ЛИГА НА ШАМПИОНИ 6.КОЛО ГРУПИ "Е", "Ф", "Г" И "Х" - ИТАЛИЈАНСКИОТ ШАМПИОН ГО ИГРА КЛУЧНИОТ МЕЧ ЗА ПЛАСМАН ВО ОСМИНАФИНАЛЕТО ОД ЛШ
Момент на вистината за Интер
Како што одминуваа натпреварите во Лигата на шампионите така с$ повеќе се компликуваше ситуацијата во групата "Ф" во која покрај европскиот шампион Барселона и италијанскиот гигант Интер се наоѓаат источноевропските Рубин и Динамо Киев. Неколку изненадувачки резултати ги оставија сите екипи во игра за 1/16 финалето во пресрет на ова последно коло. Барселона направи голем исчекор кога минатото коло го совлада Интер и го стави италијанскиот шампион на маки кој сега ќе брка победа против Рубин. Барса гостува во Киев и бара реми, но може да си дозволи пораз од два гола различен од 2:0 бидејќи на првиот меч на Ноу Камп "Каталонците" го обезбедија овој резултат. За Интер би било доволно и 0:0 или 1:1 на дуелот со дебитантот Рубин, но само ако Динамо не победи. Доколку одиграат 2:2 или повисоко реми тогаш Русите ќе се радуваат на место меѓу 16-те најдобри (бидејќи првиот меѓусебен дуел во Казан заврши 1:1). Ова се математичките варијанти во оваа група во пресрет на последното 6. коло во најелитното европско натпреварување.
Оваа ситуација добро ја знае тренерот на "нероаѕурите", Жозе Мурињо, кој "кова" победничка стратегија против Рубин.
Интер игра многу добро во Серија "А" каде го држи првото место но нивните сметки малку ги помати поразот од Јувентус во саботата кој го стави Мурињо под дополнителен притисок. Португалецот ќе биде лишен од услугите на дефанзивецот Кристијан Киву поради суспензија, потоа Сантон и Кварезма поради повреди, но се очекува враќање на Весли Снајдер, кој заздрави од повредата на тетивата на ногата.
"Се трудиме да го заборавиме поразот од Јувентус. Пред нас е голем предизвик. Натпревар да се биде или не. Затоа целата енергија ја насочивме на дуелот со Рубин во кој атакуваме на победа", изјави голманот на Интер, Жулио Цезар.
Од друга страна Рубин нема пораз на четири натпревари во серија во ЛШ, а на сите средби на домашен терен ремизираше. Тренерот Курбан Бердиев е свесен дека ова е историска шанса за неговиот клуб во дебитантскиот настап да обезбеди место во нокаут-фазата. По одбраната на титулата пред неколку дена, Русите целосно се посветени на ЛШ и посакуваат добар епилог од нивното прво гостување на Џузепе Меаца. Голем проблем за Бердиев ќе претставува отсуството на Шаронов, кој се повреди на мечот со Динамо минатото коло, и еден од најдобрите стрелци во екипата Александар Букаров, кој го оперираше зглобот на раката. Кога станува збор за историјата Интер нема пораз на Џузепе Меаца од руски опонент. На досегашните шест средби има пет победи и едно реми. За Рубин ова е второ гостување во Италија откако пред три години загуби од Парма во Купот на УЕФА.
Барселона се надева дека добрата форма во првенството, каде не се поразени на 14 натпревари, ќе ја искористи за победа против Динамо. Пеп Гвардиола нема проблеми со повредени фудбалери (единствено Дмитро Чигрински нема право на настап) очекува добро издание и поволен резултат. Динамо посакува реприза на настапот од пред 12 години, кога пред своите навивачи ја демолираа Барса со 3:0. На таа средба настапија Олександар Шовковски и Андриј Шевченко, кои ќе бидат во составот и вечерва. Тренерот Валери Газаев ќе се обиде да го состави тимот без дефанзивците Ел Кадури, Качериди и Диаките, кои се повредени.
"Без сомнение ова ќе биде тежок меч. Барселона е европски шампион и нема да биде лесно да се совлада. Ние ќе сториме с$ што е во наша моќ, но не зависи од нас, очекуваме поволни вести на дуелот во Милано. Имаме слабост во дефанзивата, но ако напаѓачите одиграат на високо ниво ќе се надомести загубата. Барса има квалитет, но кога Рубин успеа да ги победи, зошто да не го сториме и ние истото", изјави Газаев.
Динамо на последните четири меча против шпански противник одиграл нерешено. Последната победа е онаа над Реал во 1999 година од 2:0, со двата гола на Шевченко.