„ДНЕВНИК“ во НОВиот дом НА георгиевски
Благоевград му се израдувал на Љубчо
Адресата што Љубчо Георгиевски кај бугарските власти ја пријавил како постојано живеалиште е на неговиот долгогодишен пријател Кирил Пендев ,поранешен директорт на Балканска банка во Скопје
Нова и модерно изградена четирикатна зграда, со деловен простор на приземјето, во центарот на Благоевград е адресата на која е пријавен новиот бугарски државјанин и поранешен македонски премиер Љубчо Георгиевски. Зградата е во строгиот центар на градот, кој важи за елитен дел, а во неа, засега, е вселена само една фамилија.
Репортерската екипа на „Дневник“ при вчерашниот престој во Благоевград успеа да дознае дека адресата што Љубчо Георгиевски кај бугарските власти ја пријавил како постојано живеалиште е на неговиот долгогодишен пријател Кирил Пендев. Тие што живеат во близина на зградата на улицата Христо Татарчев велат дека неколку станови се сопственост на Пендев, но никој не можеше да потврди дали Георгиевски е сопственик на некој од нив.
- Не сакам ништо да коментирам на прашањата што се однесуваат на личните работи - ни изјави вчера Пендев.
Пендев беше директор на Балканска банка во Скопје, која беше дел од компанијата „Мулти-груп“ во исто време кога македонски премиер беше Љубчо Георгиевски. Дознаваме дека Пендев бил и далечен роднина на сопругата на Љубчо Георгиевски, Снежана. Прадедото на Пендев и прабабата на Снежана биле брат и сестра од селото Владимирово. Нивните татковци заедно учеле во гимназијата во Благоевград. Дознаваме дека по заминувањето од директорската функција во Балканска банка, Пендев си отворил фото-студио, кое е најсовремено во Благоевград. Тој имал голема страст да се бави со фотографирање, а сега му се укажала можноста да си направи најмодерно студио.
Според бугарскиот закон за државјанство, не е потребно да се приложи доказ за поседување стан или согласност од некој сопственик. Едноставно, адресите се пишуваат по слободна процена при што се случувало на една адреса да се пријават и повеќемина нови државјани, а сопственикот на станот да не знае. Ова е законска „дупка“, која им овозможува на многу баратели да добијат бугарски државјанства.
Градоначалникот на Благоевград Лазар Причкапов вчера ни изјави дека нема надлежност да врши увид во имотот на жителите на општината. Инаку, во Благоевград се одушевени што поранешниот премиер на Македонија станал бугарски државјанин. Речиси да нема граѓанин во Благоевград што не знае дека семејството на Георгиевски станало нивни сограѓани.
- Многу се израдував кога слушнав дека Георгиевски станал бугарски државјанин. Тоа што го направил е само формалност оти во Македонија нема македонски народ, туку таму живеат само Бугари. Георгиевски сега станал и официјално Бугарин. Со овој храбар чекор што тој го направи е во насока да се надмине заблудата дека има македонски народ, која постои со години - изјави вчера Никола Радев, студент од Благоевград.
Трајко Колев ни изјави дека историјата се повторува. Тој вели дека најпознатите Бугари во минатото, кои потекнуваат од Македонија живееле, се школувале и терале политика во Бугарија.
- Не гледам друг мотив за Георгиевски да стане бугарски државјанин, освен неговото чувство дека е Бугарин. Потребен ли е поголем доказ дека нема Македонци како посебен народ, кога вашиот премиер стана Бугарин - вели Колев.
Бисер Грнчаров смета дека постапката на Георгиевски треба да ја следат и другите граѓани во Македонија што се чувствуваат како Бугари. Тој има ателје и продава слики, а негови муштерии веќе биле брачната двојка Георгиевски.
- За нас Георгиевски е борец за исправање на најголемата историска неправда што и' се случила на Бугарија. Тој ми е многу омилен и се одушевувам кога ќе го видам. Тој често престојува во Благоевград и отседнува во хотелот „Кристо“ - изјави Грнчаров.
Хотелот се наоѓа во стариот дел на градот и е најелитен хотел во кој престојуваат познати политичари и бизнисмени, меѓу кои и претседателот на Бугарија Георги Прванов.
Кметот на Благоевград Лазар Причкапов рече дека му е мило што брачната двојка Георгиевски станале жители на градот.
- Георгиевски е надежен политичар, од кого има уште многу да се очекува од него. Не само што е политичар, туку и познат поет - изјави Причкапов.
Во Благоевград постои и загриженост за политичката иднина на Георгиевски во Македонија поради стравот дека против него ќе почне политичка хајка.
Постарите жители на овој град зборуваат дека Георгиевски уште како дете често доаѓал во Благоевград со својот татко бидејќи тука има многу роднини. Во градот се шират шпекулации дека Георгиевски купил и имот во градот, но не на свое име.
Кај човек од доверба
Кирил Пендев важи за близок пријател на Љубчо Георгиевски. Дознаваме дека тој има и македонско државјанство. Неговиот татко бил по потекло од беровското село Владимирово, но во времето на СФРЈ се преселил во Благоевград.
Пендев управуваше со Балканска банка кога нејзин сопственик беше бугарската компанија „Мултигруп“. Нејзиниот прв човек, контроверзниот Илија Павлов, во 2002 година беше претседател на Собранието на акционери на банката. Пендев беше и член на Одборот на директорите на „Табак осигурување“ во периодот кога со оваа компанија раководеше Весна Таковска, сопруга на братот на Снежана Георгиевска. Тој беше разрешен од функцијата пред две години, кога сопственик на Балканска стана Прва инвестициска банка од Софија.
дневник , среда 19 јули 2006