Мојон текст за програмите, ветувањата и манипулациите со ингеренции на претседателските кандидати.
Претседател или суперхерој?
Новиот претседател ќе ни го реши проблемот со името, ќе не внесе во ЕУ и НАТО, ќе ни ги реши економските проблеми, ќе ја намали невработеноста, и Македонија ќе ја претвори во земја од соништата.
Барем ваков впечаток се добива читајќи ги програмите на претседателските кандидати, и слушајќи ги нивните јавни излагања.
Доколку вака Обама ја доби највисоката функција во САД, кај нас ситуацијата е поинаква, македонскиот претседател има драстично помали ингеренции и не може да биде решение на сите проблеми во нашето општество.
Во текот на кампањава се вршат бројни манипулации со гласачкото тело, а најголеми се оние со ингеренциите.
Помалку информираните и запознати граѓани може слободно да се препуштат на ветувањата и според тоа кој најмногу им ветил да одлучат да му го дадат својот глас.
Сепак факт е дека главниот збор во одлучувањето за што и да е во државава го има владата и од тоа нема бегање.
Покрај лажната слика која ја даваат претендентите за функцијата шеф на државата, еве кои се, според Уставот на Република Македонија вистинските надлежности:
- Претседателот ја претставува републиката, е врховен командант на вооружените сили и претседател на Советот за безбедност.
- Тој го определува мандатарот за состав на Владата, ги поставува и отповикува амбасадорите и пратениците на Република Македонија во странство, ги прима писмата на странските дипломати, предлага двајца судии на Уставниот суд, двајца членови на Републичкиот судски совет, именува тројца членови на Советот за безбедност, ги предлага членовите на Советот за меѓунационални односи, како и други носители на државни и јавни функции според Уставот.
- Исто така, претседателот ги потпишува указите за прогласување на законите, доделува одликувања и признанија, дава помилување и врши други функции утврдени со Уставот.
А вие слободно дадете го гласот за кандидатот кој ви ветил најмногу вработувања во вашето семејство.