Бошко Димитровски испадна единствениот виновник за срамниот пораз од 1-3 на Вардар од Турново завчера на националната арена „Филип втори“. Синот на некогашниот вардаров фудбалер Влатко Димитровски е суспендиран, откако побарал одговорност и подмирување на долговите од претседателот Драги Сетинов.
- Побарав да си го одржи ветувањето дека ќе ги добиеме парите од заостанатите долгови кон нас фудбалерите. Не барав ништо туѓо и прашав кој е одговорен за хаотичната ситуација во клубот. Ни ветија исплата за в понеделник (вчера, н.з.), но од тоа нема ништо - ни изјави Димитровски јуниор. Сетинов веднаш го отстранил играчот кој не е ниту резерва во Вардар и му рекол дека не треба повеќе да доаѓа на тренинзите. Ситуацијата во клубот кој е македонска гордост и најголем спортски бренд кај нас е алармантна, а според информациите на „Дневник“ работата со долгонајавуваниот спонзор од Норвешка Светислав Јакимовски е пропадната работа. Ветувањето за негов сигурен влез во клубот како спасител на Вардар го даде Сетинов. Наводно Јакимовски требаше да вложува по 800 илјади евра од сезона, но банкарската гаранција изостана.
По вчерашната кавга меѓу Сетинов и членовите на Иницијативниот одбор за спас каде членуваат претставници на навивачката група „Комити“, се најавува пресврт. Од денеска навивачите ја преземаат работата во свои раце. Тие до декември кога завршува првенствената полусезона се обврзале да ги подмират долговите на играчите што тежат околу 15 илјади евра. Во последните 3 месеци фудбалерите имаат добиено само по 200 евра, иако прифатија да играат за минималец од 250 евра по месец. Ветувањата за комплетно санирање на долгот постојано се одолговлекуваат, што се одрази на формата на играчите и на резултатите на клубот.
- Паднати сме многу. Кризата во Вардар влијае и на нас и тешко ја поднесуваме ситуацијата. Од дете сум во клубот го сакам безгранично, но без пари не се живее. Тоа треба да го сфатат тие што раководат со Вардар - вели еден од играчите на „црвено-црните“. Во фудбалскиот погон царува несигурност, страв од јавно изложување на проблемите, а сосема спротивно кога оваа гарнитура доаѓаше на власт пред 2 години, ветуваше транспарентност, успеси и излез од кризата. Шанса за лична промоција им се нуди на сомнителни типови, што во нормална ситуација не можат ниту да припарат до клубот кој е симбол за македонскиот непокор. По утките со српскиот „бизнисмен“ Мишо Поповиќ и заминувањето на Трифун Костовски, на ред дојде нашинец кој работел во Норвешка со крајно сомнителен идентитет. Одговорност за промашувањата не презема никој, па така вчера сметката на крив ни должен ја плати Димитровски јуниор.
Иако редат неуспеси работните места си ги сочуваа тазе претседателот Сетинов и членовите на стручниот штаб предводени од тренерот Марио Вујовиќ. Вардар со 9 бода од 11 кола е трет одоздола на првенствената табела. Тоа место е доволно за бараж за опстанок во лигата, иако сезоната е долга и има време работите да се сменат на подобро. Во спротивно „црвено-црните“ можат да се соочат со најголемиот дебакл во 62-годишната историја, преселба во понизок ранг на натпревари.
ДНЕВНИК