Харалампие призна дека е "ФАЛШ ПРЕЗИДЕНТ"!
*Собранието во 2007 година немало кворум, а со тое и прилепчанецот немал доверба од делегатите. Тоа значи дека има основа за кривична одговорност на фудбалското раководство
Две години ФФМ има претседател кој ја нема довербата од делегатите. Две години или поточно од 2007 година и она скандалозно и сомнително Собрание во Струга каде се одлучуваше за доверба на Хаџи-Ристески или бојкот во интерес на Емил Божиновски. Зошто сега го враќаме филмот за цели две години и за случувањат во Струга? Таму Харалампие едвај собра кворум. На собирот му дојдоа 54 делегати!? Еден влезе и веднаш си замина или 53. Но! Сега сме 2009 година. Сега важи истиот статут на ФФМ како и во 2007 година. Како сега ФФМ го чита статутот!? Секое нотарско повлекување на делегат се верификува на Собрание и истиот има право на глас на следниот таков собир откако ќе му биде верификуван мандатот. Така во четвртокот генералниот секретеријат и претседателот Хаџи-Ристески објаснија зошто новиот делегат на ОФС Струмица (Масар Омерагиќ) ќе нема право на глас. Тоа беше и потврда за направениот криминал и голем фалсификат во 2007 година во Струга. Во четвртокот на брифингот во ФФМ Хаџи-Ристески сам се "закопа" и призна измама. Како во 2007 година на ист начин се спасил, а сега не го почитува тоа правило на игра? Но и во октомври оваа година се случува нотарско повлекување од ОФС Куманово за да се верифукува мандат на еден од најблиските соработници на Харалампие. Како за сите оние кои се со фалсификуваниот режим во ФФМ важат едни закони, а сите оние кои се против ги нема на листите.
Да потсетиме каде е направен фалсификатот!? На Собранието во Струга имаше 52 делегати со верификуван мандат и двајца (од ОФС Струмица и од ОФС Скопје) кои го добија мандатот на самото Собрание, кое, пак, брои како што е познато 106 делегати а за работа се потребни 54 делегати. Тоа значи дека Хаџи-Ристески имал двајца делегати помалку и не ја добил довербата од делегатите, а со тоа и сите одлуки кои се направени на тоа Собрание се невалидни. Уште во тоа време собирот и поддршката на прилепчанецот беа сомнителни. Но ете сега се докажува дека ако важат законите важат и за него. Во тоа време Хаџи-Ристески беше под условна казна за измама поради финансиски криминал од 2005 година. Во Струга тој направил нова измама со што органите на власта требало да го гонат и да ја активират затворската казна. Според статутот на ФФМ лице кое е кривично осудувано нема право да биде претседател на ФФМ. Хаџи-Ристески ја сокри таа пресуда и го излажа Собранието кое во 2005 година му го довери вториот мандат. Еве сега се докажуват уште нерегуларности. Последните неколку Собранија на ФФМ поради истите причини и верификацијата на мандатите на делегатите немале 2/3 мнозинство па така сите измени во статутот се нерегуларни.
Чуди фактот што сите оние кои пред две години го спасуваа прилепчанецот сега му го свртеа грбот. На многу фудбалски работници го прочита Харалампие со тоа што некои порано а други подоцна му ја откажуват соработката. Новите факти докажуваат дека со фалсификати и со немање кворум Хаџи-Ристески останал на претседателската фотелја. Одговорност треба да има и за него, но и за неговите најблиски соработници, а најмногу за Лазар Нанев. Тоа е претседателот на општинскиот суд во Кавадарци кој е најмеродавен да ги спроведува законите, а во случајот во фудбалската федерација каде во последниве 8 години тој е еден од главните кои вршпат корекции и дополнувања. Во тоа време речиси сите медиуми му аплаудира на "фалш президентот" а опозиционерите ги нарекоа "пучисти", кои сега излегува дека биле во право и дека ја имале поддршката. Голема одговорност треба да преземат и луѓето од УЕФА и ФИФА, кои во тоа време дојдоа да ги смируват страстите без да знаат каков фалсификат направил нивниот пулен Хаџи-Ристески. Со кое право следеа уцените со суспензии и му наредија на Емил Божиновски да се повлече од зградата на ФФМ. Сега и самиот Хаџи-Ристески во случајот со Омерагиќ потврди дека ја немал довербата од Собранието во 2007 година. Можеби е веќе време во ФФМ да интервенираат државните судски власти кои доволно ја штитат диктатурата на Хаџи-Ристески, кој во овие 8 години стотици пати ги прекрши правилата на игра, а никој не му пресуди за таквите злоупотреби. Има ли крај и до кога Харалампие ќе владее со "фалш" поддршка!?
И. Д. Ивановски
Зошто АМС го штити ФФМ!?
Во целата оваа проблематика околу ФФМ нејасни се ставовите и одлуките на Агенцијата за спорт и млади. Кога треба даваат решенија на ОФС за занимавање со дејност спорт, па на моменти кажуват дека немат ингеренции да се мешаат во матните игри во ФФМ. Ако е тоа така, кој има надлежност да ги контролира случувањата во фудбалот и да укажува на неправилностите и да ги лови фалсификатите!? Кога треба Агенцијата е добра со Хаџи-Ристески иако тој пред своите најблиски соработници напоменува дека ФФМ има свои закони и дека нема да се почитуват одлуките на АМС па така право на глас на 21 ноември ќе имаат и оние ОФС кои немат решенија. Зарем никој од власта не гледа во каков хаос е фудбалот и зарем толку брзо заборавија што им направи Хаџи-Ристески пред пријателскиот меч со Шпанија!?
Денеска Николовски на прес
По двете обраќања пред јавноста на Масар Омерагиќ сега на потег е и другиот фудбалски работник кој се обидува да ја добие довербата за претседателската функција во ФФМ. Благоја Николовски пред неколку недели на прес-конференција ја презентираше својата кандидатура, но и програмата со која се надева дека ќе ги убеди делегатите да гласаат за него.
Денеска, во 12 часот, во хотелот "Карпош", Николовски ќе има нова средба со новинарите.