Очигледно ќе помине уште некое време пред да се прогласат овие избори за завршени. Ќе има прегласување во Арачиново.
ДИК едногласно го прифати приговорот на ДУИ за гласачкото место 2337, бидејќи во кутијата беа пронајдени две ливчиња повеќе отколку што излегле гласачи.
Во Арачиново, инаку, битката за градоначалник ја бијат ДУИ и Нова демократија.
Досега ова е единствениот прифатен приговор од разгледаните 20-тина, а пристигнати се вкупно 95 приговори.
ДИК претходно ги одби приговорите на ДУИ за Тетово и Гостивар, со што ги потврди мандатите на Сади Беџети од ДПА и на Руфи Османи.
Одбиен е и приговорот на ДПА за Студеничани, како и на независните кандидати за Петровец и Гостивар.
Понатаму се разгледуваат приговорите на владејачката ВМРО-ДПМНЕ. Таа до ДИК поднесе најмногу, 45 приговори, речиси сите за општините Карпош и Охрид.
Според извори во Комисијата, мали се шансите некои од овие приговори да бидат прифатени бидејќи владејачката партија немала забелешки на самиот ден на изборите, во записниците на избирачките места.
Затоа пак, се очекува да бидат прифатени поголем дел од приговорите на партијата ПЕИ за Струга. Според информации на А1, партијата освен жалбите, доставила и несоборливи докази за семејно гласање, гласање за друг, гласање без соодветни документи.
ПЕИ бара прегласување на 22 избирачки места, со околу 10.000 гласачи. Истовремено, според нашите информации, стружани се подготвуваат за големи демонстрации во центарот на Струга, на кој ќе го искажат својот револт од големата кражба на гласовите.
За нив е нејасно како за само осум месеци, дури 4.000 гласачи повеќе излегле на гласање, во однос на парламентарните избори лани во јуни.
По разгледувањето на приговорите на ВМРО-ДПМНЕ и на ПЕИ, остануваат да се разгледаат приговорите на Коалицијата „Заедно за Шуто Оризари“ и на СДСМ.
Засега Комисијата нема донесено одлука дали ќе работи до рано изутрина или пак, ќе направи прекин во работата и ќе продолжи утре.
Инаку, според Изборниот законик, против сите решенија на ДИК, сите заинтересирани странки имаат можност да поднесат жалба до Уставниот суд кој го има конечниот збор дали на некое место ќе има прегласување или не.