@cool@
Η Μακεδονία δεν είναι Ελληνική
- Член од
- 2 јуни 2007
- Мислења
- 23.601
- Поени од реакции
- 27.115

Димитар Хаџимишев, прв човек на „Топлификација“
Гордана Дувњак
Мирче Јовановски
Господине Хаџимишев, каде ја гледате енергетската иднина на Македонија?
Јавната расправа е неопходна. Проблемот е што нема идеи. Има критики, но нема идеи. Македонија нема многу опции. Тешко е да се прави стратегија кога има многу опции, но кога има малку, работата е дефинирана. Ние имаме премалку можности за потребите. Прво, хидроенергијата во Македонија е маргинална. Она што е останато е многу скапо. Со Светска банка се расправаме дали тие проекти економски воопшто се оправдани. На крај ставот е: нека одат на тендер, ако некој има интерес да ги прави, ќе ги прави. „Чебрен“ и „Галиште“ се огромни инвестиции. Има неколку варијанти како може да се реализираат. Единствената опција е меѓународен тендер, да се види дали некој ќе има интерес да го прави тоа за пазар. За нив, најверојатно, ќе има интерес од големите компании, на кои таков капацитет им служи како резерва. Затоа РВЕ и „Вербунд“ се заинтересирани. Но, хидроенергијата не го решава проблемот, бидејќи целокупните нови хидрообјекти се од еден до 1,2 терават-часови. Ако застане „Суводол“, Македонија ќе изгуби 4 терават-часови. А за развој, во првите седум-осум години и' требаат најмалку 4 нови терават-часови.
Што е со другите енергетски ресурси со кои располага нашата земја?
Остануваат две опции. Кај термоелектраните има две опции: јаглен или гас. Кај јагленот, пак, има три опции: лигнит, со можност ние да произведуваме или да купуваме од некого, на пример од Косово, и да го носиме тука. Таа варијанта е многу малку веројатна и никој не ја препорачува, бидејќи е врзана со еколошки проблеми. Втората можност е да се увезе квалитетен јаглен. Тоа е реална варијанта ако „Суводол“ осиромаши предвреме. Таму и сега се додава јаглен од „Брод Гнеотино“ и од подинските слоеви, без што рокот на експлоатација на рудникот би бил многу кус. Може да користи и квалитетен јаглен, но тој не може да се употреби во постојните котли. Значи, ако се земе јаглен од увоз, мора да се прави инвестиција во котлите. Инвестициите, пак, се проблематични, од друга страна, бидејќи Светска банка и ЕУ велат: ако влезете во ЕУ, ќе мора да се применат и еколошките стандарди на ЕУ, што подразбира и инвестиции од 130-140 милиони евра за екологија. Плус, во 2020 година да се стават надвор од погон.
Се поставува прашањето дали сето тоа има економска логика. Со влегување во ЕУ ќе треба да се плаќа и за емисиите на јаглероден диоксид (ЦО2). И Светска банка и експертите проценуваат дека по 2012 година цената на струјата произведена од јаглен многу ќе поскапи, бидејќи и Бугарија и Романија се во ЕУ, а и Србија се стреми кон ЕУ. Од 2012 година, Бугарија и Романија ќе имаат обврска да плаќаат за емисиите на ЦО2. Тие плаќања значително ќе ги зголемат цените за електрична енергија. И тоа на пазарот на Балканот ќе ја зголеми цената на електричната енергија од јаглен. Но, Македонија нема друг избор. Со нашиот трговски биланс, со над 1 милијарда долари дефицит, замислете уште да купувате гориво за електрична енергија. Или да купувате електрична енергија. Суштината на јагленовата опција, која е предвидена во стратегијата, е дека ние имаме јаглен, но, за несреќа, е во подземен коп. Површинските ископи со „Суводол“ и „Брод Гнеотино“ завршуваат. Опцијата со македонски јаглен во која било стратегија мора да се разгледа. Би било несериозно да се оди на гас или нуклеарка без да се каже дали домашните ресурси кои се на 80, 100 метри под земја се економски исплатливи.
Какви се процените?
