АРМ откри дел од мистеријата во Јасен
Што се крие во Јасен? Армијата денеска реши да ја открие мистеријата. На јавноста делумно и откри некои од подземните скривалишта во шумскиот резерват.
Ова е објектот Коломат, кој навидум е само трошна куќа, а е наменет за сместување на државниот врв во случај на војна. Има простор за сместување на околу 50-тина лица. Просториите не се модерни, но редовно се одржуваат. Најуредена е салата за состаноци, од каде во воени услови со одбраната би командувал државниот врв. Во објектот може да се престојува и неколку месеци, бидејќи располага со средства за врски и телекомуникации, како и за напојување со електрична енергија и со вода.
„Во војна салата би била дополнително уредена со опрема за командување, ова е еден од посебните објекти од интерес за одбраната“, изјави Полковник Чедо Крстевски од ГШ на АРМ.
Овие соби се направени многу одамна, уште од времето на ЈНА.
Објектот каде би престојувал државниот врв е заштитен од нуклеарно, хемиско и од биолошко оружје.
Армијата не откри колку вакви објекти има во Јасен. Ни го покажаа магацинот за чување храна, пекарата за производство на 500- тини леба дневно и ладилникот во кој би се чувале пет до шест тони месо. На оваа локација има можност за сместување на 150 лица.
Јасен, е едно од осумте безбедносни скривалишта. Опфаќа површина од 39 илјади хектари, поделена во три зони кои се ограничени за слободно движење, престој и населување.
Македонија по примерот на соседите реши да покаже што има во Јасен. Токму поради безбедносното значење Владата ја смени трасата на патот за Порече кој требаше да минува низ овој шумски резерват.
Срцето на Македонија - го нарекуваат од одбраната, бидејќи,с поред нив, тука има најдобри услови за командување во војна, но и за обука во мир.
(17.10.2005)
Јасен не е веќе мистерија.
Пишува. Васко МАРКОВСКИ Снимил: Милан СТРЕЗОВСКИ
Јасен - ловиште, национален парк, природен резерват или подземно скривалиште за македонскиот државен врв? Можеби е тешко да се дефинира што сe е Јасен, но едно е јасно - станува збор за еден од најнепознатите предели во Македонија. Во следните две изданија Форум ви го открива тој дел од непозната Македонија.
Можеме да објавиме стотици репортажи под заеднички наслов Непозната Македонија, но повторно ќе биде присутно чувството дека многу малку работа сме завршиле, сe додека не отидеме во Јасен, местото за кое никој не спори дека е едно од најнепознатите места во Македонија.
Поводот да појдеме во Јасен е една неодамнешна средба со Михаил Малахов, директорот на Јавното претпријатие што стопанисува со резерватот, кој нe убедува дека повеќенаменското подрачје Јасен, како што официјално гласи називот, наскоро ќе биде привилегија за сите и врвна дестинација што ќе носи ловни туристи од сите краишта на светот. Решивме да ѕирнеме.
КУЛА
Водич во резерватот ни беше шумарскиот инженер Тони Арсовски, раководител за лов и шумарство во Јасен. Според договорот, со него се најдовме на крстосницата кај скопското село Нова Брезница оддалечено на 40 километри од центарот на градот. Оттаму заедно тргнавме кон месноста Кула, кон влезот. Првото нешто што ќе го видите зад капијата на резерватот се неколкуте ловечки куќички на планината Караџица, на 1.060 метри надморска височина. Куќите се со специфична архитектура, во форма на пирамида. Како што ни објаснија домаќините, зиме тука паѓа и по еден метар снег, па затоа било одбрано такво архитектонско решение. Ѕидовите во собите се украсени со трофеи
од помалку вредниот дивеч што го отстрелале поранешните гости на ловиштето, што не е случај и со врвните трофеи кои ги носат со себе. Од каде се ловците што доаѓаат во резерватот, најдобро ќе видите од врамените репортажни статии за Јасен по ѕидовите, објавени во угледни светски списанија за лов и природа. Секоја куќичка има засебно парно греење, а за посебно доживување во секоја има камин. Остана уште да ги причекаме неколкуте работници што требаше да ги пренесеме со џипот до другите делови на Јасен низ кои ќе поминеме.
НЕОТКРИЕНИ ПЕЈЗАЖИ
Големата табла што ја видовме веднаш по тргнувањето најави дека патот е тесен 2 до 2,5 метри, а првиот пејзаж најави дека ќе се движиме низ шума од црн бор и варовнички карпи. На десетина минути возење од Кула ја имавме првата средба со езерото Козјак, кое се договоривме да го видиме одблиску пред крајот на денот. Патот е навистина тесен и непрегледен и речиси е невозможно да се разминат две возила. Во тоа се уверивме кога нашиот ленд ровер нагло застана за да се размине со камиончето со работници на Јасен тргнати накај Кула.
