ДУИ нема уште долго да стои со скрстени раце за евроатлантските процеси на земјава и смета оти не може бесконечно да траат преговорите за името, изјави за „Дневник“ Рафиз Алити, потпретседател на ДУИ и потпретседател на Собранието. Со ова, ДУИ првпат јавно упати порака до коалицискиот партнер ВМРО-ДПМНЕ дека очекува брза разврска на проблемот со името, но исто така покажува и незадоволство и нервоза од подредената положба во Владата. Алити не сакаше да прецизира до кога „му дава рок“ на ВМРО-ДПМНЕ и дали ако набрзо не се постигне компромис за името, ДУИ ќе ја напушти Владата. Алити вели дека за тоа ќе решаваат партиските органи. Неофицијално, ДУИ ќе биде стрплива до есен, односно ќе почека во Грција да завршат изборите за европарламентот и евентуално предвремените парламентарни избори.
- Имаме притисок од гласачите, а, од друга страна, за Албанците е многу битно Македонија што поскоро да стане дел од НАТО. Поради државниот интерес, сме подготвени да изгубиме политички поени, да жртвуваме дел од Охридскиот договор и да не притискаме на целосно спроведување на законите кои од него произлегоа. Нема да чекаме бесконечно и нема да прифатиме Албанците да бидат рамноправни во ЕУ, а дискриминирани дома - вели Алити.
Тој вели дека македонскиот политички блок декларативно се залага за спроведување на рамковниот договор. Дека во практика не се спроведуваат законите за употреба на албанскиот јазик, правичната застапеност, употреба на националното знаме и за двојазичните патокази. Алити додава дека во ДУИ нема трпение уште долго да има мораториум на етничките прашања.
Во ДУИ се зголеми нервозата по изборниот пораз во Тетово и во Гостивар, но и по најавата на Руфи Османи дека ќе формира партија и ќе бара нов договор помеѓу Македонците и Албанците. Висок функционер на ДУИ вели дека Османи со право ги критикува за неспроведување на Охридскиот договор и оти тоа го користи и на Албанците им нуди порадикална платформа. За да ги консолидираат редовите по загубата на Тетово и Гостивар и за да не дозволат одлив на членовите кај Османи, во ДУИ најавуваат чистки во Централното претседателство, негово зајакнување со млади кадри, санирање на слабостите, а не се исклучува и радикален рез, односно промена на партиската идеологија. Промените треба да завршат до партискиот конгрес во ноември, но во ДУИ не сакаа да коментираат дали промената на идеологијата ќе значи и радикализација на партијата.
Извор:
http://www.dnevnik.com.mk/?ItemID=F246D4A3DC4B7F40BEE5241DA0A1A55E