Заушки им се закануваат на 200.000 млади
Лекарите се во дилема дали сите постари од 14 години сега првпат треба да примат вакцина, бидејќи не се знае какви последици може да остави врз нивното
На околу 200.000 млади им се заканува опасност од епидемија на заушки во земјава, од која до вчера заболеа 1.085 лица, најмногу како последица на непримената вакцина пред петнаесетина години. Здравствените власти деновиве треба да решат како да се справат со епидемијата на болеста, која може да предизвика стерилитет кај машките. Лекарите се во дилема дали сите што се постари од 14 години што до својата седма година не примиле вакцина против заушки, сега треба ја примат со оглед на непознатите ефекти врз нивното здравје. Од Републичкиот завод за здравствена заштита (РЗЗЗ) информираат дека бројот на заболените постојано се зголемува. Најпогодена категорија се средношколците. Кај нив бројот на заболените толку се зголемува што во повеќе средни училишта е речиси преполовен бројот на учениците што одат на настава.
- Епидемијата на заушки, од која лани имаше околу 6.000 заболени, продолжи и годинава. Од почетокот на годинава имаме најголема бројка на заболени. Најмногу ги има во Скопје - 288, во Кавадарци - 160, а во Прилеп - 137 - велат во РЗЗЗ.Во Куманово завчера биле регистрирани 60-ина заболени на возраст од 15 до 18 години. Први на ударот на болеста биле младите во ромската населба Средорек, а последниве денови болеста е проширена секаде во градот.
- Ова е резултат на тоа што децата родени меѓу 1990 и 1996 година не се вакцинирани. Тие се со послаб имунитет и затоа таа популација сега е најмногу инфицирана со заушки - вели епидемиологот д-р Предраг Ѓорѓиевски. Според пресметките, тоа значи дека во тој период невакцинирани останувале по околу 25.000 деца годишно или вкупно околу 200.000, а требало да примат вакцина прво на возраст од 13 месеци, а потоа и на седум години.
- Многу деца не примија вакцини бидејќи беше период на распад на дотогашната држава, па немаше вакцини за сите, а тие што беа добиени од УНИЦЕФ беа само за заштита од морбили, но не и против заушки и рубеола. Сега се чувствуваат последиците од тоа - изјавија вчера здравствените власти.Во РЗЗЗ утврдиле дека во критичните години, 24 отсто од децата воопшто не биле вакцинирани, 42 проценти биле заштитени само со една вакцина, а 32 отсто примиле три вакцини, но не развиле имунитет на болеста.
Лекарите посебно ги збунува и фактот што сега заболуваат и деца што навремено биле вакцинирани.
- Сега треба и тоа да се испита, за да се види дали тие заболуваат затоа што им е ослабнат имунитетот или затоа што се појавил нов вирус на заушки, кој не е опфатен со примената вакцина. Треба и да се реши дали сега ќе се вакцинираат таа ризична група млади - велат РЗЗЗ.Родители на деца што своевремено не биле вакцинирани, деновиве прашуваат во здравствените установи дали може да ги вакцинираат младите, кои сега имаат до 26 години.
- Еден лекар ми одговори дека се' уште не се знае какви последици за здравјето на моето дете би можела да има вакцината ако ја прими сега. Поинаку е кога таа се прима на мала возраст, а поинаку кога би се примила на 20 години, колку што сега има син ми - вели родител.Заушките се заразно заболување, кое се манифестира со оток на грлото и воспаление на дишните органи, а се пренесува преку дишење и допир, особено пред и во првите денови од болеста. Се пренесува со кивање, кашлање и со зборување, на оддалеченост и до 4,5 метри, а инкубацијата трае од 14 до 21 ден.
Вирусна „свадба“
Епидемијата не само што ги зафаќа младите што не примиле вакцини, туку нејзиното ширење се должи и на тоа што сме во период кога тој вирус е посебно засилен. Според здравствените власти, постои закономерност со која на секои четири години се случува значително зголемување на заразноста од одредени вируси. Во медицинските кругови таа појава се нарекува „свадба“, по што во нередните години силината на вирусот опаѓа.
ИНФО- Заболуваат и вакцинирани
Околу 200.000 млади се загрозени од епидемијата на заушките во земјава од кои до вчера заболеа 1.085 лица, најмногу како последица на непримената вакцина пред петнаесетина години. Збунува и фактот што сега заболуваат и деца што биле вакцинирани.
http://www.dnevnik.com.mk/?ItemID=8364652A5E92A24CA1FC653B57238EED