Утрински весник, понеделник, 16 октомври 2006
ВМРО е повеќе од партија, ВМРО е религија!
Владимир Транталовски, основач на ВМРО-ДПМНЕ
Повеќе од еден месец топ-тема во македонските медиуми, пишани и електронски, се состојбите во ВМРО-ДПМНЕ. Се отиде дотаму што многумина повикани и неповикани си зедоа за право да ги коментираат состојбите како им чини или по задача. Чашата се прели со почесниот претседател на партијата.
Како најстар основач, по покојниот Драган Богдановски, се чувствувам повикан прв пат во изминативе 40 години јавно да проговорам. Бидејќи се изначитав и изнаслушав за разни основачи, војвотки, корени на партијата, сакам на јавноста да и кажам дека основачи на партијата ВМРО-ДПМНЕ се: Драган Богдановски, Гојко Јаковлески (братот на Мане Јаковлески кој нў поддржуваше материјално), Љупчо Георгиевски, Борис Змејковски и јас, Владимир Транталовски, на состанокот во Минхен, пред одржувањето на Основачкото собрание во Скопје на 7 јуни 1990 година во Домот на млади. Во судскиот регистар, каде што и официјално е регистрирана партијата во август 1990 година, стојат имињата: Љупчо Георгиевски, Борис Змејковски, мојата ќерка Дијана Транталовска, Васил Наумов и други, но не оние што деновиве се прикажуваат за основачи, војвотки и корени. На состанокот во Минхен, Драган Богдановски го предложи тогаш младиот студент Љупчо Георгиевски за водач на партијата, како млад, храбар и јасно национално определен, човек без хипотеки. Предлогот беше прифатен од сите.
Драган Богдановски, мојот долгогодишен пријател, со најдолг затворски стаж во Идризово за самостојна држава Македонија и полициско досие од 17.000 страници, одлежа 11,5 години од вкупно 13 во СР Македонија и идеен творец и татко на ВМРО-ДПМНЕ. На првиот конгрес во 1991 година, во Прилеп е избран за почесен претседател, титула која му е одземена не знам кога и од кого, но не е на Кичевскиот конгрес што следеше. Иако сум основач на партијата, не бев поканет на конгресот во Кичево, каде што никнаа некои нови воздушни корени, а од старите, вистинските остана единствено Љупчо Георгиевски. Понатаму следува преќутно дистанцирање од основачите, а зацврстување на позициите на Доста Димовска.
Последниве предвремени претседателски избори ја прелеаја чашата. Решив јавно да проговорам, при чиста совест зашто не можам да гледам и слушам како некој се обидува да ја урне куќата во чии темели се вградени животни судбини, надеж, верба. Што е тоа што ги тера луѓето да прават вакви потези? Од каде правото да се поистоветуваат со партијата? Дали е во прашање егоизам, суета, желба за позиција по секоја цена или нешто се одработува по задача? Како да се протолкуваат последниве исклучивости од страна на вториот почесен претседател. "Или по мое или никако!" Повикот за апстиненција, зарем не беше директен удар врз своите? Што се направи со паралелната кампања на Љубе Бошковски. Кој ја потхрани неговата суета да прави антипропаганда на раководството и претседателскиот кандидат д-р Кедев? Наместо да се мобилизира целокупното членство и симпатизери во претставување на својот кандидат, се отиде во антипропаганда, подвојување на членството и исход каков што следуваше, за на крај да се бара оставка од претседателот Никола Груевски и потпретседателката Ганка Самоиловска-Цветанова, прогласувајќи ги за главни и единствени виновници, што не е точно.
Во името на партијата стои ВМРО-Демократска партија за македонско национално единство. Последниве три збора од името се многу важни, секому треба да му бидат мото македонско национално единство, а не раздор најмалку од луѓе кои многу направиле и придонеле за партијата и за Македонија, воопшто. Ако ексминистрите Груевски и Самоиловска-Цветанова, по кои владата на ВМРО на чело со Љупчо Георгиевски ќе се памети по големите дела: Законот за денационализација и неговото спроведување реформите во финансискиот систем, изградбата на Плаошник, Широк сокак, Милениумскиот крст на Водно и др., што се неспорни успеси, значи, ако на нив не им се верува и се става под сомневање нивната способност да ја водат партијата, тогаш си го поставувам прашањето: "Како ние сите зрели и искусни луѓе со свој интегритет му го доверивме водството на партијата што ја основавме на младо неискусно момче?" Секогаш бевме со него да го поддржуваме и бодриме. Ја поминавме цела Македонија, основајќи одбори и месни комитети во сите градови и села.
Многумина во ВМРО во одреден период дале свој значаен придонес и белег и тоа е за почит и паметење. Но, исто така, добар дел од луѓето на клучните позиции, партиски и државни, заминале од партијата по големи афери, што исто така не е за заборавање.
Во името на четирите свети букви ВМРО, чувствувам морална обврска и одговорност да повикам на единство на членството и целиот македонски народ. Повикот го упатувам посебно до поранешните функционери да ја надраснат суетата, да ги смират страстите, со што ќе се придонесе за насочување на вкупната енергија кон стабилизацијата на состојбите и брз напредок. Престанете јавно да се напаѓате меѓусебно и дајте им можност на новите млади кадри кои се веќе докажани, како што ние основачите ви ја дадовме вам довербата, зашто идејата на ВМРО е постара и од нас, а ќе ве надживее и вас.
ВМРО е повеќе од партија, ВМРО е религија!