Под режимот на браќата Галев
Пламен Галев и Ангел Христов
Во бугарскиот град Дупница се применуваат други закони: двајца поранешни полицајци го имаат последниот збор
СОФИЈА - Лидија Павлова внимателно гледа секој пат кога ќе се отвори влезот во нивниот стан во бугарскиот град Дупница. Вчера џипот со темни стакла не беше таму. Загрижената 40-годишна новинарка го заврти бројот на мобилниот телефон на својот син и и' олесна кога слушна дека момчето е дома.
Лидија е претпазлива, бидејќи напиша напис што придонесе да се притворат злогласните браќа Галев. Браќата Галев, всушност, не се браќа. Пламен Христов Галев и Ангел ја познаваат полицијата. Таму, тие се бореа против организираниот криминал. Потоа, ги сменија страните.
Тие де факто владеат во градот со 40.000 жители Дупница, кој многумина го нарекуваат Галевград - градот на Галеви. Иако градот се наоѓа само 60 км од Софија, таму владеат поинакви закони - оние од феудализмот. Кога браќата Галев имаат важни деловни состаноци, градоначалникот го напушта кабинетот.
Новинарката Лидија конечно се осмели да контактира со обвинителот за да се пожали дека нејзиниот син е претепан во диско од луѓе на браќата Галев. Браќата се заканиле дека доколку не ги повлечат изјавите, синот ќе настрада. Храбрата новинарка не може да биде заплашувана.
Процесот за тајните во Дупница е активиран. Јасно е дека има обичаи и симболи што треба да се почитуваат, што покажува кој го има влијанието. „Ако некој го бакне часовникот на Пламен, влегува во неговото најблиско опкружување. Со тоа е заштитен и му е овозможено комерцијално работење“, вели еден од нив, кој допрел злато со усните.
Во мај 2006 година, кога локалниот парламент дискутираше за организиран криминал, пратениците слушнаа ужасни стории. За пекарите кои одбиле да платат за заштита. За деловни луѓе кои биле врзани со синџири, киднапирани и претепани.
Тогашниот министер за внатрешни работи, Румен Петков, ја посети Дупница и изјави дека нема организиран криминал, па дури ни мафија. Тоа го постави Петков против актуелниот градоначалник, а браќата Галев објавија војна. Но, конечно и министерот за внатрешни работи падна поради Дупница. Се покажа дека тој тајно бил со „браќата“ и се интересирал за нивниот начин на контролирање. Опозицијата одржа состанок на кој премиерот Сергеј Станишев побара итна оставка од министерот. Станишев, исто така, отвори Државна агенција за национална безбедност, за борбата против корупцијата, и испрати претставници на власта во Дупница.
Во меѓувреме, браќата Галев се во притвор пет месеци. Тие се обвинети дека организирале криминална група. Неверојатно, но тие се' уште имаат многу следбеници. „Во општината владее хаос. Се' додека раководеа тие, имаше совршен ред“, велат во Советот. Полицаец од Дупница отворено признава дека неговите колеги точно знаат на што се должи тоа. „Имотот на браќата Галев го нарекуваме прва полициска станица, а официјалната - втора полициска станица. Ако државата ја извршува својата задача, нема да бидат потребни луѓе како браќата Галев“, вели млада жена во едно кафуле во градот.
Браќата Галев се' уште не се изведени пред суд. Со оглед на судската практика во најкорумпираните области во Бугарија, луѓето велат дека многу скоро „браќата“ ќе се вратат дома како херои. „Во јули ќе бидат ослободени и ќе можат слободно да се движат, бидејќи на политичарите им се потребни нивните пари“.
http://www.utrinski.com.mk/?ItemID=4B8197C030471D438FEA88C761B16CBF