ГРЧКИТЕ ВЕСНИЦИ ЗА ПОСЛЕДНАТА СРЕДБА СО ПРЕГОВАРАЧИТЕ
ГРЦИЈА ПОВТОРНО ВО ПОХОД ЗА ОБЕЗЛИЧУВАЊЕ НА ИДЕНТИТЕТОТ
Грчките медиуми повторно полемизираат за ставовите на медијаторот Нимиц. По последната средба со преговарачите во Њујорк, се коментираат ставовите пренесени на Димитров и Василакис.
“Навтемборики“ пишува дека Нимиц за прв пат го поставил прашањето за македонскиот народ и јазик. Самиот Нимиц изјави дека при средбата, освен името, била разгледувана и неговата употреба и прашања поврзани со идентитетот и други слични прашања, што според грчкиот весник, упатува на “македонскиот“ јазик и етничката припадност.
- Тоа е нарушување на мандатот 817 кој Нимиц го доби од Советот за безбедност и во кој јасно е посочено дека мандатот е само за уредување на спорот за името со соседната држава - пишува “Навтемборики“.
Истиот весник пишува дека грчкиот преговарач добил наредба од Министерството за надворешни работи да истакне дека грчката страна ќе разговара единствено за спорот со името, а не и за прашања поврзани со етничката припадност.
Весникот “Експрес“ пишува дека во Атина и Скопје не владее ниту оптимизам, ниту песимизам за преговорите. Министерот за надворешни работи на Грција, Дора Бакојани изјави дека нејзината земја ќе продолжи да ги застапува истите позиции и ќе чека да види што ќе направи другата страна. Портпаролот на грчкото МНР, Георгиос Кумуцакос, пак посочи дека создадената атмосфера ги отежнува преговорите, но дека сепак преговорите се уште се “живи“, пишува Експрес.
“Елевтерос типос“ соопштува за пакет идеи кој бил претставен од специјалниот посредник на ООН и за што очекува официјални одговори од Атина и Скопје.
Според “То-Вима“ пакетот идеи не е од видот “тејк ит ор лив ит“ (take it or leave it). Како што пренесува весникот, Нимиц информирал дека за неколку седмици ќе се одржат нови средби и истакнал дека не зависи од него дали ќе се спроведе средба меѓу министрите за надворешни работи на двете држави.