Пратеничките места според Донтовиот модел
Мандатите ќе се делат со примена на чист пропорционален модел, без изборен праг за влез во Собранието. Од секоја од шесте изборни единици во Парламентот треба да се добијат по 20 пратеници
Мандатите за новиот парламентарен состав, за кои гласаа македонските граѓани, Државната изборна комисија ќе ги распредели со Донтовиот модел. Мандатите ќе се делат со примена на чист пропорционален модел, без изборен праг за влез во Собранието. Од секоја од шесте изборни единици во Парламентот треба да се добијат по 20 пратеници. Секоја изборна единица има приближно ист број гласачи, околу 300.000.
Откако ќе бидат преброени гласовите што ги добиле листите со кандидати во сите изборни единици поединечно, ДИК со Донтовиот модел треба да ги распредели дваесетте пратенички места од секоја изборна единица. Според Донтовиот модел, вкупниот број гласови што ќе ги добие секоја листа поединечно се дели со низот 1,2,3,4, до 20. Така добиените изборни количници се подредуваат по големина, а најголемите дваесет се местата што ги добиле листите. Секоја листа со кандидати добива пратенички места колку што има најголеми количници во тие дваесет. Доколку при распределбата на последното, дваесетто место се јават два идентични количника, тоа пратеничко место се определува со ждрепка.
Право на глас на предвремените парламентарани избори имаа 1.779.116 граѓани запишани во Единствениот избирачки список. Тие на 2.976 гласачки места се изјаснуваа за вкупно 18 листи со 1.540 кандидати за 120 пратенички места во Собранието.
Во Изборната единица 1 беа поднесени 16 кандидатски листи. За нив можеа да се изјаснат 295.917 гласачи. Во изборната единица два имаше 15 кандидатски листи, а бројот на гласачи е 303.120. Во изборната единица три има 288.585 гласачи, а беа поднесени 11 кандидатски листи. Во Изборната единица четири, 289.664 гласачи можеа да избираат меѓу 10-те поднесени кандидатски листи. Во петтата изборна единица имаше 12 листи, а можеа да гласаат 290.101 граѓанин. Во последната - шеста изборна единица, 311.729 избирачи својот глас можеа да го дадат за 13 поднесени кандидатски листи.
ДОНТОВА ФОРМУЛА
Ако на изборите учествуваат три партии со свои листи, А,Б и В и добиле, листата А 120.000, листата Б 80.000, а листата В 60.000, бројот на гласовите на секоја партија се дели со еден, два, три,... се до 20. Според Донтовата формула, од партијата со листа А во Собранието би влегле првите девет кандидати од листата, од листата Б би влегле шест пратеници, а од листата В пратеници ќе бидат првите петмина од листата.
Новото Собрание до 22 јуни, Владата до 6 август
Конститутивната седница на новоизбраното Собрание треба да се одржи најдоцна 20 дена по одржаните избори. Седницата ја свикува претседателот на Собранието од претходниот состав. Доколку не се закаже конститутивна седница во предвидениот рок, пратениците сами се состануваат и го конституираат Собранието на дваесет и првиот ден од денот на завршувањето на изборите.
Претседателот на државата е должен во рок од десет дена од конституирањето на Собранието мандатот за состав на Владата да го довери на кандидат на партијата, односно партиите што имаат мнозинство во Собранието.
Уставот одредува дека мандатот се доделува на кандидат на партија, односно партии кои што имаат мнозинство во Собранието со освоени 61 пратенички мандат. Во случај на освоени ист број пратенички мандати од страна на две партии, односно коалиции, претседателот на државата ќе го додели мандатот за состав на нова влада на оној кој ќе демонстрира дека зад него стојат потписите на 61 пратеник.
Мандатарот во рок од 20 дена од денот на доверувањето на мандатот, на Собранието му поднесува програма и го предлага составот на Владата. Седницата за избор на Владата, претседателот на Собранието ја свикува во рок од 15 дена од денот на приемот на предлогот за состав на Владата и програмата. Собранието ја избира Владата со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.
Според предвидените рокови, Македонија би требало да го добие новото Собрание најдоцна до 22 јуни, а новата Влада до 6 август.
eve ogace kako se delat pratenickite mesta