Фуере:
САМО СО ОБЕДИНЕТА ВЛАДА ДО ПРЕГОВОРИ ЗА ВО ЕУ
За да се дојде до преговори за членство во ЕУ, од витална важност е Владата да остане обединета, коалиционата Влада сега да демонстрира лидерство и водство повеќе од кога и да е за да ги разреши сите реформи односно предизвици, изјави европретставникот Ерван Фуере кој денеска заедно со потпретседателот Живко Јанкуловски во Долнени одржа трибина за евроинтегративните процеси.
Обединета коалициона влада е пораката што ја пренесува европретставникот по вчерашната средба со лидерите на ДПА Мендух Тачи и на ДУИ Али Ахмети.
- Таа порака ќе ја испратам и на попладневната средба со претседателот на НСДП Тито Петковски. За реформите да се спроведат и земјата да се придвижи на патот кон ЕУ од витална важност е владата да остане обединета, да работи колективно повеќе од кога и да е досега, да покаже чуваство на лидерство, детерминираност и решителност во спроведувањето на овие реформи, изјави Фуере.
Европретсавникот е со надеж дека проблемите ќе се разрешат.
– Колку што знам ДПА ја нема донесено финалната одлука. Вечер е централниот одбор на партијата и се надевам дека пораката што ја упативме за единствена Влада ќе ја разберат членовите на партијата, објасни Фуере.
Во врска со прашањата што ги покрена ДПА и ги посочи како проблематични, Фуере се надева дека во наредните недели и месеци на некој начин ќе бидат одговорени.
За одговор на прашањето за широка коалиција, европретставникот упатува на премиерот Никола Груевски иако знае дека во владината коалиција се дискутирало на оваа тема. Тој уште еднаш нагласи дека од суштинска важност во овој момент е сите тие колективно да работат на реформите кои се движечката сила напред.
За вицепремиерот и висок функционер на НСДП, Живко Јанкуловски воопшто не може да стане збор за широка коалиција.
– Сметам дека во овој момент не треба да стане збор за широка коалција, туку да продолжиме да работиме и да го остваруваме она што значи добро за земјата. Недоразбирањата ќе ги надминуваме се во интерес на државата и граѓаните, рече Јанкуловски.
Според него, ДПА на денешниот висок партиски состанок ќе донесе правилна одлука, односно ќе ја преиспита одлуката за излегување од владата.
– Најверојатно вечер, сметам, дека ДПА ќе се преиспита и на Централниот одбор ќе донесе таква одлука што ќе имаме можност да разговараме за тие прашања што ги поставија. Се се прави со добри разговори, а не со ултиматуми. Лидерите на партиите треба да ги имаат во преден план интересите на граѓаните и гласачите од кои се составени партиите. Секогаш треба разумно да се делува. Во тоа е големината на лидерите на партиите, рече Јанкуловски.
Тој вели дека не постои резервен план доколку ДПА остане на сегашната одлука.