Израелски копнени сили навлегоа во Газа
МИА 03.01.2009 20:21
Едно палестинско дете загина, а 11 лица се ранети вечерва, откако израелски тенк отворил оган во градот Газа, соопштија лекарски извори и очевидци.
Тоа е првата жртва на копнената операција на израелските сили во Појасот Газа, која започна вечерва.
Тенковската граната паднала врз куќа во населбата Зејтун во источниот дел на градот Газа, изјави директорот на брзата помош.
Во друг напад со тенк во Бејт Лахија, во северниот дел на Појасот Газа, ранети се повеќе лица , изјавија очевидци.
Светските агенции јавуваат дека при пресекувањето на границата дошло до жестоки судири меѓу израелските сили и палестинските борци.
Според високи воени извори, околу 10.000 војници биле распоредени на границата со Појасот Газа изминативе денови.
Израелската војска претходно соопшти дека специјални единици учествуваат во втората фаза на операцијата во Појасот Газа, која започна со навлегување на воени сили во внатрешноста на палестинската територија.
Светските агенции претходно најавија дека мала колона израелски воени автомобили, придружувани од хеликоптери навлегоа во северниот дел на Појасот Газа.
Палестинец, кој живее во градот Бејт Лахија, во северниот дел на Појасот Газа, изјави дека колоната ја минала границата.