„Нема алтернатива за Македонија“
Исправниот пристап е тој што нема алтернатива за Република Македонија
Решете го спорот со името. Дотогаш тропате на погрешна врата, оваа јасна порака на шефот на француската дипломатија не ја изненади владејачката ВМРО-ДПМНЕ.
„Конечно некој се одважи да го соопшти јавно тоа што по разни канали досега ни беше соопштувано“, изјави
Илија Димовски, ВМРО-ДПМНЕ.
Високо ја ценат искреноста, но велат, продолжуваме со реформите.
Очигледно, освен техничките предуслови за симнување на шенгенската завеса, кои ние ги започнавме, не се доволни, политичките се позначајни, потсетува опозициската СДСМ.
Апелираат до Владата да апелира до Брисел да не ја загубиме и визната либерализација и да престане, како што велат, со погрешните политики. Освен слободно патување во Европа, што е значајно, потребен е и безбеден и просперитетен живот.
„Исправниот пристап е тој што нема алтернатива за Република Македонија за членството во ЕУ и НАТО, и мора да се најде начин низ разговорите кои следат да се изнајде решение, кое на земјата ќе и гарантира перспектива“, рече
Андреј Петров, СДСМ.
Проблемот со името не треба да се поврзува со условите за безвизен режим, но мора да се фокусираме на изнаоѓање излез за нерешениот спор. Имаме капацитет, убедена е ДУИ.
„Интеграцијата сепак е најголемиот интерес, стратешки, национален, етнички, политички“, вели
Ермира Мехмети, ДУИ.
Политичките субјекти денеска останаа само на констатации и фрази. Нема најава за посериозна дебата и лидерска средба, за вака значајно прашање.
Според ДУИ, либерализацијата е првиот голем чекор напред кон заедничкиот европски дом.
Милошоски: Прашањето за името влијае на кредибилитетот на ЕУ
„Спорот за името со Грција не влијае негативно само на процесот на евроинтеграцијата на Македонија, туку и на кредибилитетот на ЕУ“, вели шефот на македонската дипломатија Антонио Милошоски во изјавата за ЕУОБСЕРВЕР.