во прилог на дискусијава еве еден дел од интервју со интервЈу: ТОДОР ЧЕПРЕГАНОВ, ДИРЕКТОР НА ИНСТИТУТОТ ЗА НАЦИОНАЛНА ИСТОРИЈА
Секој народ мора да се соочи со својата историја
Исто така е и на Второто заседание на АСНОМ кога имате две струи - тука ви е Методија Андонов-Ченто со линија која што е национална. На заседанието Ченто му се обраќа на Светозар Вукмановиќ-Темпо со зборовите: "Што барате, ја завршивте работата и можете да си одите, оставете не сами..." Но, тука има и притисоци од странските мисии кои што ја следат ситуацијата и кои не дозволуваат да се формира независна држава Македонија. Тие бараат таа да биде во рамките на Југославија. Затоа Ченто, кога дојде од Вис, кажа дека одлуките не се прифатени доброволно, туку дека тие се наметнати. Тито велеше дека македонското прашање не треба да се поставува "акционо" и дека ќе биде поставено на меѓународната конференција. Подоцна излезе дека Тито не го оствари ветувањето и тоа прашање не се постави на ниту една конференција. А Словенците и Хрватите своите прашања околу Истра и други територии си ги решија уште во текот на војната. Значи, имаше една констелација на меѓународни сили која влијаеше врз целокупната состојба.
Пресметка со
национална линиЈа
lВо што се огледуваше таа меѓународна констелација на силите која влијаеше врз македонското прашање во тој период?
- Британците беа силно заинтересирани за Грција. Тие се спротивставија на формирање на една словенска федерација , а се согласуваа само со варијанта да се формира балканска федерација со балканските држави и со Грција во нејзините рамки. Формирањето словенска федерација како што ја заговараше Тито со Бугарија, беше опасност за Британците затоа што тие знаеја дека зад тоа се крие Советскиот Сојуз. Лондон се плашеше дека ако се направи јужнословенска федерација во која ќе влезат овие словенски држави дека Грција ќе остане сама и дека во неа ќе дојде комунизмот. Околу Македонија во тој период има многу игри. Британските документи се многу јасни. Черчил во писмото до Рузвелт за јужнословенската федерација и за обединета Македонија е многу дециден велејќи: "Македонија само во рамките на федеративна Југославија..., Јужнословенска федерација само со сите балкански држави..., друго не може да дозволиме". И Рузвелт после му одговара: "Го јаваме истиот коњ", односно, позицијата во однос на Македонија била заземена.
Како и да било, првото заседание на АСНОМ претставува голем чин. А нам, на историчарите, политичарите од тогашната национална линија постојано ќе ни биде тема на обработка. Тогаш се удрени темелите на македонската држава. Во Президиумот на АСНОМ на чело со Ченто се поголем број луѓе од старата група на ВМРО, од ВМРО-Обединета, кои имаа идеал за држава Македонија. Тие почнаа и така да делуваат. Британските документи се многу јасни во тој поглед. Тие кажуваат дека Македонците почнаа да се одделуваат од централата во Белград. Британците реагираа дека во Македонија се случуваат настани кои одат надвор од предвидената шема и дека Македонците работат премногу самостојно и побараа Тито да реагира. Во декември месец 1944 година Михајло Апостолски бара од британските мисии да ја напуштат Македонија. Тој изјавува: "Ние се ослободивме и нема тука што да барате".
Но, шефовите на британските и американските воени мисии реагираат до нивните претпоставени во Белград. Во тој момент Тито интервенира, дури вели дека "Апостолски нема никаков авторитет во Македонија и дека тоа го прави самоволно без консултации одозгора" и се создава една замрсена ситуација. Стигнува писмото од Тито дека мисиите мора да останат во Македонија и дека е решена целата работа.
lКога и како се случил преломот, како се "реши целата работа"?
- Тито сепак гледа дека не може да го има под контрола процесот во Македонија. Британците бараат да се преземе нешто. Во декември 1944 година е одржано Второто заседание на АСНОМ на кое од Белград доаѓаат Едвард Кардељ, Светозар Вукмановиќ-Темпо и други. Ченто поднесува извештај за работата, а по него настапува Кардељ со излагање во кое ги осудува Македонците дека сакаат да формираат сопствена држава. А Темпо, кој претходно на заседанието на АСНОМ изјавил дека "Македонците се бореле за обединета и независна Македонија и самиот видов дека три дела желбата им е Македонија да се обедини", тогаш изјави дека во Македонија постојат сепаратистички и антикомунистички елементи кои што работат против југословенска федерација и дека со тоа треба да се прекине. На заседанието само делегати од Пиринска и Егејска Македонија го спомнаа обединувањето, така што членовите на британската воена мисија беа задоволни и во своите извештаи наведуваат дека "македонското прашање не беше спомнато" и дека "можеме да бидеме задоволни, оти се е ставено под контрола".
Наредната година во Белград, на седница на ЦК КПЈ е разгледувано што да се прави со македонските сепаратисти. На седницата на која присуствуваа Тито , Кардељ, Ѓилас, е донесена одлука со сите да се расчистува поединечно. И од тој момент е почнат процес на расчистување со таа групација, со Ченто, со Панко Брашнаров, Петре Пирузе - Мајски, Венко Марковски, Михајло Апостолски, Димитар Влахов..., ја знаеме нивната судбина.