http://star.vest.com.mk/default.asp?id=160527&idg=8&idb=2542&rubrika=Kaleidoskop
ШИНГО, Јапонија (ДПА) - Сино-бел патоказ на селска улица покриена со снег го покажува патот. По долго патување, се наближувате до "Гробницата на Исус". Меѓутоа, ова не е Блискиот Исток, туку Шинго, селце во префектурата Аомори во северна Јапонија. Селото со три илјади жители, што се наоѓа седум часа возење северно од Токио, привлекува посетители не само со локалните специјалитети како сладоледот со вкус на лук, туку и со една необична легенда.
Според фолклорот на Шинго, Исус од Назарет, што во христијанството се почитува како Божја инкарнација, а Муслиманите го сметаат за пророк, не умрел откако бил распнат на Голгота во близина на Ерусалим, туку 10 илјади километри кон исток, во Јапонија.
А еве како се случило тоа: "На 21 година Исус дошол во Јапонија", кажува претставникот на селото Норихиде Нагано. Оваа информација била најдена на свиток најден во 1935 година во далечната провинција Ибараки заедно со "тестаментот" на Исус во кој пишува дека тој поминал 12 години во Јапонија истражувајќи ја религијата и учејќи ги јазикот.
На 33 години, Исус се вратил во Јудеа, каде што бил распнат поради своето учење. Меѓутоа неговиот брат Исукири го заменил на крстот, а Исус избегал. Носејќи со себе едно уво на Исукири, прамен коса од Дева Марија и следен од неколкумина од своите апостоли, тој се вратил во Јапонија преку Сибир и Алјаска.
"На крајот стасал во ова село, се оженил со Јапонката Мијуко, имале три ќерки и живеел 106 години", вели Нагано, посочувајќи на двете земјени могили на кои има два дрвени крста.
Едниот е гробот на Исус, другиот е посветен на неговиот брат, објаснува тој. Но гробовите никогаш не биле испитани.
Ова не би било возможно без одобрение од господин Савагучи од соседството. Како еден од потомците на Исус, тој се сопственик на гробовите.
Савагучи не сака да се покаже пред сомничавиот посетител, а селаните зборуваат дека неговиот дедо бил повисок од просечните Јапонци. Неговиот нос бил подолг и имал сини очи.
Исто така, неверојатно е тоа што мештаните порано цртале крвче на челата на новороденчињата, далеку пред да дознаат за документите за гробницата на Исус во 1935 година. Бројот на докази се зголемува. Во исто време во близина на селото било најдено уште нешто интересно - пирамиди, постари од оние во Египет. Малку разочарува само тоа што денеска не може да се најдат камени градби што потсетуваат на пирамида - сите биле урнати во 19 век, велат мештаните. Облеката на старите земјоделци исто така потсетува на облеката што ја носеле библиските овчари, вели Нагано.