ШТО ПРАВЕА ВО ИЗМИНАТИВЕ ДВЕ ГОДИНИ КАНДИДАТИТЕ ЗА ПРЕТСЕДАТЕЛ
Секој може да се амбицира, но само еден да победи
http://www.vecer.com.mk/?ItemID=AEB50DE170A14F4CA97378D03E53248B
епа јасно се гледа кој е кој
Еве тука ќе го пастирам текстот од линкот:
Секој може да се амбицира, но само еден да победи!
СДСМ немаа кого да кандидираа, сите бегаа од кандидатура. А Фрчко им се нудеше, па мораа да го прифатат. Сега СДСМ има проблеми. Во самата партија најавуваат дека нема да гласаат за Фрчко. Во прилог на ова се и ставовите на Утрински Весник, весникот кој важи за најблизок до СДСМ. И овој весниик смета дека Фрчковски ја нема поддршката ниту во самата партија
Луѓе со амбииции, професори кои сакаат поупешна кариера, дипломати ексминистри. Ова се само дел од оние кои имаат желба да ја водат државата. Народот на 22 март ќе го избере новиот претседател, петти по ред. Македонија двапати му ја даде довербата на Киро Глигоров. По него шефуваше покојниот претседател Борис Трајковски. По Трајковски на сцена стапи Бранко Црвенковски. На 22 март во претседателскиот кабинет ќе влезе нов човек, а за оваа фотелја има многу кандидати. Ѓорге Иванов, Љубомир Фрчкоски, Љубе Бошкоски, Слаѓана Тасева, Нано Ружин, Имер Селмани, Благоја Марковски, Невзат Халили. Ова е листат на оние со претседателски амбиции. Но што правеа досега тие и по што беа познати во јавноста во изминативе неколку години?!
Ѓорѓе Иванов: Од провинција до универзитетски професор
Професорот Ѓорге Иванов е предводник на новата генерација интелектуалци која никому ништо не му должи за успехот кој го постига. Тој е пример за еден обичен човек, кој пред 30 години дошол од провинција и имал желба да стане нешто и успеал во тоа.
Речиси две години беше меѓу народот, но никој не го забележуваше неговото присуство, го испитуваше мислењето на граѓаните, даваше проценки за рејтингот на политичарите.
Во осумдесеттите години, преку Млад борец, Студентски збор и Младински форум, ги отвора темите кои беа забранети во поранешниот политички систем.
Од уредник во третата програма на Македонското радио, Иванов стана професор ценет и од колегите и од студентите. Пред точно десет години, колегите од Правниот факултет го избраа за доцент на предметите Политички теории и Политичка филозофија, а веќе следната година е избран за визитинг професор на постдипломските студии за Југоисточна Европа на универзитетот во Атина.
Од 2000 година е член на Советот на директори на европските постдипломски студии за Демократија и човекови права на универзитетот во Болоња и координатор на курсот за демократија, што се изведува на универзитетот во Сараево. Од 2001 година е раководител на Политичките студии при Правниот факултет во Скопје.
Иванов е еден од ретките кандидати кој зад себе нема хипотеки од минатото.
Изминативе години Иванов го немаше многу во медиумите. Едновремено се појавуваше со листинзите за рејтинзи на политичките партии. Подоцна неговото име се појавуваше само како консултиран експерт за важните политички прашања за Македонија. На избори оди со поддршка на ВМРО-ДПМНЕ.
Фрчко тепаше, лажеше, осуден за клевета
Љубомир Данаилов Фрчкоски, педесет и едно годишен скопјанец, професор по меѓународно право. Некогашен министер за внатрешни работи во времето кога беше извршен атентатот врз претседателот Киро Глигоров, за кој истрагата тапка во место. Минатата година Фрчкоски често го имаше во медиумите. Се чини најголема фама крена со колумната за атентатот на Киро Глигоров, со физичкиот напад врз жена и осудата за клевета. Тој е кандидат на СДСМ.
