Мислам дека вреди да се прочита портретов на Утрински за Фрчковски, чисто онака колку да се потсетите што и како било со човеков.
Фален и напаѓан, професорот Фрчкоски верува во победа
Не влегувам во изборната трка само да учествувам, туку да победам
Гордана Дувњак
Одлуката на опозицискиот СДСМ, зад која застана и НСДП, да го предложи за претседателски кандидат професорот по меѓународно право на Правниот факултет во Скопје, д-р Љубомир Фрчкоски, предизвика голема неверица во јавноста. Без малку вистински шок!
По повлекувањето на искусниот дипломат Срѓан Керим од натамошната изборна трка, многумина се' уште имаат проблем да ги разберат вистинските мотиви на опозицијата за пристапувањето кон „планот Б“.
Дали поддршката на непартиски кандидат, кој важи за една од најконтроверзните личности на македонската политичка сцена, треба да се разбере како кадровска криза на левицата, која ги живее своите најтешки денови? Станува ли збор за предвремено признание на опозицијата дека е на прагот на уште еден тежок пораз? Или, пак, за чист прагматизам и потиснување на сопственото партиско его и застанува зад човек кој знае да ризикува и не се плаши од предизвикот?
Образложението на социјадемократите е дека им бил потребен човек кој има сила да води политички битки во овие тешки времиња, кога Македонија се соочува со изолација и авторитарна власт.
Професорот Фрчкоски вели дека неговиот основен мотив за прифаќање на кандидатурата бил предизвикот. Неговиот став кон овој вид искушенија шеговито го споредува со оној на Оскар Вајлд. „Кога имаш некакво искушение, му се препушташ и- го решаваш!
„Имам вроден инстинкт, така сум воспитуван и образуван, да ги мразам луѓето кои се плашат“. За себе вели дека е прагматичен човек и не е лузер. „Не влегувам во изборната трка само да учествувам туку да победам!“ вели самоуверено професорот Фрчкоски.
Вели дека силно го мотивира тоа што против себе има авторитарна власт. „Тоа е еден мрачен центар, каков што Македонија досега никогаш немала, кој нема интелектуални способности, кои би биле за респект, туку е празна дупка. Затоа, сметам дека мора да се порази концептот на изолација. Претседателските избори мора да бидат пресвртница да го означат почетокот на поразот на оваа власт“.
Педесет и едногодишниот скопјанец, кој потекнува од стара преродбеничка мијачка фамилија, на која е посебно горд, по многу нешта е необична личност во македонската галерија на ликови. Тешко дека можете да најдете личност во поновата македонска историја која е толку фалена и оспорувана. Медиумски присутен и елабориран во јавноста без малку две декади, како поради стручните ставови, политичкиот ангажман, или пак, поради приватниот живот.
Ставовите на професорот Љубомир Фрчкоски искажани во јавноста ретко кого оставаат рамнодушен. Успева да предизвика полемика, но и свесно да провоцира, да вади луѓе од кожа, но и да направи длабоки анализи. Можеби нема да се согласите со него, но факт е дека македонската демократска сцена без него би била посиромашна и неинтересна.
Противниците го доживуваат како голем позер кој постојано прави нешто за да биде во центарот на вниманието. Го квалификуваат како неодмерен сезнајко кој сака во секоја чорба да биде мирудија. Неговите колумнистички пишувања ги оценуваат како „интелектуална онанија“ со која создал бројни непријатели, бидејќи ретко кој му останал надвор од нишан. Постојано потсетуваат дека за време на неговиот речиси десетгодишен престој во политиката, му се случиле „Бит-пазар“, Радолишта, па дури и атентат врз претседател. Не му ги забораваат неговите перцепции за парадржавниот тетовски универзитет како „ роденденската забава“ и „издишан балон“.
Но, уште повеќе кривичните пријави, екстравагантноста со уметничките слики, рејбан очилата, коњите, влијанието во медиумските кругови, па дури и џезот, скапите часовници и пурите. Се' уште кружат приказните дека по промената на власта во 1998 година и победата на ВМРО-ДПМНЕ, од затвор го спасила тогашната прва полицајка Доста Димовска, која подоцна стана негова блиска пријателка. За оние на коишто не им е омилен, забавни се пикантериите од неговиот приватен живот, во кои имаше еден мачен развод, нов брак со млада адвокатка, тепачка на паркинг...
