Заборавив, господине Нимиц, и Солун е наш
Ново писмо му пишува премиерот на посредникот. Намерата за пишување писма минува во навика, навиката во пасија, пасијата во манија. Премиерот, секако, мисли дека и' прави крупни пробиви на македонската биднина. Всушност, и' прави ненадоместлива штета на македонската дипломатија. Веројатно поради недостигот од искуство, промовира нови, рационални, штедливи и еднонасочни методи во меѓународната комуникација на земјава.
Дипломатската инфраструктура на државата, досегашните институционални стандарди на процедура, во неговата практика, се чини, се методи од минатото. Сега и министерот задолжен за таквите активности слободно може да поминува повеќе време меѓу луѓето во селата и во градските населби. За странските работи надлежностите како целосно да ги презема неговиот службен и партиски шеф. Ем поевтино, со писма, ем не мора, кога им се обраќа, соговорниците да ги гледа в очи. Што убаво, сам пред огледалото од домашно производство.
А само пред неколку дена, во изјава за новинарите, или преку „Гласот на народот“, му порача на американскиот дипломат „да внимава пак да не излезе од својот мандат“. Потегот со писмото за МПЦ до посредникот Метју Нимиц, во кое го упатува американскиот дипломат тој од грчката страна да бара таа да ја признае нашата црква, не само што води кон директно блокирање на преговорите или разговорите, сеедно, и не само што директно и грубо го турка искусниот дипломат да излезе од својот мандат туку го исчаши сиромавиот во сите негови зглобови. Тој по ова проширување и надградување на пакетот за преговорите за името, веќе и не ќе знае што му беше во мандатот. Дали за името на нашата држава, дали за егејското прашање, дали за признавањето на автокефалноста на нашата црква... Ќе мора одново да sирне во Резолуцијата на ООН.
Па, сепак, не е најнеобјасниво тоа што премиерот пишува писма. Многу понеобјасниво е тоа што никој од неговата најблиска политичка партиско-интелектуална средина, никој од кругот на неговите најблиски министри и други соработници од доверба, а главно образовани млади луѓе, не се осмелува макар да го поттргне за ракавот. Макар да му каже да забави со скрибарењето. Зошто му премолчуваат неговите соработници кога белки тие добро знаат дека со лицемерните одобрувања на секој негов гест не му прават услуга. Ниту нему, ниту себеси, ниту на процесот, ниту на државава. Зошто не му предочат дека колку почесто пишува толку позабрзано се оддалечува од решенијата што ги заговара во писмата. Фактот што од неколку адреси доби одговор и не е некој аргумент. Во нив, освен неколкуте овдешни, домашни искривоколчени, ама глаголиво благопријатни реакции што милуваат по ушите, има уште само по едно дипломатско - ништо. Од дипломатските огласи тоа беше се'. Толку беа реалните ефекти од претходните писма.
Со последното упатено до Метју Нимиц, а во предвечерието на неговата нова рунда за решавање на спорот за името, а со тоа на свој начин и за НАТО и за ЕУ, македонскиот премиер го издрибла посредникот. Ама и себеси и државава. Не' дрибла и сите во неа. Па, нема да не' изненади, за историската приказна со писмата да биде комплетна, веќе деновиве до господинот Нимиц да испрати уште едно во кое од него ќе побара да ги потсети нашите јужни соседи дека - и Солун е наш.