Во мај минатата година Фрчкоски на паркинг ја нападна Катерина Велјановска, која негодувала што неговата сопруга со возилото и го блокирала автомобилот. Прво сопругата на Фрчкоски почнала да ја влече за коса Велјановска, а потоа на помош и дошол и амбициозниот Љубомир кој интервенирал со тупаници. За ова Љубомир Фрчковски заработи прекршочна пријава за физички напад, а неговата сопруга, адвокатката Ирена Фрчковска, пријава за нарушување на јавниот ред и мир.
Фрчкоски има искуство во тепање жени и од претходно. Неговата поранешна сопруга Алида Муча во отворено писмо објавено во неделникот Фокус го обвини дека физичка ја малтретирал, ја тепал дури и пред децата.
Судот го осуди Фрчкоски за клевета, навреда и за омаловажување на премиерот Никола Груевски, носејќи пресуда тој да плати 100 дневни глоби во вредност од 2.500 евра, во рок од три месеци од правосилноста на пресудата и 1.800.000 денари за надомест на нематеријална штета во рок од три месеци од правосилноста на пресудата. Фрчкоски е осуден за колумната насловена "Окта визави Кољо Дијамантот", објавена на 4 септември 2007 година во весникот "Дневник".
И тетката на Фрчкоски застана против него. Како што објави ВЕЧЕР неговата тетка го обвини дека заедно со брат му ја прелажале и и го зеле станот.
Некаде во ноември, Фрчкоски во својата колумна, повикувајќи се на сведок кој или лажел или бил изманипулиран напиша дека ДБК била вмешана во атентатот врз Глигоров. Ги крена институциите, обвинителството го сослуша сведокот, полицијата направи истрага, и се установи дека се што напишал Фрчкоски било лага. По ова се бараше и прогон против Фрчкоски. Ексминистерот за внатрешни работи Павле Трајанов побара од јавниот обвинител Љупчо Шврговски да поведе целосна истрага за да се утврдат мотивите и одговорноста на Љубомир Фрчкоски, кој смета дека обинувањето дека некој е учесник или извршител на атентат, а за тоа да немате никакви докази, е злосторство и за тоа треба да се понесе одговорност. Рочиште се уште не се одржало поради отсуство на кандидатот за иден претседател, кој според Трајанов имал четири кривични пријави за злоупотреба на службената положба и овластување во времето додека Трајанов бил министер за внатрешни работи.
Фрчковски е познат и како најагилен застапник да им се удоволи на Грците, во времето кога беше наметната референцата ФИРОМ, да го смениме знамето и Уставот, што ние го направивме, а од Грција, за возврат не направија ништо.
Фрчкоски ја објави својата последна колумна во Дневник пред претседателската кампања. Во неа немајќи што да каже за својот противкандидат, пишува за наводни приказни кои професорот Ѓорге Иванов ги раскажувал на некој роденден.
Тасева, отказни решенија, исклучувања, нова организација и работно место
Единствената дама, независен кандидат, која ќе истрча на трката за претседател е професорката Слаѓана Тасева. Четириесет и осумгодишната антикорупционерка на јавноста и стана позната по раководењето со Комисијата за борба против корупцијата. Беше и директорка на Полициската академија од 13 февруари 2004 година. Својата кандидатура ја објави на нејзина веб-страница
слагјанатасева.цом., направена главно на англиски јазик. Тасева во биографијата посочува дека зборува англиски, бугарски, хрватски и српски.
Во 2006 година Тасева поднесе оставка од функцијата директор на Академијата. По ова се пишуваше дека Тасева добила и отказно решение на местото професор во Полициската академија во Скопје поради, како што се наведува во решението, немање финансиски средства за нејзината плата. По ова кандидатката за претседател почна да предава на Првиот европски универзитет Република Македонија.
Покрај отказот од местото професор, таа изминативе години се соочи и со исклучување од невладината организација Транспарентност Македонија поради "грубо кршење на статутарните одредби на здружението и работење спротивно на неговите цели и задачи". Тогаш таа влезе во војна со претседавачот Сашо Клековски и претседателот на Управниот одбор Сашо Орданоски. Заради војната меѓу Тасева и Ордановски, бордот на Транспаренси интернационал, со седиште во Берлин, и ја одзема акредитацијата за работа на Транспаренси Македонија. Тасева формира нова невладина организација Транспарентност - нулта корупција", каде сега е претседател "Транспарентност - нулта корупција" повторно ја доби лиценцата од Транспаренси интернационал
Тасева беше и еден од четирите сведоци на одбраната на Љубе Бошкоски во Хаг, кој сега е нејзин противкандидат.
