Битолчани ги окупираа егејските плажи
Годинава во споредба со лани 50 отсто повеќе битолчани ќе летуваат крај Егејско Море, тврдат од агенциите и додаваат дека најголем бил интересот за Халкидики
Летото, иако се' уште не е многу жешко, го топи патриотизмот кај битолчани и кај други македонските граѓани, кои и покрај полити чките проблеми со јужниот сосед ги преплавија плажите во Грција. На стартот од летната сезона туристичките агенции од Битола бележат 50 отсто поголем број битолчани што ќе летуваат во Грција во споредба со лани. И од пограничната полиција потврдуваат дека во првите 15 дена од месецов граничниот премин Меџитлија го поминале над 27.000 патници, наспроти минатогодишниот проток од 19.000 патници. Ова покажува дека закрепнува туристичката соработка помеѓу двете земји, по минатогодишната сезона кога малкумина Македонци летуваа во Грција, откако таа го попречи влезот на нашата земја во НАТО.
- Сега грчките туристички агенции и сопственици на објекти дадоа попуст од 25 проценти за аранжманите што ги закупија македон ските агенции, еден месец однапред. Малку ни се капацитетите што ги резервиравме. Адути се и близината на дестинациите и навиката на битолчани да патуваат во Грција. За три часа возење стигнуваат до Егејското Море - вели Миле Спировски, сопственик на туристичка агенција од Битола.
Кај битолчани најголем е интересот за летување на првиот крак од Халкидики и на олимписката ривиера. Некои од овие дестинации се привлечни за македонските туристи со поплиток џеб, зашто можат да се сместат во соба со кујна, па со готвење, без да се хранат по ресторани, поевтино да го поминат одморот. Цената за ноќевање во едно трикреветно студио чини од 20 до 45 евра.
- Некои велат дека тоа е петпарачки одмор зашто одиме со полно фрижидерче храна од дома, па таму да се купи само основното. Бараме апартман со кујна, зашто ако се сместиме во хотел ќе треба да се храниме по ресторани, а тоа не е за нашиот стандард. Околу 300 евра ќе не' чини ноќевањето за 10 дена и уште толку ќе носиме за трошење. Ќе штедиме иако сме на одмор, но барем ќе се капеме во море - вели битолчанката Велика Силјановска. Во близина на летувалиштата има големи маркети од каде туристите ги полнат фрижидерите со евтини пакети храна, сладоледи, пиво и други продукти.
- Немаме никакви проблеми. Таму трговците и угостителите не ги интересира името. Во текот на престојот можеме да си дозволиме два-три пати да вечераме со семејството во таверна. За 30 евра ќе вечераш морска храна и ќе се напиеш една кригла пиво - раскажуваат битолчани, кои летувале во „Олимпик бич“.
Но, се' уште како проблем се испречуваат визите. За да ги извадат невработените во конзулатот треба да покажат гаранција дека на банкарска сметка поседуваат по 500 евра од човек. Но, и покрај ваквите пречки резервирани се сите легла што агенциите ги закупиле до 20 јули.
- Нашите патуваат за Грција и тоа ги надмина очекувањата за годинава. Но, проблем е тоа што по инцидентот со грчките автобуси во Охрид, на кои беа испишани графити, Грците се' помалку организирано доаѓаат тука. Сите тури веднаш беа пренасочени за Бугарија - вели Спировски.
Жанета Здравковска