 илјади македонски граѓани?
22. Зошто по ослободувањето во НРМ се затвораа и судеа само бугарските окупатори и нивните соработници, а не се прогонуваа и српските окупатори и нивните соработници од времето на окупацијата 1918-1941 година, и припадниците на фашистичкиот дражичевски „Вардарски корпус“ во Македонија, кои за време на Втората светска војна се бореа против македонските партизански единици ?
23. Кој нареди по Втората светска војна да се ликвидираат осудените вмровци додека ги издржуваа временските судски казни?
24. Каде се тајните гробови на стреланите, ликвидираните и починатите вмровски затвореници од лустрацискиот период?
25. Нека се обелодени катастрофата што во титоизмот го зафати македонското село при идеолошката присилна колективизација со формирање селски работни задруги, кога засекогаш се ограби, разори и запусте македонското село.
26. Да се знае кои членови на АСНОМ на 25 август 1945 год. и по чиј налог, како кооптирани пратеници од Македонија во привременото собрание на ДФ Југославија, во Белград го гласаа смртоносниот Закон за казнени дела против народот и државата, со кој ретроактивно драконски се судеше на македонските национални сепаратисти?
27. Каде исчезна златото откраднато и конфискувано по војната од македонските граѓани, кога се стрелани и пет трговци во Скопје?
28. Кој во Македонија нареди Указот на Президиумот на ФНРЈ од мај 1947 год. за општа амнестија на осудени воени лица да не се применува врз осудените вмровци и тие ретроактивно, без правосудска процедура, да бидат преквалификувани во меѓународни англоамерикански „шпиони“, кои не подлегнуваа во амнестијата?
29. Кој по Втората светска војна го нареди масовниот крвав прогон, судење и ликвидација на 25-те македонски патриотски православни свештеници поради својот национален и верски сепаратизам?
30. Кој нареди по Втората светска војна масовна интернација на македонски граѓани-жени, старци и деца од Малешевијата, симпатизери на македонската антијугословенската опција, да измеќаруваат и умираат од глад и студ по селските задруги низ Пелагонија?
31. Зошто помилувањата и амнестиите на судените лица од НР Македонија ексклузивно и селективно го вршеше само Президиумот на Сојузната скупштина во Белград? 32. Нека се обелодени активноста и политичкиот став на НР Македонија за времето на Граѓанската војна 1946-1948 година во Грција - Егејска Македонија, во која загинаа илјадници македонски борци, и повеќе десетици илјади сонародници испратени во неповратен егзодус. 33. Да се демистифицира масакрот врз информбировските македонски дисиденти, испратени без судски пресуди на грозоморно заточение со присилна работа на јадранскиот „Голи Оток“?
34. Кој и зошто во летото 1951 година без судска процедура каубојски ги масакрира петте струмички студенти-вмровци?
35. Да се обелодени трагичната и загадочната смрт на македонскиот генерал Васко Карангелески.
36. Нека експретседателот на Р. Македонија Киро Глигоров ја обелодени својата антимакедонска мисија за спас и реставрација на распаднатата Титова Југославија по 1991 година, заедно со претседателот на БиХ Алија Изетбеговиќ.
37. Да се обелодени договорот помеѓу Киро Глигоров и генерал Благоје Аџиќ, за условите при заминување на окупаторската ЈНА од Р. Македонија!
Авторот е публицист