Портрет
Кирил Лазаров го покори светот
Со 92 гола во Хрватска Лазаров е новиот рекордер на сите мундијали
Роберт Димитриевски
Струмица, 3 јануари 2003. Сите известувачи од квалификацискиот натпревар со Бугарија за Европското првенство 2004 во Словенија, премрзнати од незагреаната сала „Парк“, се топлеа залепени до радијаторите во хотелот „Илинден“, кога во фоајето влезе тој за да им каже нешто што му лежеше на душата.
„Видовте ли во какви услови игравме? Нема врска. Напишете дека ќе играм само за Македонија и за никој друг. Имам понуди од Унгарија и од Хрватска, но не ме интересираат. Ме интересира само успехот на мојата татковина. Јас сум Македонец и нема да се смирам додека не ја одведам мојата земја на некое големо натпреварување. Без тоа ништо не ми вредат клупските и лични успеси“, изрецитира тогаш Кирил Лазаров, длабоко се издиши како да му падна камен од грбот и продолжи смирено да одговара на прашањата на новинарите.
Цели шест години подоцна му се оствари сонот. Го исполни ветувањето и немаше посреќен човек на светот од него. Со капитенската лента на раката во незаборавниот јануари за македонскиот машки ракомет ги предводеше соиграчите од националниот тим до 11. место во светот, а самиот влезе во историјата на ракометните мундијали како рекордер по бројот на голови на едно првенство. На девет натпревари вкупно 92 пати се запиша во листата на стрелците и за шест погодока го надмина дотогашното најдобро постигнување на Кореецот Кјунг-шин Јун од Исланд 1995. Токму против Јужна Кореја во мечот за конечен пласман бркаше десет гола, кои ги имаше постигнато веќе во 41. минута, за на крајот да застане на 15! Тринаесет „лесни парчиња“, пак, им подели на досегашниот светски вицешампион Полска и на шестопласираната од Олимпијадата во Пекинг, Русија, во групата од првиот круг во Вараждин, каде што до црвениот картон во 47 минута против бранителот на титулата Германија веќе имаше девет гола зад своето име. До синоќешната разврска во борбата за медалите, го делеше и првото место кај асистентите со 39 додавања, колку што забележа и тунискиот капитен Хајкел Мганем.
„Се разбира дека сум среќен и горд на своите игри на ова СП, како и на рекордот, кои немаше да ги остварам ако не беше поддршката од моите колеги од репрезентацијата, но најважно е дека ја претставивме Македонија во едно многу убаво светло. Срцето ми е полно и поради навивачите, кои беа фантастични, покажувајќи и во Вараждин и во Задар како се сака и бодри својата земја. Мило ми е и за еуфоријата што се создаде во Македонија, на која и' донесовме малку радост во овие тешки времиња“, не заборави никого од списокот за комплименти човекот кого хрватските медиуми го нарекоа „ракометниот Александар Македонски“. Репортерот на „Вечерњи лист“, на пример, просто е заљубен во неговите играчки и човечки квалитети, постојано тврдејќи дека со Кире во тимот Хрватска не би можел никој да ја победи.
А колку само нерви истенчи Лазаров за да се избори за соодветен статус за репрезентацијата во целина, но и за личните потреби на соиграчите. Како врвен професионалец упорно бара(ше) адекватни услови за подготовки, силни контролни натпревари, квалитетна опрема и соодветна награда за евентуален успех. Инсистирајќи на ваквите предуслови за големи резултати, во неколку наврати се жртвуваше и себеси. Малку недостигаше да крене раце од се' уште кога преминуваше од битолски Пелистер во Загреб во 2000 година, кога битолчани побараа за тоа време астрономска отштета од 150.000 германски марки, која со посредство на Ракометната федерација на Македонија беше преполовена и во голем дел компензирана со спортска опрема!? Му се налути на тогашното раководство на РФМ во баражот за ЕП 2002 против Израел, кога не отпатува на првиот меч на гости во кој загубивме со 29:19, што се покажа недостижно за реваншот. Беше бесен и на актуелниот естаблишмент во Федерацијата пред ланските јануарски квалификации за СП во Хрватска, кога непотребно се измалтретира возејќи од Загреб до Скопје за да стигне на предновогодишниот собир на репрезентацијата, не знаејќи дека тој е одложен за по Нова година!? Во знак на протест, го пропушти стартниот двомеч со Бугарија, но кој знае по кој пат му подлегна на патриотското чувство и се врати за клучните дуели со Португалија.
„Организацијата отсекогаш ни била слаба страна. Со импровизации не се стигнува далеку во врвниот спорт. Затоа е и подобро што не се пласиравме во полуфиналето, бидејќи ќе беше необјективно и контрапродуктивно да се прескокнат неколку фази. Секој добар резултат и пласман мора да се гради чекор по чекор, па за нас е од суштинска важност да играме на ЕП во Австрија в година. Поради континуитетот на настапи на големите натпреварувања, меѓу пласман во првите шест на ова СП и учество на ЕП без двоумење го избирам второто“, резонира најдобриот десен бек во светот.
Кирил Лазаров пред мундијалот во Хрватска можеше да се пофали само со клупски успеси. Минатата сезона во Лигата на шампионите го подели првото место меѓу стрелците заедно со Исланѓанецот Олафур Стефансон, обајцата со по 96 гола, а сам го оствари тој подвиг во 2006, кога во дресот на унгарски Веспрем постигна 85. Пред стартот на четврт-финалните групи во ЛШ заостанува само еден гол зад водечкото трио Кристијансен, Шмид и Вуин, кои имаат по 49.
Најуспешниот македонски ракометар на сите времиња роден е на 10 мај 1980 во Велес. И татко му Благоја играл ракомет, а кратко време беше и селектор на македонската кадетска репрезентација. Со брат му Филип, пак, беа дел од македонската бековска линија на СП во Хрватска. Оженет е со Љубица, со која е во брак од 2007 и со која ги имаат тригодишниот син Благојче и ќерката Лана стара една година.
Линк