СДСМ на најниски гранки од постоењето
Локалните избори, особено вториот круг, ја покажаа сегашната моќ на СДСМ или, поточно речено, немоќ да се претстави како сериозна опозиција. Со седум освоени градоначалнички места сигурно нема место за задоволство, ако се има предвид фактот дека од поголемите градови ги освоија само Струмица, Куманово и Охрид, и тоа, пред с&“232;, по заслуга на кандидатите за градоначалници.
Зошто ВМРО-ДПМНЕ успеа да ги освои бастионите на СДСМ во кои немаше претрпено пораз со години? Или зошто владејачката партија не победи во Охрид, Карпош, Струмица?
Ова се само дел од прашањата што се поставуваат во политичките кругови. Во СДСМ како една од главните причини за лошите резултати се наведува фракционерското дејствување по преземањето на партијата од страна на Владо Бучковски. Тогаш дејствуваше струјата на Радмила Шекеринска. Подоцна, по сугестија на Бранко Црвенковски, дел приврзаници на Бучковски се свртеа против него за да ја постават Шекеринска на чело на партијата. Но, според сдсмовците, таа направи погрешна кадровска политика, која уште повеќе ја продлабочи кризата во партијата. За една од поголемите грешки се смета преоѓањето на Демократската партија на Србите, Демократската партија на Турците и некои ромски партии во таборот на Никола Груевски. Се смета дека овие партии за себе врзуваат околу 100 илјади гласа. Перманентното отстранување интелектуалци, како и теренаци од своите редови, се одразува и на креативноста на партијата, но дел од тие личности преминаа и во спротивниот табор. Од друга страна, кога Црвенковски најави дека се враќа во партијата, сите како да кренаа раце чекајќи тој да ги спаси и воздигне. А тоа на Црвенковски му оди во прилог, затоа што колку повеќе тоне партијата толку тој ќе има подобар рејтинг како опозициски лидер. Секое помрднување од сегашниот понижувачки резултат ќе биде претставено како успех.
Како една од причините за постигнатото на социјалдемократите на изборите се споменува и фактот што многу локални лидери речиси заборавија дека дваесетина години се на функции, при што младите кадри се отстрануваа од партијата. Во овој контекст е и фактот што поради последните два пораза на парламентарните избори, многумина бегаа од понудите да бидат кандидати за градоначалници. И можеби најбитниот елемент, психолошкиот, беше клучен за катастрофалниот резултат. Раководните структури на СДСМ шест месеци пред изборите велеа дека не може да се победи Груевски, затоа што фрлал огромни пари по медиумите.
Дали поради ваквиот однос или поради многу подобрата организација на ВМРО-ДПМНЕ или, пак, поради желбата за промена паднаа средини во кои СДСМ владееше од осамостојувањето на Македонија. Тоа се: Кочани, Ресен, Гевгелија, Берово, Велес, Крива Паланка итн. Додека ВМРО-ДПМНЕ не успеа да завладее со Охрид, Струмица, Карпош, Куманово.
Во Ресен велат дека Димитар Бузлевски не победил затоа што 20 години тој доминирал во политиката. Овојпат кандидат за градоначалник требало да биде младиот локален лидер Сашо Пецаревски. Од стотина семејства што гласале за СДСМ, педесетина му биле лути на досегашниот градоначалник. Но и НСДП во вториот круг не му дал целосна поддршка, а и ВМРО-ДПМНЕ, како што велат нашите извори, добро изиграло со ДУИ.
Недостапноста за граѓаните, пробирливиот однос за доделување општинско земјиште на бизнисмени, непочитувањето на градбата на велешкиот театар, неводење сметка за инфраструктурата на приградските населби, неуривањето дивоградба во неговата населба за да се направи улицата и други работи се елементите што му донеле пораз на Аце Коцевски во Велес.
Во Кочани се чекаше промена, затоа што на претходните избори Ратко Димитровски загуби на сомнителен начин, односно претседателот на Општинската изборна комисија толкувајќи го Законот изјави дека тој не победил во првиот изборен круг за 31,5 гласа. Но чувството на бизнисмените дека им се загрозени бизнис-интересите од една структура на СДСМ, застанаа зад Димитровски во очекување дека ќе ги разбере нивните заложби за овозможување услови за развивање на нивните фирми.
Неизградениот ски-центар на Кожув, поради рекет-интереси на поединци, неотворањето граничен премин кон Грција, преместувањето на Царината во Струмица, преместувањето на центарот на Управата за јавни приходи, симнувањето на статусот на УВР-Гевгелија на ниво на полициска станица се дел од причините поради кои гевгеличани гласаа за кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ. Ова го правеле неколку локални моќници на СДСМ, како што коментираат гевгеличани, кои ги гледале само своите интереси на сметка на развојот на општината.
Од друга страна, владејачката партија не успеа да ги добие Охрид, Карпош, Струмица и Куманово, поради моќта и досегашната работа на самите кандидати. Во Охрид ВМРО-ДПМНЕ двапати губи од суета. Наместо со ВМРО-НП да имаат предизборен коалициски настап, тие се појавуваат како ривали. Големото присуство на министри во Охрид како поддршка на кандидатот Кире Трендафилов имаше контраефект кај охриѓани. Александар Петрески во досегашниот мандат изгради добри релации со повеќе вмровци, а некои од нив ги вработи и во локалната самоуправа. Но се смета дека тој подобро играл кај Ромите и кај Албанците.
Стевче Јакимовски оставил добар впечаток на граѓаните на општината Карпош додека беше градоначалник, но се истакнува и дека ВМРО-ДПМНЕ му спротивстави слаб кандидат.
Сепак, кај ВМРО-ДПМНЕ се забележува пад во добиените гласови во однос на предвремените избори во 2008 година. Тогаш партијата освои 481.602 гласа, а сега на локалните за советници доби 308.960, што е пад за 72.642 гласа.
Тројца нови пратеници во Собранието
Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ Ратко Димитровски и Горан Петров и пратеникот од ДУИ Блерим Беџети се избрани за градоначалници, поради што Собранието ќе добие тројца нови пратеници.
Димитровски веќе и формално ја презеде функцијата градоначалник на Кочани. Петров победи во Велес во вториот изборен круг. Следен од пратеничката листа на ВМРО-ДПМНЕ што требаше да седне во собраниските клупи е доскорашниот државен секретар во Министерството за образование Дарко Митевски. Но и тој е избран за градоначалник на Македонска Каменица. Поради тоа, нови пратеници на ВМРО-ДПМНЕ се Оливер Алексовски, претседател на партиската организација од Крива Паланка, и Марија Рашковска од Берово, член на Извршниот одбор на Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ. На пратеничката листа на ВМРО-ДПМНЕ остануваат уште двајца кандидати, Звонко Шавревски и Зоран Стојанов.
Третиот пратеник што треба да ја преземе градоначалничката функција е Блерим Беџети од ДУИ, кој во неделата победи во општината Сарај. Неговото место во Собранието ќе го заземе Назим Буши, заменик-директор во МРТ.
С.С.
http://www.novamakedonija.com.mk/De...=2&fCat=1&EditionID=362&top=1&ArticleID=22106