ЕВН: Ревизијата потврди дека во последните три години се инвестирани 108,3 милиони евра
Скопје, 28 април (МИА) - Независната ревизорска куќа КПМГ потврдила дека инвестициите на ЕВН Македонија во последните три години достигнале 108,3 милиони евра што е 12,3 милиони евра повеќе од задолжителните 96 милиони, согласно купопродажниот договор за ЕСМ.
- Инвестициите на ЕВН Македонија достигнаа 108,3 милиони евра во изминатите три години откако компанијата купи 90 отсто од акциите на ЕСМ Дистрибуција во април 2006 година. Ова го потврди реномираната ревизорска куќа КПМГ, која со вклучување и на последните забелешки од страна на ревизорската куќа Ернст и Јанг, дава целосна и вистинска слика на реализиранаите инвестиции. Се работи за темелни инвестиции во дистрибутивната мрежа и тоа во сите сегменти, со што значително се подобри квалитетот во снабдувањето со електрична енергија, наведува ЕВН во денешното соопштение.
Според ЕВН, во ревизорскиот извештај на КПМГ се констатира дека ЕВН Македонија ги реализираше сите инвестиции што како обврска произлегуваат од купопродажниот договор за купување на ЕВН Македонија. Согласно овој Договор, ЕВН Македонија за три години, од 2006 - 2009, по влезот на македонскиот пазар, требаше да инвестира 96 милиони евра. ЕВН Македонија не само што ја исполни оваа обврска за инвестирање, туку и ги надмина инвестициите за 12,3 милиони евра.
- Инвестициите придонесоа за подобрување на дистрибутивната мрежа и го намалија периодот на испади за 50 проценти, а подобрени се и техничките перформанси на мрежата. Околу 960 македонски компании се ангажирани како кооперанти, изведувачи и подизведувачи од страна на ЕВН Македонија. Истовремено инвестициите отворија неколку стотици работни места во компанијата, со што се отвори шанса за младите квалификувани кадри, стои во соопштението на ЕВН.