А сега на ова што ке кажете ? -
Сетинов најавува заминување од Вардар
* "Уште два-три дена ми се потребни да размислам дали ќе може да се надминат сите проблеми во Вардар, меѓу кои и најновиот со бркање на фудбалери, за кое не знаев. Тогаш ќе ја донесам дефинитивната одлука за мое повлекување од клубот", вели Сетинов
Ако за момент само помислите дека во една животна средина, организација или институција за која знаете дека веќе го допрела дното на своето функционирање не може да биде полошо од актуелното, тука е најтрофејниот македонски фудбалски клуб кој и по дефиниција веќе сето тоа го демантира... Лошото во Вардар од периодот 2005-2008, па полошото од последните година и половина, сега со стартот на сезоната 2010/2011 градациски се заокружува со најлошиот период во историјата на постоењето на некогашната македонска гордост.
Дефинитивно, апсолутно никој од домашната спортска јавност, по добро познатите случувања изминатите 12 месеци и постојаната "гола битка" за преживување, не очекуваше ФК Вардар со новата сезона да блесне на нашата фудбалска сцена експресно издигнувајќи се над сопствената "кал", меѓутоа и малку кој можеше да очекува дека за само еден месец без ниту барем минимално навестување за подобри денови така "успешно" ќе се продлабочи хаосот во клубот последните денови заокружен и со апсолутно непотребните ситуации околу "наводното труење во своите редови" а дополнето вчера и со некакво, "далеку од умот" бркање на фудбалери во ситуација кога постојано се нагласува скромниот играчки кадар!? Затоа што, всушност зошто и беше потребна раководната трансформација во јули ако оние кои нагласено го посакуваа преземањето на клубот сега не можат да му понудат ништо подобро.
И најновиот претседател на "вардарци", Драги Сетинов, далеку од претходните ветувања дека по повлекувањето на Орце Камчев и Јовица Николовски лесно ќе донесе моќни финансиери, сега реално се соочува со неможноста за исполнување на истите...
"Јас многу добро знам што сум ветил, меѓутоа никогаш не сум криел и пред навивачите и пред јавноста дека и јас сум изманипулиран и изневерен во овој момент. Имавме два сигурни спонзори со постигнат договор кои, не знам од кои причини, потоа откажаа изневерувајќи н$ и нас и сите искрени навивачи на клубот", вели Сетинов. Токму поради тоа, како што истакнува, очекува наредните денови и финално да размисли дали ќе може да се надминат проблемите. Во спротивно најавува заминување...
"Вардар се соочува со премногу проблеми. Револтиран сум од многу состојби во и околу клубот, но и од некои непотребни случувања поради што отворено размислувам за дефинитивно повлекување. Уште два-три дена ми се потребни да размислам и да се обидам да се решат проблемите. Ако не се успее во тоа ќе биде дефинитивен крај со мене и Вардар", ни изјави вчера Сетинов, притоа само прецизирајќи околу последните состојби во клубот.
"Во овие тешки денови на функционирање на Вардар сега уште се соочуваме со забраната од ЈПССДП за настапи на 'Филип Втори' поради долг од 15 милиони денари. Меѓутоа крајно изненадувачки е зошто сето тоа сега се активира, кога тој долг е долги години, а претходно немало реакција. Изминативе денови од УЈП се бараше информации за работењето на клубот од 2003 година до денес, се прави сега ревизија, па под постојан притисок сум да се надминат сите овие проблеми... Но, останува прашањето зошто сето тоа се прави токму сега откако ние го презедовме клубот, а се знае дека тоа се долгогодишни состојби?".
Според актуелниот претседател на "црвено-црните" и последното бркање на фудбалерот Филип Спасески, според него самоволно од страна на тренерот Ѓорѓи Тодоровски - Џони, е момент кој ќе треба да се решава деновиве...
"Оставам ден-два да се разгледа и тој проблем затоа што јасно е дека некои ситуации во клубот не може да се решаваат на тој начин. Не можам да коментирам во овој момент, меѓутоа не можам да дадам и образложение во име на тренерот... Како и да е, токму ова се сите тие ситуации кои создаваат револт во клубот поради и што размислувам за дефинитивно повлекување", вели Драги Сетинов.
В.Булатовиќ