Сите модели во инвестициите се проби. Значи, таквите електрани се некаде 56, 57, 58 евра за мегават-час, што е конкурентна цена за 2012 година. Но, Светска банка вели „да, но немаш за ЦО2“. Ако се додадат тие трошоци, доаѓа до околу 70 евра, со што инвестицијата станува ризична. Но, јагленовата опција мора да се проба, има реалност со таквите бројки и затоа останува. Друго е прашањето дали ќе се прави. Следната фаза, која и' ја предложивме на Владата, кога ќе биде усвоена стратегијата, е да формира тимови за јагленовата опција, за гасната опција, за нуклеарната опција... Тимот за јагленовата опција ќе си ангажира меѓународен експерт, консултант. Немаме капацитет, некој кој ќе изработи претфизибилити-студија. Тоа е првиот документ што се прави за една инвестиција.
Зошто е неопходен надворешен експерт, не може ли некој домашен да го направи тоа?
Која било банка им верува само на одреден број фирми. Мојата физибилити-студија банката нема да ја гледа. Можеби е најдобра, но, вели, простете, не знаеме кои сте. Нам за проектот на гасната централа ни предложија четири фирми. Ако не, одете во друга банка. За сите овие активности се потребни шест-осум месеци, значи во рок од една година откако ќе се усвои стратегијата ќе се има став за инвестирање. Разработени се и опции, на пример, дали ЕЛЕМ ќе инвестира, значи државна инвестиција, дали ќе се оди на јавно-приватно партнерство или на меѓународна концесија... Една од опциите е државата, односно ЕЛЕМ, да исфинансира 2,5 милијарди евра.
Иако изгледа чудно, но ако му дадат на ЕЛЕМ цена колку што треба да има, значи да има 50 милиони евра профит, колку што мора да има според методологијата, тој ќе стане инвестиционо способен и ќе почне да работи. Меѓутоа, таа опција е генерално лоша, бидејќи државата е лош стопанственик, нема капацитети и тие инвестиции се проблематични.
Втората опција е гасот. Таму, дефинитивно, застанавме на став дека во Македонија може да има две големи гасни централи, едната што ја правиме ние („Топлификација“) и уште една. За да се направи таков објект, треба да има потреба од топлина и во градот треба да има некој кој претходно трошел топлина да му се супституира. Бидејќи, ако се донесе нова гасна електрана во Скопје, ќе ја забранат од екологија. Гасот е чист, но тој произведува азотни оксиди што се проблематични. Не можевме да ја направиме гасната електрана ако претходно не користевме мазут и сега правиме подобрување на средината.
Што е со идејата за нуклеарка. Дали имаме основни предуслови, пред се', вода за ладење на реакторите?
Нуклеарната електрана нема потреба од вода за ладење на реакторите, туку од вода за ладење на ладилните кули, но тоа е друг процес. Во центарот на Париз има нуклеарка. Денес се прават суви кули, или полусуви, хибридни ладилни кули, кои воопшто или многу малку трошат вода.
Сакате да кажете дека технолошки нема пречка за изградба на нуклеарка? Што е со економските аспекти?
Економските аспекти, по истите модели што ги проверувавме јагленовите опции, покажуваат дури и подобри карактеристики, меѓу 50 и 52 евра за мегават-час, за инвестиции од три милијарди евра, што е скапо. Со претпоставка дека трошокот за гориво е околу 12 отсто од цената на струјата. Нуклеарката покажува и подобри резултати, во зависност кое е времето на враќање со трошоци на деактивација. Освен водата, заблуда е и складирањето на горивото. Еве една анегдота: кога поранешна Југославија се подготвуваше да прави шест нуклеарки, клучниот проблем не беше складирањето на горивото, туку Југославија бараше да и' остане. Руските понуди беа дајте ни го горивото, поевтини сме. Значи, има кој го сака, има и каде да се складира. Од друга страна, кај нас се вели дека не не' бидува комунална хигиена да водиме, а не пак нуклеарка. Јасно е дека не не' бидува, но, исто така, јасно е дека интересот е голем. Кој ќе направи прв нуклеарка во регионот - тој ќе биде добар. Според мое лично мислење, „Белене“ апсолутно не е во предност и тоа се докажа. Дојде Бојко Борисов и го стопира. Нуклеарка на Балканот ќе направи некоја моќна компанија од моќна држава ако државата каде што се прави даде услови да му биде партнер. Мојот предлог беше државата да има учество 20 отсто, да најде моќен оператор и тој да биде главен, а се знае кој е, тоа е Америка. Нуклеарната електрана има многу повеќе политичка димензија отколку техничка.
