Лозарите утре на протести
Лозарите утре на протести
Лозарите утре излегуваат на протести, секој пред визбата каде што го предава грозјето. Протестот почнува од пред винарската визба „Тиквеш“ во знак на незадоволство од објавените ниски откупни цени.
Не помогна ни денешната средба со винариите во Министерството за земјоделство. Иако визбите ветиле дека грозјето ќе се откупува по ланските цени, лозарите не веруваат се додека таквите цени не се истакнат.
Велат дека Вранецот, кој сега се бере, се откупува по 7 до 11 денари за килограм, а лани се откупувал по просечна цена од 12,5 денари за килограм.
„Ланската година „Тиквеш“ имаше едни цени, од 20 шеќерни единици беше некаде 12 денари, а сега со 20 шеќерни единици имаш 8 денари цена. Ги повикуваме сите лозари од Македонија коишто се занимаваат со лозарство, пред сопствените винарски визби коишто ги имаат во сопствените региони, да го изразат незадоволството со бојкот и штрајк и да не берат моментално грозје“, рече Љупчо Аризаов, „Агротиквешија“.
И винариите излегоа со свои аргументи за висината на откупните цени. Дел од нив, кои за 1 денар ја намалија откупната цена од ланската, велат дека се подготвени да преземат големи количества на грозје.
„Оваа година пред се треба да преживеат и лозарите и винариите, така што трендот на паѓање на цената на виното во Европа придонесува да паднат цените на виното во Македонија. Ние сме винарска визба која веќе има потпишано извозен договор за вино, нашите партнери не притискаат за пониски цени заради големата конкуренција на европскиот пазар“, вели Зоран Даневски, А.Д „Џумајлија“.
Во меѓувреме, вратите за извоз остануваат отворени и веќе има заинтересирани странски откупувачи.
А, министерот за земјоделство Димовски, пред Владата ќе поднесе предлог субвенцијата наместо по килограм да биде по хектар, за субвенција да земат и лозарите што грозјето ќе го дадат на странските трговци.
http://www.time.mk/read/110e557916/89f7af379f/index.html