ПОЗНАТИОТ СПОНЗОР СЕГА ДАВА ПАРИ И ВО "УДАВЕНИОТ" МИЛАНО
Брацо е "спасителот" на Харалампие!?
* Неофицијално дознавме дека Слободан Вујчиќ ќе го спасува Милано, и првенството од "умирање"
Сведоци сме на хаотично фудбалско првенство во кое веќе нема два клуба, и тоа поранешни шампиони на оваа земја, екипи кои ја претставувале Македонија во европските купови. "Избришани" се Македонија ЃП и Слога Ј. поради бојкотот на кој се решија со цел да апелираат на регуларен фудбал, а Харалампие и неговите "соработници" не чекаа многу. Веднаш ги "пресели" во најнизок ранг, без да се седне на маса со раководните луѓе и да се обиде да се најде решение за проблемот. Нова "закана" за бојкот има и од Вардар, кој не го одигра последниот есенски натпревар со Металург, а потенцијална "опасност" претставуа и "отпишаниот" Милано, кој можеби ќе се откажеше од натпреварувањето со оглед на финансиските проблеми кои го следеа кумановскиот тим во текот на есенскиот дел. Освојувајќи само три, и тоа службени бодови, Милано доживеа порази на сите други натпревари. Но за да не дојде до евентуална закана за тотален "колапс" и распад на Лигата, се погрижи кој друг ако не познатиот спонзор Слободан Вујчиќ - Брацо. Неофицијално дознавме дека Брацо ќе биде спасителот на Милано, дека токму тој дава пари во овој тим со цел да ја спаси Лигата, а со тоа да се спаси и фудбалскиот "бос" Харалампие Хаџи-Ристески. Ова веќе наголемо се "шушка" во кумановската фудбалска чаршија, дека токму по "вина" на Брацо, Милано почнува да се созема од катастрофалната есен. Купува фудбалери, само во последните седум дена ангажираше речиси цел нов тим, а нема намера тука да застане со оглед дека планира целосен "ремонт" и напролет обезбедување на опстанокот во Лигата, секако преку дополнителен бараж, нешто што во една ваква ситуација е многу веројатно со оглед дека нема директно испаѓање од Првата македонска фудбалска лига. Исто така се шпекулира дека Србите кои се поставени во раководните структури и во стручниот штаб на кумановскиот тим се по директен "налог" на Вујчиќ. Па така финансиерот на "половина" клубови во нашата лига си најде нов тим каде што ќе "меша прсти". Јасно е дека во ниту една друга нација во Светот, имателот на ТВ правата во Македонија не може да спонзорира и клубови, а само кај нас е тоа правило е сосема исклучено, па така Брацо ги спонзорира речиси половина од тимовите кои се натпреваруват во Првата лига. Меѓутоа, ваквиот потег од финансиерот е сосема очекуван. Тој ја спасува Лигата да не "падне" затоа што со "колапсот" на првенството нашите клубови не би можеле да се натпреваруваат во Европа следната година, а со тоа губи и Брацо, затоа што во една таква ситуација не би можел да зима пари од ТВ правата. Со овој потег би ја спасил и "фотелјата" на Харалампие, која е разнишана по последните случувања со Првата лига.
Вујчиќ пред неколку недели беше вербално нападнат и од таборот на Македонија ЃП, чии раководни структури истакнуваа дека Брацо е "контролорот" на целата Прва лига. Има свој удел во Победа, Тетекс, Работнички еве сега и во Милано. Кој е следниот? Пред неколку денови и Вардар беше во "шемите" на Брацо за враќање во таборот на најтрофејниот македонски клуб, нешто што беше демантирано од самиот Вујчиќ.
И. Д. Ивановски
Г. Бошев
Времето поминува, клубовите дремат
Брацо е длабоко навлезен во внатрешниот фудбал, а клубовите молчат. Дозволуваат еден човек да има удел во повеќе клубови. Единствен кој се обиде да реагира е "отпишаната" Македонија ЃП, преку Драган Митковски, кој го нападна Вујчиќ дека ја контролира Првата лига. Симтоматично е тоа што ФФМ веќе подолго време не свикува здружение на кое би се истакнале проблемите на клубовите кои е натпреваруваат во Првата лига. Во Металург, Ренова има луѓе кои финансираат, па е чудно зошто тие не реагираат за однесувањето на ФФМ кон клупскиот фудбал и како тоа дозволуваат еден човек да "контролира" половина Лига. Од друга страна молчењето воопшто не треба да зачудува со оглед дека сите оние кои се "дигнале" против режимот на Харалампие, подоцна се соочувале со проблеми од страна на Прилепчанецот.
Од ниту еден, сега Милано ќе има и премногу странци?
Во клубовите од Првата лига се дозволени само пет странци, а во Милано ќе ги има нешто помалку од десетина. Дојде голманот Даниќ, а со него и Ѓокиќ и Стаменковиќ надополнети со уште двајца од северниот сосед. Ако се има тука предвид фактот дека во Милано е и Косовецот Ердоган Брандо, плус надополнет со можниот "кам-бек" на Менсур Лимани. Засега се седум, а има најава дека ќе бидат ангажирани уште неколкумина. Тоа ќе значи дека еден дел од странците ќе бидат на трибини, со оглед дека во записник може да бидат најмногу пет.
цела лига ја контролира брацо