пошто Мисирков го мрзи да кликне на линковите да прочита натаму..
еве нешто од продолжението на мојот
говор во атина
(...) Мојот настап во Јанина заврши со повик до сите, да се обединиме во солидарност против националистичката и милитаристичката треска, со тоа што ќе пристапиме кон покренување заедничка платформа за решавање на реални, а не имагинарни проблеми, кои непосредно не засегаат сите нас и нашата околина. Спорот околу името и се околу него, им оди во прилог само на политичарите – манипулирајќи го националистичкиот сентимент кај народот, тие вешто бегаат од реалните проблеми, и од одговорноста која ја имаат за нив.
Денес би сакал да продолжам во поглед на идеите за дејствување и соработка кои ќе му дадат на поредокот еден нов, човечки лик.
Она што сметам дека е клучната поента на нашите иницијативи, особено во поглед на делувањето како антипод на националистичката политика на мејнстримот, е тоа што пред нас е многу одговорната работа што не’ чека, а тоа е изнаоѓањето на алтернативни модели и методи на редефинирање на социјалните односи.
Важен чекор кој треба да се преземе е јасно и гласно одбивање на статус квото. Треба да се предизвика тезата дека историјата е завршена, и треба да се докаже дека идеологијата не е пропадната како концепт. Црвената петокрака не е кич и историски артефакт, вредносните судови не се демоде, а принципите не се предмет на релативизација. Овие манифестни изјави веројатно многу повеќе треба да ги кажуваме дома, во Македонија: доколку најголемата критика на квази социјалистичкиот поредок е дека поради недостатокот од политичка слобода било наметнато едноумието на таканаречениот Сојуз на комунисти, тогаш страшно е што денес, после речиси две децении политичка слобода, прогресивната мисла едвај и да постои во Македонија.
Продолжувајќи во истиот манифестен тон, би промовирал два концепта, две контемплативни размислувања кои се приговор токму на тоа статус кво, а кои се однесуваат токму на темата на денешната дискусија.
Првото размислување, оди во насока на комбинирање на антинационалистичките ставови со вредностите кои се карактеристични за трансцендирањето, односно трансформирањето на конфликтите.
Значи, вака нешто отприлика: патувајќи назад од Солун за Скопје, пред 10 дена, правејќи муабет со различни луѓе, најпрвин со Грци, а потоа на патот дома и со Македонци, јас сфатив дека мојата определба по прашањата на поделбите, народите, предрасудите и сл. е всушност АЛТЕРНАЦИОНАЛИЗМОТ, односно една посовремена варијанта на она што сите го знаеме како интернационализам. Јас себе си не се гледам првенствено како припадник на ниедна нација, и не сакам да дозволам да ги гледам другите луѓе како припадници на било која нација, па дури и да се работи за најтешките националисти. Концептот на нации, и нации-држави е штетен за човековото општество, и треба да се менува. Нам ни треба алтернатива, алтернација – токму затоа ми се допаѓа терминот алтернационализам, наместо само антинационализам. Ригидното антинационалистичко уверување може да предизвика исто така несакани ефекти – а тоа е некому да му биде оспорен културниот идентитет или пак некое негово интимно чувство кое не тежнеело да има политички исход. Воедно, не се работи ниту за компромис, затоа што според мене компромисот е неповолен исход, затоа што и двете спротиставени страни се откажуваат од нешто, за потоа нивното незадоволство да еруптира уште посилно. Алтернационализмот е за мене, изнаоѓање на нова реалност, концепт кој е инклузивен, концепт кој приговара на националистичката хистерија, но воедно ја остава вратата отворена за сите космополити и хуманисти кои не се нужно антинационалисти.
Но, доколку антинационалистичкото движење, алтернационалистичкото движење, или како сакате наречете го, заглави со деконструкција на национализмот и идентитетски расправии, тогаш сме во ќорсокак. Национализмот е само една од илузиите кои го држат човекот заслепен; кога тој прогледал треба да се потруди да ги совлада сите препреки кои го опкружувале но претходно не можел да ги види.
Па така, според мене, деконструкцијата на национализмот е само еден од аспектите на нашето делување. Тоа е многу важна основа за обединување и препознавање на едни меѓу други. Но, натаму не чекаат многу поголеми предизвици, а еден од нив е токму глобализацијата. (...)
или мисирков поише од носот не може да си види?