Првата книга што ја прочитав од Коелјо беше
Вероника реши да умре. Ја имав дома сигурно 5-6 години, а ја прочитав дури годинава
. Всушност годинава и се запознав со начинот на пишување и размислување на Коелјо (можеби и не толку доцна, со оглед на моите речиси 19 год.).
Вероника реши да умре ме воодушеви со стилот и пишувањето, со моќта во најситни детали да се пренесат "последните" мигови на Вероника, која сепак решава да живее пред лицето на смртта. Тоа е резултат на Пауловото присуство во психијатриските клиники и неговата очигледна запознаеност со луѓето кои работат таму и условите кои влијаат на болните при нивната рехабилитација. Се на се можам да кажам одлична книга.
Алхемичарот беше нешто полесно за читање и следење, без некои тешки психолошки профили, всушност еден вид лесно достапна и разбирлива филозофија на живеењето, каде секој треба да си ја проживее Личната Легенда, да го изоде патот до неа и со тоа да си ја "проживее судбината". Иако ова негово дело е врв во неговото творештво, сепак Вероника повеќе ми се допадна.
Дневникот на еден волшебник, неговата втора книга, никако не ми се допадна и со секоја страница како да ми стануваше се подосадна и подосадна. Ми беше заморна за читање со глупавите филозофии и ритуали поттикнати од западниот мистицизам, пренесени преку патот за Сантијаго до моштите на Свети Јаков.
Петтата гора, четвртата (и засега последна) прочитана книга од Коелјо, ми донесе некои измешани чувства. Целата книга е всушност "романизирана верзија" на животот на пророкот Илија, заснована врз еден цитат од Библијата каде се зборува за делата на овој пророк. Ми се чини дека Коелјо во оваа книга внел премногу библиски работи, а премалку свои, едноставно не ја направил уникатна, туку само го раздолжил оној цитат од Библијата, го прераскажал на свој, а сепак ист (библиски) начин. Од друга страна, книгава е вредна да се прочита можеби поради историско-религиозниот аспект, во смисла на духовно-културниот живот на старите Феничани, Асирци, војните во регионот (Асирија-Феникија-Израил), обичаите и традициите на луѓето, појавата на писмото од Библос и слично.
Во глобала, не можам да дадам некое највешто мислење за Пауло Коелјо, со оглед дека имам прочитано само 4 негови романи, но според нив: Коелјо е човек кој се труди да биде приемчив за најшироката маса на читатели, од тинејџерите, средовечните луѓе и постарите генерации, кои можеби немаат изградено некој специфичен вкус на читање "одбрана литература". Неговите романи во себе носат пораки и поттик за унапредување на етичките правила кај луѓето, пренесени преку страдањата, очајот и потрагата по сопственото јас, по вистинската Вистина, потрагата по подобар живот. Можеби пресилно и пренагласено клише, но како и да е, за некои тоа претставува мотив за себепреиспитување и себеунапредување.
П.С. Сепак немојте да го споредувате со великаните како Достоевски или Маркес. Барем не во догледно време. Иако е поплоден писател (во смисла на повеќе романи), Коелјовиот вокабулар е далеку посиромашен од делата на Великаните во литературата.