Еве што вели Шекеринка...
„Можно е Македонија да биде двоен победник, да не се откаже ниту од своето уставно име, ниту од својот идентитет, но разумно, паметно и активно да преговара со вистински тим за да ја добие поканата за членство во НАТО на Самитот во Букурешт“, изјави Радмила Шеќеринска, по денешната средба со амбасадорот на САД Џилиен Миловановиќ.
Шеќеринска и Миловановиќ се согласиле дека за Македонија е многу важно во следните неколку дена да не направи грешка.
„Сметаме дека постои целосен консензус во Македонија, дека ни е потребно членство во НАТО и дека тоа треба да се сработи до втори април, без притоа Македонија да прави непотребни и неоправдани отстапки во делот на својот идентитет и своето уставно име“, рече Шеќеринска.
Американската Влада, оцени лидерот на СДСМ, ќе и помогне на Македонија како вистински стратешки партнер, да се врати од Самитот во Букурешт како победник.
„Ние како македонска политичка елита, како македонски политички фактори ќе направиме се, Македонија до последен момент да се труди да биде активна, конструктивна и мудра за време на разговорите околу уставното име“, нагласи Шеќеринска.
На новинарско прашање дали е можен компромис со Грција, Шеќеринска одговори дека не би сакала да дава изјави пред тоа да го стори на следната лидерска средба.
„На сите ни е јасно дека оваа последна рунда преговори е најважна и дека на неа ќе се носат историски одлуки“, истакна Шеќеринска.
Таа не потврди дали е можно формирање широка коалиција предводена од СДСМ.
„СДСМ во моментов е сконцентриран да и помогне на Македонија. Сите аргументи, целата енергија, внимание и ум ги користиме за да и помогнеме на нашата држава да се врати како победник од Букурешт. Ако сакавме да профитираме политички и да правиме коалиции до втори април, немаше да бидеме вака конструктивни“, напомена Шеќеринска, додавајќи дека натамошното делување на СДСМ многу ќе зависи и од исходот на Самитот.
Извор: А1