Сите земји во околината излегоа со свои планови да градат нуклеарки. Не мислите дека е малку доцна за Македонија?
Не е предоцна, но мора да се најде партнер-оператор кој ќе има интерес, со добра поддршка, кој ќе го забрза тоа. Се разбира, од денеска за петнаесетина години, меѓутоа, затоа се јагленовата и гасната опција да се премости тој период. Но, тоа дефинитивно без поддршка на моќна држава и моќен партнер нема шанса да се направи. Не случајно Бугарите го зедоа ЕРВЕ. По Американците, кои се најмоќни, тие се, нема друг. Мислам дека Европа станува интересно место за инвестиции во енергетиката, посебно Балканот, бидејќи Балканот има дефицит и, второ, со изградбата на два далекувода со кои се поврзуваат два големи импортери на енергија, Грција и јужна Италија, најлесно е да изградиш какви било инвестиции во држави како Македонија и Албанија.
Зошто толку се одложуваше со донесување на стратегијата?
Прво, ние во енергетскиот сектор немаме капацитет. Тој сектор беше и се' уште грото е државен, каде што се менуваат тимовите како што ќе дојде партија, партиските структури имаат многу слаб супорт во тој сектор и, едноставно, ако не беше ова јадро кое одамна работи во општата енергетика, каде што се врзани економијата, енергетика и пакетите кои во МАНУ и на Електротехничкиот факултет одамна се носеа, немаше шанси ни да се изработи. Иако стратегијата на Македонија е многу лесна, бидејќи има само три-четири опции. И покрај тоа, и ова се донесе многу тешко. МАНУ одеше на тендер, што е глупост.
Колку се точни шпекулациите дека меѓу акционерите на „Топлификација“ има високи функционери на власта?
Тоа покажува незнаење за акционерството. Кој сака - може да провери, доволно е да купи една акција од „Топлификација“, сега чини околу 60 евра, и го добива целиот список на акционери. Проблемот со акционерите е друг. Не за нас, туку за секое акционерско друштво. Што фајде што ги знаат, никој не ги прашува од каде им се парите што купиле акции. Акционерската структура на „Топлификација“ е многу едноставна, најголем акционер е „Потеза“ со околу 18 отсто акции, потоа има еден акционер кој има 1,5 отсто и потоа речиси сите се под еден отсто. „Топлификација“ има 2.500 акционери на последното собрание. „Топлификација“ е единствена фирма во Централна и Источна Европа кај која со приватизацијата расте бројот на акционери. Кај сите други бројот на акционери опаѓа, бидејќи управните одбори ја преземаат фирмата. Поради тоа, ние сме една од ретките компании што има акционерско собрание со 400 акционери.
Македонија е исполитизирано општество. Какво е влијанието на политиката врз бизнисот?
Јасно е оти има големо влијание во бизнисот. За „Топлификација“ можам да кажам дека во овие 19 години на транзиција остана имуна на политика. „Топлификација“ никого не спонзорирала во политиката. Мора да соработуваме со секоја власт, бидејќи сме во доменот на енергетиката. Пред регулаторот, нашата цена ја дефинираше Владата и мораше да соработуваме со секоја власт и тоа од ниво на референт до премиер. Меѓутоа, енергетскиот сектор генерално е под големо влијание на политиката. Ние сме го почувствувале тоа. Главно преку добивањето цени.
За 17 години сум имал средби со сите премиери со часови. Дури и да имало барања, биле многу мали и на пониски нивоа, за вработувања итн. Од тој аспект „Топлификација“ во периодот на транзиција немала таков ефект. Влијанието на политиката била преку цените на топлинската енергија.
http://www.utrinski.com.mk/?ItemID=1D898EA89267DB47A2A75EC58F816BEE