Македонките во сексот скриени жарчиња
Македонија конечно доби амбициозно научно истражување за сексуалноста на жените, дело на проф. д-р Миле Миќуновиќ од Охрид. „Шпиц“ ги открива најинтересните податоци, од кои се гледа дека Македонките во сексот се задоволни конзервативки, но истовремено и желни да пробаат од „забранетото овошје“.
Повеќе од една третина од жените во Македонија на возраст од 18 до 50 години имаат сексуални односи два до трипати неделно, иако дамите меѓу 39 и 50 години тоа го прават поретко. Шест од десет Македонки од жените се задоволни со својот сексуален живот, но истовремено, високи 13,65 отсто се сосема незадоволни. За споредба, само 4 отсто од Финките и малку повеќе од Американките се незадоволни од својот сексуален живот
Ова се дел од резултатите на опсежното теренско истражување, спроведено од март 2008 година до јуни 2010 година, врз примерок на 820 испитанички од Скопје, Прилеп, Штип, Струмица, Кавадарци, Битола, Охрид, Кичево, Тетово и од Дебар (32). Автор на истражувањето е проф. д-р Миле Д. Миќуновиќ, угледен уролог од Охрид, автор на педесетина стручни и белетристички трудови и автор на истражувањето.
- Анкетиравме жени на возраст од 18 до 50 години, што е дел од женската популација. Знаејќи дека сексуалноста е сложена и многу интимна работа, чие испитување се судира со многу тешкотии, се одлучивме за анонимно пополнување обемен прашалник од 82 прашања - објаснува д-р Миќуновиќ.
Истражувањето утврдило дека прв сексуален однос на возраст од 16 години имале 10 отсто од испитаничките, на 17 години - 17,3 отсто, а секоја четврта испитаничка првиот полов однос го имала на возраст од 18 години. Повеќе од 95 отсто од испитаничките сметаат дека младите денеска прерано стапуваат во сексуални односи.
- Според добиените податоци, денешните средношколки влегуваат во сексуалниот живот две години порано отколку што тоа го правеле нивните мајки. Но, негативниот став не го искажале исклучиво постарите испитанички. Тој подеднакво е раширен и меѓу младите жени, од што може да се заклучи дека изречената „конзервативност“ не е последица само на традиционални причини, туку и од спомените на сопствената сексуална упатеност - коментира д-р Миќуновиќ.
На прашањето „што ви зборувала мајка ви за сексуалноста“, добиен е фрапантен податок - близу една половина од испитаничките одговориле дека мајката им не им зборувала никогаш за сексот. Можеби затоа осум од десет Македонки сметаат дека сексуалната едукација треба да се воведе во основното училиште, а речиси исто толкав број го отфрлаат ставот дека „религијата е најдобар водич во сексуалноста“.
Приказната за „конзервативноста“ на „задоволните“ Македонки има и опачина. Ако високи 72,3 отсто се изјасниле дека во сексот може да се ужива само со саканата личност, не баш скромни 27,7 отсто го мислат спротивното. Повеќе од една четвртина од испитаничките се загреани за авантури за една ноќ. Високи 88,5 отсто сметаат дека абортусот мора да биде слободен избор на жената, а 93,55 отсто дека жената морада има иста слобода на сексуалното изразување како и мажите. И конечно, повеќе од 80 отсто од испитаничките сметаат дека „во сексот ништо не е перверзно, ако тоа партнерите доброволно го прифаќаат.
- Односот со непознат партнер носи голем ризик од сексуално жртвување, но и осуда од страна на средината. Исто така, прашање е колку е сексуалната авантура „исплатлива“ во средината во која мажите се патријархални, како во начинот на гледањето на жената што „пребрзо“ се согласува на сексуална врска, така и во односот кон нејзиното уживање. Но, наспроти се, социокултурните промени се евидентни - заклучува д-р Миќуновиќ.
Факти
Повеќе од една третина од жените имаат секс два до трипати неделно.
Повеќе од една половина од жените првпат воделе љубов на возраст до 18 години.
Една четвртина од жените се загреани за авантури за една ноќ.
Осумдесет отсто од жените сметаат дека во сексот ништо не е перверзно, ако тоа партнерите доброволно го прифаќаат.
Извор „Шпиц“