“Обично се договараме, но сега не очекувавме некој да дојде отспротива. Но, ние го знаеме патот, па знаеме да се извадиме”, ни рече нашиот водич.
Овој пат лесно се извлековме - ленд роверот има високи тркала и може да се качи на карпестата банкина, но тешко би можеле да се извлечеме со автомобил, без да скршиме полуосовина или без друга сериозна повреда. Имајќи ги наум и видливите траги од големите пожари во 1994 и во 2007 г., помислувате дека би било голема авантура повторно да се пушти за јавен сообраќај патот што некогаш водел одовде до Македонски Брод. Гледано од око, ви се чини дека единствено рационално решение е да се пробие нова лента, но брзо се прашувате колку и тоа е рационално и исплатливо гледајќи го карпестиот предел низ кој се пробивате кон Порече.
.
Единствениот објект што го видовме по патот беше некогашната смоларница, каде што се собирала смолата од боровите дрвја сe до откривањето на синтетичките масла. Во ридовите и долините што се отвораат пред вас веднаш ќе ги забележите големите висинските разлики на теренот во кругот на резерватот, кои се движат од 319 до 2.473 метри надморската височина. Шумичката од левата страна на патот најави дека се движиме покрај коритото на реката понорница Оча, најголемата река по Треска во кругот на Јасен. Пробивањето покрај скриениот водотек беше прилика да видиме дел од опремата за одгледување на дивечот - хранилки, фаќалки и солишта. На целата површина на резерватот се поставени околу 200 хранилки и 300 солишта за елени и диви свињи, за кои секојдневно се грижат работниците на Јасен покрај другите дневни обврски. Еден од зафатите што треба да ги подобри условите за живеење на дивечот е и каптажата под сртот на планината, од левата страна на патот, со која се зафаќа водата од повисоките извори и преку цевковод се спроведува до пониските делови на резерватот, за напојување на дивечот. До нашето одредиште останаа уште десетина минути возење, па решивме накусо да се одмориме кај Ристова чешма гледајќи ги крупните мрени и крапови во базенот со свежа риба од рибникот на резерватот.
КРЕВЕТОТ НА КАСТРО
Дрвената куќа од спротивната страна на серпентината најави дека пристигнуваме во Селиште, некогаш село, денес мала ловечка населба со неколку куќи. Застанавме пред камена куќарка со трофеј од муфлон. Нe пречекаа голем црн шарпланинец и неколку работниците од овој дел на резерватот. По шарпланинецот дојдоа и пет-шест мали шарпланинчиња, растрчани околу мајката која веќе тргнала кон џипот од љубопитност. Дознавме дека кутрињата се најновиот пород од фармата за шарпланинци во овој дел од резерватот.
“Сега ќе ги видиме куќите”, ни најави Арсовски, покажувајќи кон трите ловечки куќи, секоја различна една од друга.
Почнавме од зелената куќа што ни се виде најздрава и тазе реновирана. Поучени од искуството со ловечките куќи кај Кула, знаевме дека и тука треба да очекуваме убаво уредени соби украсени со трофеи, опремени со парно греење и луксузни бањи. Но, добивме и нешто поопипливо. Бевме решени да разбереме барем едно звучно име од ВИП-гостите што престојувале во Јасен, и покрај строгиот режим за чување на тајноста на идентитетот на гостите. На крајот ни успеа. Кога веќе не ни беа доволни имињата на поранешните комунистички функционери Лазар Колишевски и
Благој Попов, на високи сојузни функционери од времето на СФРЈ и на министри од транзицискиот период на Република Македонија, успеавме да искамчиме име на светски лидер.
“На овој кревет спиел Раул Кастро, сегашниот претседател на Куба”, ни признаа домаќините од кои настојчиво баравме да го потврдат или да го одречат нашето сознание.
Продолживме со белата вила и дрвената куќа што ја видовме од спротивната страна на серпентината. Кој би рекол дека некогаш ќе седиме во салон на луксузна куќа од дрво на околу 70 километри зад Водно, ѕиркајќи низ прозорецот да видиме дали ќе помине некој муфлон или елен лопатар, со студени лименки пијалак од фрижидерот во куќичката? Зар не е воодушевувачки кога ѕиркајќи низ прозорецот ќе здогледате пупунец или некоја друга егзотична птица на телефонската жица на неколку метри од прозорецот?