Нуклеарка во Мариово?
Македонија би требала наскоро да почне со изградба на нуклеарна централа, за таа да може да профункционира во 2025 година.
Ова се предвидува во Националната енергетска стратегија изработена од Македонската академија за науки и уметности, која во денешното интервју за „Дневник“, пошироко ја образложува академик Глигор Каневче.
„Изградбата на домашна нуклеарка ќе значи ангажирање голем број наши фирми. Се работи за армија луѓе при изградбата плус приближно еден вработен на еден мегават моќност што значи уште 1.000 вработени во нуклеарната централа“, смета Каневче.
Според него, локацијата на нуклеарна централа, најверојатно би била во Мариово, затоа што тој терен е многу поволен и од сеизмички и од аспект на населеност.
„Во нашиот план предвидуваме нуклеарката да почне да работи по 2025 година. Таа би била на некој начин алтернатива на можните термоцентрали на јаглен со подземен коп“, вели Каневче.
Тој појаснува дека нуклеарката би била спас, со оглед на високата цена која што треба да се плати за испуштање на стакленичките гасови од централите на јаглен.
„Значи, овие планови многу ќе зависат од сценаријата во светот и Европа за намалување на стакленичките гасови според протоколот од Кјото. Ние сигурно до тогаш ќе бидеме во ЕУ и ќе мора да ги исполниме обврските. Со оглед на тоа дека периодот за изградба на нуклеарните централи е многу долг, преку 15 години од првичните акции. За да може македонската нуклеарка по 2025 година да работи ние мораме да започнеме со активностите сега“, потенцира академик Каневче.
Според Националната енергетска стратегија на МАНУ, на Македонија предвидува до 2020 година и се потребни речиси три милијарди евра инвестиции во енергетскиот систем.
Извор
@ABC, повели