ПРВА НАЦИОНАЛНА КАБЕЛСКА ТЕЛЕВИЗИЈА
А2 сериозно забавна
Првата национална кабелска телевизија А2 во средата почна да ја емитува својата експериментална програма, како втор канал на националната телевизија А1. Се предвидува да биде вистинско освежување во македонскиот етер бидејќи емисиите кои ќе ги емитува се замислени како информативни магазини со алтернативни новинарски содржини, каде веќе афирмирани, но и млади домашни новинари, ќе ги предводи уредникот Александар Чомовски. Главната цел на овој нов канал е навремено и балансирано известување од местото на настанот, а тоа новинарите ќе го презентираат во едночасовниот магазин „Студио 2“. - А2 е првата национална кабелска телевизија која влегува во домовите, но не само во Македонија, туку преку сателит се шириме на другите континенти. Го гледаме светот, но и светот не гледа нас. „Студио 2“ не прави вести, туку истражува што се крие зад насловите, од другата страна на приказната, ви ги раскажува нераскажаните стории. Ќе бидеме и таму каде што не не очекуваат - вели Снежана Лупевска, уредник во телевизијата А2. - Нам политичарите и политиката не ни се во фокусот, барем од оној агол што до сега гледачите навикнале да ги гледаат. Ние ќе ги вратиме во реалноста затоа што нашите гледачи се нивниот суд - додава Лупевска. Целосната програма на А2 ќе почне од септември, а дотогаш новинарската екипа ќе го презентира, промовира и ќе го претставува својот начин на работа, но и ќе истражува на сериозен, но и на екстремно забавен начин. - Од септември А2 ќе биде со целосна содржина, разговори, анализи, репортажи, светски теми и со регионални дилеми. А на „Студио 2“ се приклучуваат и „Еврозум“ на Борјан Јовановски, „Со Чом“ на Чомовски, но и нови емисии со Лирим Дулови, Атанас Кировски и со нашите аналитичари и репортери - вели Лупевска. Освен емисиите во живо, на програмската шема на телевизијата А2 ќе може да се проследат многу емисии од шоу-бизнисот, хит-серии, телевизиски новели, сатира, комедии, најновите филмски остварувања и документарни филмови. Во рамките на утринската програма гледачите во Македонија првпат ќе можат да ги проследат најновите документарци од продукцијата на светски познатиот канал „Дискавери“, а секој вторник и четврток во 20 часот ќе биде емитувана првата сезона на најпознатата криминалистичка серија „Истрага на местото на злосторството: Лас Вегас“. Секој ден, точно на полноќ, уживателите на добриот црн хумор ќе може да ја гледаат серијата „Саут парк“, потоа хумористичната серија „Скриена камера“ и сатиричниот журнал „Дневно шоу со Џон Стјуарт“, добитник на награда „еми“, каде гости се познати политичари, поранешни американски претседатели и амбасадори. Секоја сабота (20 часот) е термин резервиран за документарецот „Тито: црвено и црно“ со досега необјавени архивски снимки и строго доверливи документи за Јосип Броз Тито, еден од најконтроверзните политичари на 20 век. Наскоро на програмата на телевизија А2 ќе почне да се емитува и документарната серија „Прекрасниот живот на...“, во продукција на познатиот музички канал „Ви- ејџ 1“, каде во секоја епизода се прикажани пикантни детали од животот на славните холивудски ѕвезди, а од телевизиските новелите секој работен ден во 17 часот ќе се прикажува комедијата „Лалола“.
http://www.vreme.com.mk/DesktopDefault.aspx?tabindex=0&tabid=1&ArticleID=93662&EditionID=1442