Приврзаниците, пак, го глорифицираат како човек со став, закон, неоспорен интелект, кој со својот луциден и специфичен стил знае да ги погоди работите право во центар. Неговите вторнички колумни во „Дневник“ кои се објавуваа до оваа недела, а сега се ставени во мирување, беа незаобиколно четиво со години. Макар што понекогаш знаеше и да претера со својот вокабулар. Некои од нив личат на вистински политички есеи, кои знаат да насмеат, да се прераскажуваат, а некого богами и да заболат. За една од своите колумни посвети на штетниот договор со „Окта“ заработи и кривична пријава од премиерот. Казната што треба да ја плати од 32.000 евра, веројатно, ќе остане во судските анали запишана како највисок паричен износ изречен за клевета и навреда. Неделникот „Глобус“’ во вброи во редот на десетте македонски личности за европска Македонија. Но, она по што сигурно ќе остане запаметен е неговата вклученост во донесувањето на речиси сите најважни акти на македонската држава - од Уставот до Охридскиот договор.
Во неговата биографија е запишано дека е роден 1957 година во Скопје. Дипломирал на Правниот факултет во 1981 година, а во 1986 година станал магистер по право. Во 1989 година докторирал на Универзитетот „Едвард Кардељ“- Факултет за социологија, новинарство и меѓународни односи во Љубљана. Во 1984 година се вработува на Универзитетот „Св.Кирил и Методиј“ по меѓународно право и меѓународни односи. Зад себе има импозантна листа на објавени книги и стручни трудови.
Во политиката влезе во 1990 година како министер без ресор во првата експертската влада на Никола Кљусев. Беше министер со најдолг стаж во полицијата, каде што остана цели четири години, а една година и шеф на дипломатијата. Дури и кога не беше директно во политиката, беше блиску до неа. За време на мандатот на трагично загинатиот претседател на државата, Борис Трајковски, беше негов советник за уставни прашања и за прашањата од областа на човековите права.
Многумина се' уште ги паметат неговите критички ставови за време на воениот конфликт, кога отворено се залагаше за остар одговор на државата. Фрчкоски се' уште мисли дека војната во 2001 била непотребна и можела да се избегне.
„Ако немавме таков договор и таков конфликт на едно место и во еден концентриран облик, практично суштински истите решенија на Македонија ќе и' беа наметнати низ процесот на европска интеграција“, напиша Фрчкоски.
Честа тема на негова опсервација е начинот на кој се води државата, па во една од своите последни колумни ќе напише дека „аутистичката политика што ја води Македонија има систем на итање кон никаде... апсолутна акција која треба да го замени мислењето“.
Со неговите критични ставови околу решавањето на проблемите околу името со Грција, заработи етикета на „предавник“ и „грчки платеник“, само затоа што повикуваше на компромисно решение, кое ќе не' донесе поблиску до НАТО и до ЕУ.
„Дотеравме далеку со ’меѓународната‘ околу компромисен предлог, сега повлекување ќе има многу висока цена, цена што Македонија нема да може да ја плати, а тоа е изолација и долгогодишно стагнирање и скапување однатре. А Македонија не е нивна дедовина, туку наша татковина. Тој компромис има горчина, што воопшто мора да го правиме, но има баланс и некаква добивка на крајот на краиштата, што не е за потценување“ , оцени професорот Фрчкоски во неколку свои јавни настапи во медиумите
Претседателскиот кандидат на опозицијата е свесен дека во кампањата ќе биде изложен на жестоки напади, како од политичките противници, така и од медиумите блиски до власта. Вели дека тоа уште отсега може лесно да прочита, кои ќе бидат главните пунктови на медиумска канонада, но тоа воопшто не го загрижува, дури и го забавува.
„Секоја од тие теми, на кои ќе ме напаѓаат е најмалку четири-пет пати експлоатирана. Прв пат околу целата оваа приказна ми е задоволство, зашто гледам дека зад тоа се крие страв. Тоа не е само обид за компримитација на интелектуалец кој мисли различно, туку од сите шевови им излегува страв. Но, апсолутно сум сигурен дека таквиот начин ќе им биде контрапродуктивен и ќе им се врати како бумеранг“.
Тврди дека ќе води позитивна кампања, во која ќе ги убедува граѓаните дека има концепт и се залага за сериозни вредности, што не значи дека лесно ќе се предаде без борба. Подготвен е да одговори на се'.
„Едвај чекам да ги извадат кривичните пријави, кои беа седум на број и се покажаа како неосновани. Ќе одговорам и за пријателството со Доста Димоска, кое е искрено, иако често сме биле на различни позиции“, додава Фрчкоски.
Вели, дека има ист однос спрема Албанците.
„Чесен однос, но без пардон кога се работи за принципите на правната држава. Никогаш персонално, никогаш со говор на омраза. Па, и самиот бев оженет со Албанка“, нагласува опозициониот претседателски кандидат и вели дека очекува поддршка од Албанците, кои се надвор од „партиските пакети“. „Подготвен сум да одам и во највмровските средини и да полемизирам околу концептот што го нудам’’.
извор