Навистина, Македонците уживаат најголеми права во Албанија (споредено со останатите соседни земји). Тоа не е од вчера, туку така беше и за време на Енвер Хоџа. По неговата ера, тие права се зголемија (а под тоа подразбирам пред се, намалување на политичката тортура врз Македонецот во Албанија).
Но, мора да се воочи една голема хипокризија во целава работа. Веењето на знамето, школувањето на мајчин јазик (во нижите делови од образовниот систем) и други минорни "погодности" важат само во изолираниот џеб од државата и важат само за мал дел од македонската популација. Основно училиште на мајчин јазик немаат Македонците во Голо Брдо, Корча, Тирана... За други работи да не правиме муабет.
Пустец, веќе 50-ина години служи како алиби за Албанија, дека ете, тие обезбедиле права за сите свои граѓани.
Смешно е во 21 век, некој да не може да учи на мајчин јазик, да не може да ги искажува политичките ориентации преку свои претставници во парламентот.
Правата на Македонците во Албанија ни од далеку не се слични на правата на Албанците во Македонија. Внимавајте, зборуваме за елементарни права, ништо ниту приближно на правата на Албанците тука.
Последната посета на Едмунд Темелко на Македонија (јас барем што ја приметив по медиуми), беше одбележана со гостувања по разни емисии. Во една таква емисија, тој најмногу ја истакна оваа хипокризија - наводното имање права. Станува збор за елементарни права на само мал дел од Македонците, во еден изолиран џеб од државата. Тој (Едмунд) се уште е следен од тајната служба и е викан на "разговори"...
Една модерна европска држава (каква што сака да биде Албанија), не би смеела да си го дозволи ова. Најповеќе заради Албанците во соседството.
И никако не смее да се сопре само на трошките, кои демек дарежливо ќе бидат фрлени. Образованието на Македонците во Албанија постоано треба да се унапредува, тоа мора да ни е јасно. Сите други процеси, од тој аспект, мора да се завршат (како на пример деалбанизацијата на македонските имиња и презимиња). Ретроградните геноцидни потези на Тирана, како што се менување топоними, непризнавање на името..., нема да донесат никакво добро за никој од нас. А ќе бидат во корист на Грците, да речеме.
Во целава приказна многу битен момент, кој ќе претставува темел и иницијална каписла за промените во албанското општество, е присуството на македонските политички претставници во парламентот.
Логично би било токму од македонските Албанци да дојде подршка за правата на албанските Македонци. Станува збор, пред се, за изразено елементарни права. Нашата надворешна политика редно е веќе, да заземе поактивна позиција во однос на правата на албанските а и косовските Македонци (Гораните).