Меѓународната унија за зачувување на природата објави шокантни податоци за исчезнувањето на флората и фауната во светот. Во нивниот извештај стои дека во минатите пет векови изумреле повеќе од 800 видови растенија и животни, додека во овој момент изумирањето им прети на уште 17.000 видови жив свет.
Деталната анализа на овие шокантни бројки покажува дека меѓународната заедница нема да успее да ја постигне целта за постигнување биоразноличност, односно, до наредната година да ја зачува различноста на сите животни облици на кои им прети изумирање, а како обврска уште во 2002 година ја прифатија многу влади во светот.
Новата анализа покажува дека 869 видови изумреле од 1500 година, додека 290 видови се сметаат за изумрени или на работ на исчезнувањето. Најмалку 16.928 видови се во опасност од изумирање, вклучувајќи и една третина од водоземците, повеќе од една осмина од птиците и четвртина цицачи.
На крај на извештајот стои уште нешто што загрижува: ова не е детален попис на податоците, бидејќи се анализирани само 2.7% од вкупно милион и 800 илјади видови на живи организми во светот.