Концепти: Волонтерска работа и волонтери
Од себе - за себе
Волонтерската работа постоела одамна и се практикувала кога требало да му се помогне на некого или да се направи нешто што ќе и’ користи на целата заедница.
Низ времето во различни земји и општествени поредоци се користеле различни терминологии: доброволна работа, волонтерство, граѓански ангажман и сл., но сепак секогаш во основата биле неколку основни обележја:
тоа е доброволна, ненаметната активност;
мотивацијата произлегува од несебичноста, желбата да се помогне или да се направи нешто за општо добро;
за неа не се добива материјален или финансиски надомест;
тоа е ангажман надвор од професијата.
Ова сe уште се основните карактеристики на волонтерската работа, иако во последно време во некои средини полека се модифицира разбирањето на поимот волонтер. Ова поттикнува потреба да се развиваат нови стратегии и пристапи за придобивка на волонтери. Новите стратегии треба да се насочат кон различните мотиви, желби и животни ситуации на потенцијалните волонтери. Посебен акцент во новите стратегии треба да се стави на промовирање на културата на помагањето. Државата не може да ги решава сите проблеми и затоа треба да се развива свеста за потребата од ангажирање на граѓаните, помош и самопомош. Силно распространетото движење за самопомош во светот и мноштвото нови иницијативи во последните години докажуваат дека луѓето со задоволство ги ставаат на располагање своите искуства, сакаат да бидат од корист и да ја осознаат благодарноста.
Видови волонтери во НВО
Луѓето кои работат на волонтерска основа во невладини организации, зависно од обемот и типот на ангажманот, можат да се поделат во три категории:
Волонтери со постојан ангажман – се оние волонтери кои се вклучени во тековните активности и долготрајните проекти на организацијата. Во малите НВО овие волонтери се главните активисти кои ги извршуваат и оперативните и управувачките задачи (на пример, управен одбор). Во некои НВО, пак, координацијата се води од страна на професионалци, но акциите и локалните активности кои се основа на сите проекти се водат од страна на волонтери. Во Македонија повеќето НВО можат единствено да егзистираат поради активноста на волонтерите.
Волонтери со повремен ангажман – се волонтери кои се ангажираат повремено за специфични потреби на организацијата (годишни собранија, приредби, хуманитарни акции, активности за прибирање средства). Овие волонтери се ангажираат за активности кои бараат многу време и енергија и не можат да се покријат со постојаниот професионален или волонтерски тим. За оваа цел најчесто се ангажираат студенти, невработени, домаќинки, пензионери и тие извршуваат работи за кои не е потребно специјално образование или обука. Но одредени проекти бараат ангажман на експерти, што може да биде многу скапо. Работењето за добра идеја може да биде мотив многу од експертите да & помагаат на организацијата со својот повремен ангажман вршејќи услуги за специфични потреби на организацијата, како изработка на стручни експертизи, преводи, нацрти и слично.
Волонтери - донатори се луѓе кои сакаат да дадат придонес во работата на организацијата, но не се во можност да одвојат и да понудат дел од своето време за волонтирање, па избираат да придонесат со тоа што ќе донираат финансиски или материјални средства.
Раководење со волонтери
Раководењето со волонтери не може да се поистовети со раководењето со вработен персонал. Она што секогаш треба да се има предвид е дека волонтерите не работат за финансиска или материјална добивка, туку имаат мотивација од друга природа, која најчесто е различна за различни луѓе. Затоа е потребно да се развива пристап кој ќе ја има предвид индивидуалната мотивација на секој волонтер посебно. Но, сепак, при ангажирањето и раководењето со волонтери треба да бидат почитувани некои генерални принципи.
· Некорисноста е едно од најлошите чувства што може да ги искуси еден волонтер. Пред да решиме да повикаме некого да волонтира, мора да се осигураме дека има нешто да работи. За секоја волонтерска позиција треба да се подготви опис на работното место. Описот на работното место ги идентификува специфичните обврски на волонтерот, потребниот временски ангажман, способностите и знаењата кои се бараат од него и претставува основа за оценка на неговата работа. Волонтерите ќе работат подобро доколку знаат што можат да очекуваат, кои се роковите на зададената работа, пред кого се одговорни итн.
· Мораме да бидеме сигурни дека волонтерите ја знаат мисијата и визијата на огранизацијата, како и нејзината структура. Затоа волонтерите треба да се водат низ програма за ориентација, преку која ќе обезбедиме тие да добијат јасна слика за организацијата и вредностите кои таа ги негува. Со постојано информирање на волонтерите за сите проекти и сето она што се случува во организацијата им помагаме да се идентификуваат со неа.
· За да се осигура добро, компетентно и одговорно извршување на задачите, потребно е да се обезбеди соодветна обука за волонтерите. Самиот процес на волонтирање претставува обука низ практична работа, но сепак некогаш е потребно да се обезбеди и дополнителна обука заради совладување нови знаења и вештини.
· Волонтерите можат да бидат важни ресурси за организацијата кон отворање нови врати во заедницата и затоа е потребно да им се овозможи да се поврзуваат и да создаваат нови контакти кои се важни и за организацијата и за нив. Потребно е да ги запознаваме со посетителите и соработниците на организацијата, да им дозволиме тие да повикуваат посетители, да ги каниме на состаноци, работилници и конференции.
· Волонтерите имаат потреба да им се оддаде признание за нивната работа. Затоа потребно е повеќе да се цени волонтерскиот ангажман, да се почитуваат новите идеи и начини на работа кои тие ги воведуваат. Треба да се користи секоја прилика да се истакне нивната компетентност и точност. Наградите и почестите можат да бидат форма преку која се признава идејно, а делумно и материјално волонтерскиот ангажман. Друга форма на признание може да претставува издавањето сертификати за волонтерска работа, кои може да бидат од корист при конкурирање на некое образовно или работно место.
· Треба да се води сметка да се обезбедат оптимални работни услови, што подразбира и пристап до потребната канцелариска и техничка опрема, документација и литература. Колку што е возможно, работата треба да им се направи забавна, на пример, да им се овозможи да слушаат музика, да им се дозволи да работат во групи и сл. Мора да имаме разбирање за тоа дека волонтерите трошат свое сопствено време.
Сунчица Саздовска
(Користен материјал:
Прирачник за развивање програми за волонтери, Ѕ.О.Ѕ. Куманово, 2002.
.
.
....
www.graganskisvet.org.mk/default.asp?ItemID=DDE4D544911F774FBE26B60A47774465