ВМРО-ДПМНЕ ги губи симпатиите
Популарноста на ВМРО-ДПМНЕ почнува да оди по надолна линија, тоа го покажуваат последните испитувања на јавното мислење, според кои, само за два месеца се стопија речиси десет проценти од рејтингот на владејачката партија.
Аналитичарите сметаат дека ваквиот пад на поддршката на владејачката партија се должи на тоа што почнува да се чувствува незадоволството од „политиката базирана на антиквизација и запоставувањето на конкретните економски проблеми“. Според некои прогнози, таквиот тренд ќе продолжи и ќе се рефлектира на претседателските избори, на кои не се исклучуваат и изненадувања.
Последната анкета на Центарот за истражување и креирање политики покажа пад на популарноста на ВМРО-ДПМНЕ за четири проценти во споредба со претходното испитување. Минатонеделната анкета на ИРИ, пак, забележа уште поголем пад на поддршката на партијата на премиерот Никола Груевски. Односно, осум отсто споредено со истражувањето направено пред еден и пол месец. Испитувањето на ИРИ покажа и пад на популарноста на Груевски од десет проценти.
И додека Груевски и ВМРО-ДПМНЕ изгледа почнуваат да ги губат симпатиите, најголемата опозициска партија полека го зголемува рејтингот. Најпрво, тоа го покажа анкетата на ИРИ, каде што популарноста на СДСМ беше зголемена за еден процент во однос на претходното испитување. Во анкетата на Центарот за истражување и креирање политики е регистрирано зголемување на популарноста на СДСМ за 12,6 отсто. На прашањето доколку утре се одржат парламентарните избори, 30,9 отсто од испитаниците одговориле дека би гласале за ВМРО-ДПМНЕ, за СДСМ се определиле 19,7 отсто. Во претходното истражување на овој Центар за ВМРО-ДПМНЕ се определиле 34,4 отсто, а за СДСМ 7,1 процент од анкетираните.
Професорот на Штуловиот универзитет, Имер Исмаили, оградувајќи се дека има резерва во сондажите на јавното мислење и дека најдобрата анкета се изборите, вели дека очекувал да паѓа популарноста на ВМРО-ДПМНЕ.
„Со претседателскиот кандидат што го има ВМРО-ДПМНЕ очекувано е да паѓа поддршката. Како што е очекувано да расте популарноста на СДСМ, за што големо влијание има нивниот кандидат. Фрчкоски е омразен и фален во јавноста, но факт е дека има ’личност’, свое ’јас’, конкретен став и остава впечаток. За разлика од Иванов, кој е тотално изгубен во сенката на Груевски, претворен во негов клон. Тоа е голем проблем, бидејќи претседателот на државата мора да биде личност со јасни ставови. Луѓето се изморени од клонови, тоа веќе се покажува и владејачката партија силно го чувствува и станува нервозна. Рејтингот на ВМРО-ДПМНЕ допрва ќе паѓа и независно од високиот рејтинг на Иванов, мислам дека на претседателските избори ќе има мртва трка меѓу него и Фрчкоски“, прогнозира Исмаили.
Жидас Даскаловски од Центарот за истражување и креирање политики вели дека се чувствува незадоволството од погрешните чекори на Владата и непопуларните мерки: бруто-платата, патриотските фискални сметки.
Тој смета дека големо влијание во падот на популарноста на ВМРО-ДПМНЕ има и дебатата во јавноста околу потребата за споменици од античката историја.
„Од една страна, има претерано фокусирање на историски расправи, од друга силно се чувствува економската криза, при што не се забележува голема волја на Владата да се справи со проблемот“, вели Даскаловски. Според него, на владејачката партија која има мобилизирано гласачко тело и' остануваат верни нејзините поддржувачи, но ја губи довербата кај неопределените. Тој смета дека на изборите борбата ќе биде „да се придобијат неопределените и колебливите, оние кои се благо позитивни или негативни кон некоја опција“.