Од 1916 - 1918:
Од охридскиот манастир „Свети Наум“, кој една година бил под бугарска власт, освен парите што биле предадени на капитализирање преку синодот во Кооперативната банка во Софија, биле одземени повеќе вредносни старини. Тие, по наредба на митрополитот Борис, биле однесени во софискиот Народен музеј. Меѓу другото, таму ја однеле плаштеницата извезена со злато, позлатен путир, сребрена кутија со свети мошти од разни светци и две старословенски евангелија со корици од сребро.
Од тамошната црква „Свети Климент“ биле однесени „на чување“ во софискиот музеј и плаштеница на Андроник Палеолог, златна митра на св. Климент со бесценети камчиња и со крвче; реставрираниот жезол на св. Климент со змија од слонова коска, најдена во 1911г. кај Имарет во Охрид, каде што бил закопан св. Климент, а Бугарите ги однеле и царските двери од црквата и бронзениот полилеј што бил составен од 19 дела.
За тоа сведочат документите што се презентирани во книгата „Документи за оштетувањата и грабежите на цркви и манастири на територијата од Македонија во Првата светска војна“, издадена од Друштвото за наука и уметност од Битола во 1985 година.
Сто икони се извадени и ограбени од црквата „Св. Петка“ во с. Маловишта, општина Цапари. Од манастирот „Св Илија“ во Драгош се однесени 25 икони; 20 големи и 21 мала икона се земени од црквите од општината Секирани, 20 икони од цркви во општината Ивањевци. Седум цркви се срушени во општините Брусник и Трново; седум икони се однесени од општината Стругово. Од црквата во Рувци, Прилепско, одземени се икони, како и од цркви во општината Наколец, но нивниот број не се знае. Загинале и иконите во селото Подмол, мариовска околија; потоа од црквите во Старавина, Градешница, Брод, Тепавци, Гнеотино.
Икони се однесени и од параловскиот манастир „Св. Ѓорѓија“, општина Новаци, од црквата „Св. Аранѓел“ во Могила, „Св. Никола“ во Раштани.
Од Време, број 705, 01.05.2006