Замислете чудо:
Највисокиот партиски орган на ДПА, Централното собрание вечерва во Сарај едногласно ја потврди одлуката на партиското раководство за напуштање на владината коалиција.
„Нашата партија од вечерва или поточно од утре повеќе не е член на коалицијата што почна да работи пред 19 месеци. Оваа одлука не е насочена против никого, ни против ВМРО-ДПМНЕ, ни против ДУИ, ни против СДСМ, ни против Македонците, туку напротив е про државата Македонија, про суверенитетот и интегритетот на Македонија и про патот кон евроатлантските интеграции“, рече претседателот на ДПА Мендух Тачи на прес-конференција по седницата на Собранието на партијата.
„Се надевам дека сите сериозни фактори внатре во државата и нашите најголеми поддржувачи - меѓународниот фактор ќе ја разберат како последен обид да се растури инструментот што води кон добра перспектива на Македонија“, изјави Тачи.
Тој нагласи дека нивната одлука е конечна и неотповиклива и оти нивните барања произлегуваат од Охридскиот договор.
„Сите барања кои ДПА ги поставува се точки на Охридскиот договор. Ние ништо ново не баравме освен признавањето на Косово. Барањата на Албанците во Македонија се стари 17 години, а во делот на нивното неостварување вина сноси и ДПА“, рече Тачи.
Тој потенцираше дека нивната рака е подадена за соработка и за постигнување договор Македонија што побрзо да влезе во евроатлантските структури со сите фактори кои се важни за постигнување на таа цел.
Претседателот на ДПА рече дека ја почитува коректноста на премиерот Груевски, кој како што кажа, чекал одлуката на ДПА да стане конечна па потоа да се изјасни.
Тој посочи дека од утре сите релевантни фактори во Македонија ќе се обидат да постигнат политички консензус за влез на Македонија во НАТО.
Прашан дали е точно оти премиерот Никола Груевски не сака Македонија да влезе во НАТО, Тачи рече дека Груевски и ВМРО-ДПМНЕ не се единствените дежурни виновници за настанатата ситуација.
„Вината сите ја сносиме можеби Груевски најмалку бидејќи помалку време од нас е во раководните структури. Луѓето кои сакаат евтини политички поени во овој период не се сериозни“, рече Тачи.
Во врска со поканата од НАТО и проблемот со името со Грција, Тачи нагласи дека се надева оти, како што рече, нашите поддржувачи ќе успеат да издејствуваат решение никој да не чепка во идентитетот.
„Ако ги решиме сите проблеми кои ги имаме ќе ја доведеме Грција во многу тешка состојба да стави вето. Како партија поддржуваме идентитетот и името да не се чепка, но не поддржуваме политика на фрустрации каде сака некој да профитира. Нема да дозволиме никој, ниту Грција ниту пак било која земја да чепка по идентитетот на на нашите сограѓани“, порача Тачи.
Прашан дали излегувањето од коалицијата не е направено во договор со Грција со цел Македонија да не влезе во НАТО, Тачи рече дека тој сигурно е еден од македонските политичари кои грчката влада не ги сака.
„Немам ни минимално разбирање за ветото на Грција и за злоупотребата на историјата што ја прават“, истакна Тачи.
А до друга страна:
Лидерот на ДПА за првпат во неговата политичка кариера со позитивна оценка за претседателот Црвенковски. Со неговите коментари за политичката криза, Црвенковски, според Тачи, покажал дека е единствениот што сериозно ја сфаќа ситуацијата во која се наоѓа државата.
„Ова е голем политички проблем со етнички реперкусии и мислам дека господинот многу јасно и точно го разбира проблемот. Сите други што пробуваат со техника или со броење, мислам дека не се упатени добро во суштината на проблемот“, изјави Мендух Тачи, претседател на ДПА.
За разлика од Претседателот, премиерот Груевски, кој се наоѓа на службено патување во Брисел, според лидерот на ДПА, не е свесен за сериозноста на ситуацијата. Вели дека не комуницираат ни преку телефон.
„Очигледно, не разбираме што се случува. Мојата рака е испружена и јас прифаќам секаква помош за оваа работа. Никој не зборува за проблемот, туку сите зборуваат за математика“, рече Тачи.
Според него, шесте точки за кои тој инсистира да се прифатат од македонското мнозинство, се само потврда на ставовите на западноевропските институции, дека истите мора да се усвојат пред самитот на НАТО во Букурешт.
„Ќе ве потсетам на изјавите пред неколку месеци на госпоѓата Розмари ди Карло, на госпоѓата Викторија Нуланд, на заклучоците на Советот на Европа и мислам дека некој тука се прави наудрен. Овие се потреби за Македонија, за ние да добиеме покана за членство во НАТО“, додаде Мендух Тачи.
Вечерва пред состанокот на партискиот одбор, на кој требаше да се освои одлуката за напуштање на владината коалиција, Тачи испрати позитивни сигнали и до косовскиот премиер Хашим Тачи, кој денеска искажал загриженост за политичката ситуација во Македонија.
Според Мендух Тачи, за првпат неговиот некогашен косовски партнер давал една државничка изјава.
Ај сега некој да каже дека моите анализи се грешни?