http://www.vest.com.mk/?ItemID=706E71E952FEBB47A4DD16587C3B794A
Робин Худ
Македонски начин за владеење на правото - ако почитуваш закон, правиш историска грешка...пишува Горан Михајловски
1 Се слуша ли вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески што зборува? И ако се слуша, дали си верува во тоа што го слуша? Оти не може министер за финансии да објаснува дека Владата ќе ја намали цената за купување на дворовите на едно евро, а во исто време вели дека нема податоци колкумина ги купиле дворовите по повисоки цени и уште колку дворови останале за продавање. Министер за финансии, а не знае колку досега заработила државата. И не предвидел колку ќе заработи со намалените цени.
Само богаташите ги купиле дворовите по високи цени. И таму некои исплашени пензионери и домаќини се задолжиле по банките и зеле кредити да си го средат имотот. А сега Владата им дава шанса на сиромашните да си ги купат дворовите по ниски цени. Така вели вицепремиерот.
Колкумина се и едните и другите, не се знае. Зоки не ги знае бројките, ама мерката е популистичка. Робин Худ. Ги зезнале гнилите пензионерски богаташи што верувале во државата, за да им дадат на сиромашните.
Не верувам дека и самиот Ставрески го слуша тоа што го зборува. Глуми конзервативна десница, а ги мрази богаташите. Или се изгубил некаде во транзицијата меѓу комунизмот и капитализмот.
2 Прво Владата ќе ти даде рок за откуп. Па ќе те плаши дека подоцна ќе било или многу поскапо, или нема да имаш можност да го откупиш земјиштето. Ќе се малтретираш половина година. Ќе поминеш милион бирократски процедури, ќе земеш кредит за да си го купиш дворот, и на крај Владата ќе ги награди тие што решиле уште од почеток да не $ веруваат.
Ќе вложиш пари да го применуваш ХАСАП, Владата ќе ја одложи примената на Законот оти други не вложиле. Ќе плаќаш редовно пензиско и здравствено осигурување и ако задоцниш малку, ќе ти наплатат камата. На тие што не плаќале со години здравствено, ќе им го простат цел долг кога ќе решат да плаќаат.
Законите во Македонија важат цели три минути. А парадоксот е што државата постои баш благодарение на тие будали што во првите три минути го почитувале законот.
Според Ставрески, кој нè убедува дека со новата цена за откуп на дворовите се исправала историска грешка, излегува дека баш тие што го почитуваат законот се историска грешка.
http://www.utrinski.com.mk/?ItemID=C89C5B66ABE833448B3473365CB6ED99
Сарказам, цинизам и навреда можеше да се наѕре во тонот со кој министерот за финансии, Зоран Ставрески, ги оквалификува граѓаните кои ги откупија дворовите по многу повисоки цени. Во намерата дрско да одговори на незгодните новинарски прашања, Ставрески заборави дека, всушност, не ги навредува новинарите, туку ги омаловажува граѓаните, кои почитувајќи ги законите, побрзаа да ја исполнат својата граѓанска должност. Оние, кои веројатно никогаш и не си го поставуваат прашањето кога и дали воопшто да се плати каква било давачка што ја пропишува државата, министерот ги нарече мала група капиталисти.
Многу граѓани ќе му бидат благодарни оти ги вброи во категоријата капиталисти. Тие се' досега не знаеле дека се тоа, сметале дека се само дисциплинирани граѓани. Мислеле дека капиталистот не треба да зема кредити или да се зајмува за да си го купи дворот во кој живее со десетици години.
Тешко може да се најде логика во изјавата на Ставрески, зашто десноориентираната партија би требало да ги брани капиталистите, а не да ги напаѓа. Има многу други начини да се спасуваат губитниците од историската неправда, како што ги нарече вицепремиерот граѓаните кои досега не успеале ништо да создадат поради долгата транзиција. Многу ме интересира во која категорија се вбројува самиот, во капиталисти или во губитници?!
Во српскиот јазик има една изрека „мала група п.....“. Дали министерот го имаше тоа на ум кога рече мала група капиталисти? Искрено се надевам не. Зашто, во Македонија нема многу дисциплинирани граѓани, но добро „нафатирани“ и премногу. Гледано така, Ставрески многу греши. Се работи за голем клуб капиталисти, а не за мал.