Селмани без скандали и афери
За еден од Албанците кои се кандидираат за македонски претседател, Имер Селмани последните две - три години речиси и немаше лош натпис во медиумите. Тој е најмладиот кандидат. Четириесет и едно годишниот Селмани не дозволи ниту една афера или скандал поврзани со неговото име ниту кога беше градоначалник, ниту пак како министер за здравство. Дипломирал на
Медицинскиот факултет, а од 1993 година се занимавал со бизнис со моторни масла и автоделови. На избори се појавува како кандидат на Нова демократија.
Освен како министер за здравство, Селмани во Владата на ВМРО-ДПМНЕ пред предвремените избори во еден период ја извршуваше и улогата вицепремиер за спроведување на Рамковниот договор.
Минатата година најмногу се пишуваше за новата партија која ја формираше Селмани, Нова демократија. Партијата брзо се замеша на рејтинг-листите. Се разијде со лидерот на ДПА Мендух Тачи и ја промовираше новата партија која според него дејствува во центарот, но гравитира кон десната ориентација.
Во неговата партија преминаа Ружди Матоши, Сулејман Рушити, Абедин Зумбери. Во Собранието има тројца пратеници во дресот на Нова демократија.
Селмани до 2000 до 2006 година беше градоначалник на Сарај.
Бошкоски: Ослободтелна пресуда, постапка во Пула
Љубе Бошкоски, познат и како Брат Љубе е човекот кој можеби најмногу го имаше во медиумите изминатите години. Причина за тоа е судењето во Хаг и годините поминати во затворот во Шевенинген. Четириесет и осумгодишниот независен кандидат е поранешен министер за внатрешни работи. Ова му е втор обид да стане претседател. Во април 2004 година собра 10.000 потписи, но од страна на Државната изборна комисија неговата кандидатура беше отфрлена заради неисполнување на условот за 15 години непрекинато живеење во Македонија.
2004 година Бошкоски е депортиран во затворот во Шевенинген. Во јуни и јули, минатата година, најголем простор во медиумите доби токму тој заедно со Јохан Тарчуловски. На 10 јули 2008 беше прогласен за невин од страна на Хашкиот трибунал за настаните во скопското село Љуботен во август 2001 и е ослободен, но Тарчуловски доби казна од 12 години. Откако се врати во Македонија, се појавува на сите манифестации.
Во судот во Пула се води постапка против Бошкоски за случајот Раштански лозја. Рочиштето е закажано за неколку дена. Министерството за правда се обидува да го врати предметот во Македонија, но засега без успех. Се товари за поттикнување на убиство на шест пакистански и еден индиски државјанин, на 3 март 2001 година.
И во судот во Гостивар се води постапка против Бошкоски, заради инцидентот што настана откако тој како министер сакајќи да промовира ново оружје, рани новинарка, преведувачка и вработени во АРМ.
Ружин: Амбасадор на годината во НАТО
Педесет и едногодишниот кадидат за претседател Нано Ружин, јавноста го знае најмногу како амбасадор во НАТО. Тој е првиот претседател на Евроатлантски клуб на Македонија, во периодот
од 1997 - 2005 година.
Ружин е рекордер затоа што е единствениот амбасадор од Македонија кој успеал да остане на дипломатското место и покрај промената на три влади.
Во февруари 2008 година Ружин се најде на сите насловни страници. Беше прогласен за амбасадор на годината во Брисел, а година претходно овој примат го понесе американската амбасадорка Викторија Нулан.
Со името на Ружин беше врзан еден скандал, за наводно издавање на класифицирани информации на претставници на печатот. Ружин за ова беше повикан во Македонија на разговор кај министерот за надворешни работи Антонио Милошоски. Во медиумите се појави и информација дека за Ружин е поведена постапка и во НАТО. Се работеше за извештајот за напредокот на Македонија кон НАТО, но ваквата информација беше демантирана и од НАТО и од Ружин. Во НАТО немаше никаква постапка против овој претседателски кандидат. На изборите ќе излезе со дресот на ЛДП.