Општината Центар распиша три конкурси за изработка на скулптури и релјефи во бронза на македонските револуционери Питу Гули и Димитар Поп Георгиев Беровски
Распишан е и конкурс за лиење споменици во бронза, но од огласот објавен на страницата на Бирото за јавни набавки не е прецизирано дали тој се однесува за спомениците на Питу Гули и на Беровски или за некои други од проектот „Скопје 2014“.
Највисок критериум според кој ќе се оценуваат трудовите е најниската цена. Понудите за лиење на спомениците, како и за изработка на скулптурата со релјеф на Питу Гули мора да ги достават најдоцна до 28 март, во 13 часот. Додека за споменикот на Димитар Поп Георгиев Беровски понудите мора да се достават најдоцна до 1 март.
Споменикот на Питу Гули ќе стои во паркот „Жена-борец“, а Димитар Поп Георгиев Беровски на плоштадот „Македонија“. Овие наши револуционери ќе бидат претставени како коњаници, високи по пет метри. Споменикот на Питу Гули е дело на скулпторката Кристина Пауновска, а автор на Беровски е вајарот Гоце Наневски.